Titus (1/3) → |
1. | Павле, Божји слуга и апостол на Исус Христос, според верата на оние кои се избрани од Бог и познавањето на вистината која е според побожноста, |
2. | со надеж за вечен живот што пред вечни времиња го вети Бог, Кој не може да лаже, |
3. | а во свое време го објави Своето Слово преку навестувањето, што ми е доверено мене според заповедта на Бог, нашиот Спасител - до Тит, моето вистинско чедо по заедничката вера: |
4. | благодат, милост и мир од Бог Таткото и Господ Исус Христос, нашиот Спасител. |
5. | Затоа те оставив на Крит, за да го средиш недовршеното и за да поставиш старешини по сите градови, како што ти наложив: |
6. | ако некој е непорочен, маж на една жена, ако има деца кои веруваат, кои не се обвинети заради разузданост или непокорност; |
7. | зашто надзорникот како Божји управител треба да биде непорочен, не самоволен, не гневлив, не пијаница, не тепач, не алчен за нечиста добивка, |
8. | туку гостољубив, љубител на доброто, разумен, праведен, свет, воздржлив, |
9. | кој се држи цврсто за веродостојното слово, кое е сходно со учењето, за да може и да поттикнува во здравото учење и да ги изобличува оние кои се противат. |
10. | Имено, има многу непокорни луѓе, празноречиви и измамници, особено од обрежаните, |
11. | на кои треба да им се затвори устата, зашто тие заради нечиста печалба растураат цели семејства, поучувајќи го она што не треба. |
12. | Еден од нив, нивни сопствен пророк, рече: "Криќаните секогаш се лажливци, зли ѕверови и мрзливи лапачи!" |
13. | Ова сведоштво е вистинито. Затоа искарај ги строго, за да бидат здрави во верата, |
14. | за да не им обрнуваат внимание на еврејските сказни и заповедите на луѓето кои ја изопачуваат вистината. |
15. | За чистите сè е чисто; а за оние кои се осквернети и кои не веруваат, ништо не е чисто, туку осквернети им се и разумот и совеста. |
16. | Исповедаат дека Го познаваат Бог, но Го одрекуваат со делата, и се одвратни, непослушни и неподобни за какво да било добро дело. |
Titus (1/3) → |