← Romans (9/16) → |
1. | Ја зборувам вистината во Христос, не лажам, мојата совест ми сведочи во Светиот Дух, |
2. | дека ми е многу жал и дека имам непрестајна болка во срцето. |
3. | Би сакал да бидам самиот како проколнат, одвоен од Христос, поради моите браќа, сродни по тело, |
4. | кои се Израелци, на кои им припаѓаат посинувањето, славата, заветите, на кои им беше даден Законот, службата и ветувањата; |
5. | чии се и татковците од кои потекнува и Христос по тело, Кој е Бог над сите, благословен во вечни векови! Амин. |
6. | Но не треба да се мисли дека изневерило Божјото слово, зашто не сите што водат потекло од Израел, се вистински Израелци, |
7. | ниту сите се Авраамови деца, со тоа што се негово потомство, туку "Твоето потомство ќе се нарече по Исак". |
8. | Тоа значи дека сите деца по тело не се Божји деца, туку децата на ветувањето се сметаат за потомство. |
9. | А словото на ветувањето е ова: "Ќе дојдам во тоа време, а Сара ќе има син." |
10. | Но не само тоа, туку и на Ребека, која зачна од еден, од нашиот татко Исак, |
11. | иако уште близнаците не беа ни родени, и не беа направиле ништо добро или зло, за да остане онака како што Бог беше определил по свој избор, да не зависи од делата, туку од Оној Кој повикува, |
12. | и беше речено: "Постариот ќе му служи на помладиот"; |
13. | токму како што е напишано: "Јаков го засакав, а Исав го замразив." |
14. | И така, што да речеме? Има ли неправда кај Бога? Никако! |
15. | Зашто Тој му вели на Мојсеј: "Ќе му се смилувам на оној спрема кого имам милост и ќе го сожалам оној спрема кого имам сожаление." |
16. | Според тоа, не зависи од оној што сака, ниту од оној што трча, туку од милостивиот Бог. |
17. | Зашто Писмото му вели на фараонот: "Те издигнав за да ја покажам Мојата сила во тебе и за да се разгласи Моето име по целата земја." |
18. | Значи, Тој има милост спрема кого сака, и го закоравува кого сака. |
19. | А сега, ти ќе Ми речеш: "Тогаш, зошто сè уште бара грешки? Зашто, кој може да и се противи на Неговата волја?" |
20. | Та кој си ти, човече, да се расправаш со Бог? Зар ракотворбата ќе му рече на својот творец: "Зошто вака си ме направил?" |
21. | Или зар грнчарот нема право над глината, од истата смеса да направи еден сад за почесна, а друг за секојдневна употреба? |
22. | А што ако Бог, иако сака да го покаже Својот гнев и да ја пројави Својата моќ, со големо трпение, ги трпи садовите на гневот, приготвени за погибел, |
23. | за да ги пројави истовремено богатствата на Својата слава над садовите на милоста, што однапред ги приготвил за слава, |
24. | па како такви, нè повика и нас, не само од Евреите, туку и од неевреите? |
25. | Како што вели преку Осија: "Народ кој не е Мој народ, ќе го наречам Свој; и онаа која не е сакана, ќе ја наречам сакана." |
26. | Така ќе се случи таму каде што им беше речено: "'Bие не сте Мој народ', таму ќе бидат наречени синови на живиот Бог." |
27. | А Исаија извикува за Израел: "Иако бројот на израеловите синови е колку морскиот песок, само Остатокот ќе биде спасен, |
28. | зашто Господ ќе го спроведе Својот збор на земјата, и брзо ќе го исполни." |
29. | И како што прорече Исаија: "Ако Господ над војските не ни оставеше потомство, ќе бевме како Содом и ќе заприлегавме на Гомора." |
30. | И така, што да кажеме? Останатите народите кои не се стремеа кон праведност, добија праведност, и тоа праведност која е по вера; |
31. | а Израел, иако се стремеше кон законот на праведноста, не стигна до законот. |
32. | Зошто? Затоа што не настојуваше да го постигне со вера, туку со дела. Тие се препнаа од каменот за сопнувањето, |
33. | токму како што е напишано: "Еве, на Сион поставувам камен за сопнување и карпа на соблазна; и кој верува во Него, нема да се посрами." |
← Romans (9/16) → |