← Romans (8/16) → |
1. | Затоа, сега нема осуда за оние кои се во Христос Исус. |
2. | Зашто законот на Духот на животот во Христос Исус ве ослободи од законот на гревот и на смртта, |
3. | зашто она што не можеше да го стори законот, бидејќи беше слаб заради телото, го изврши Бог! Испраќајќи Го Својот Син во облик сличен на грешното тело и поради грев, го осуди гревот во телото, |
4. | за да се исполни барањето на Законот во нас кои не одиме по телото, туку по Духот. |
5. | Така, оние што се телесни, се стремат кон телесното, додека оние што се духовни, кон она што е на Духот, |
6. | бидејќи мудрувањето на телото е смрт, а мудрувањето на Духот е живот и мир; |
7. | зашто мудрувањето на телото е непријателство против Бог, бидејќи не му се покорува на Божјиот закон, ниту пак може, |
8. | а оние кои се по тело, не можат да Му угодат на Бог. |
9. | Но вие не сте телесни, туку духовни, ако Божјиот Дух навистина живее во вас. Но, ако некој Го нема Христовиот Дух, не е Негов. |
10. | А ако е Христос во вас, тогаш телото е мртво заради гревот, а духот е жив заради праведноста. |
11. | Ако во вас живее Духот на Оној Кој Го воскресна Исуса од мртвите; тогаш Оној Кој Го воскресна Христос Исус, ќе ги оживее и вашите смртни тела преку Својот Дух Кој живее во вас. |
12. | Според тоа, браќа, не сме му должници на телото, за да живееме по телото, |
13. | зашто, ако живеете по телото, ќе умрете; но ако преку Духот ги умртвувате делата на телото, ќе живеете. |
14. | А сите оние кои ги води Божјиот Дух, се Божји синови. |
15. | Bпрочем, не примивте дух на ропство за да бидете пак во страв, туку го примивте Духот на посинувањето, преку кој викаме: "Аба! Татко!" |
16. | Самиот Дух сведочи заедно со нашиот дух дека сме Божји чеда. |
17. | А ако сме чеда, тогаш сме и наследници, Божји наследници, и Христови сонаследници - ако страдаме со Него, со Него и да бидеме прославени. |
18. | Сметам дека страдањата на сегашното време не се ништо во споредба со славата која ќе ни се открие нам. |
19. | Зашто созданието со нестрплив копнеж го очекува откривањето на Божјите синови. |
20. | Имено, созданието и беше потчинето на суетата, не доброволно, туку поради Оној кој го потчини, во надеж |
21. | дека и самото создание ќе биде ослободено од ропството на распаѓањето, во слободата на славата на Божјите деца. |
22. | А, знаеме дека целото создание сè досега стенка и страда во породилни маки. |
23. | И не само тоа, туку и ние самите, имајќи ги првите плодови на Духот, ние самите стенкаме во себе, чекајќи го желно посинувањето, избавувањето на нашето тело. |
24. | Зашто ние, во надеж сме спасени, а надежта која се гледа не е надеж; зошто човек да се надева на она што го гледа? |
25. | Но ако се надеваме на она што не го гледаме, тогаш го чекаме со нетрпение. |
26. | Исто така и Духот им помага на нашите слабости, зашто ние не знаеме да се молиме, како што треба; самиот Дух посредува за нас со неискажливи воздишки. |
27. | А Оној Кој ги испитува срцата, знае што мисли Духот, бидејќи Тој посредува за светиите според Божјата волја. |
28. | И знаеме дека сè содејствува за доброто на оние кои Го љубат Бога, на оние кои се повикани по Неговата намера. |
29. | Зашто оние кои ги познаваше однапред, нив и ги предопредели да се преобразат според ликот на Неговиот Син, за Тој да биде првороден меѓу многуте браќа. |
30. | Оние кои ги предопредели, нив и ги повика, а оние кои ги повика, нив и ги оправда, а оние кои ги оправда, нив и ги прослави. |
31. | И така, што да речеме на ова? Ако е Бог со нас, кој ќе биде против нас? |
32. | Оној Кој не Го поштеди ни сопствениот Син, туку Го предаде за сите нас, како не ќе ни подари и сè друго заедно со Него? |
33. | Кој ќе ги обвини Божјите избраници? Бог е Тој што ги оправдува! |
34. | Кој е тој што ќе ги осуди? Дали Христос Исус, Кој умре, и згора на тоа воскресна, Кој е од десната страна на Бог и Кој се зазема за нас? |
35. | Кој ќе нè одвои од Христовата љубов? Невола ли, или мака, или прогонство, или глад, или голотија, или гибел или меч? |
36. | Токму како што е напишано: "Заради Тебе везден нè убиваат, нè сметаат како овци за клање." |
37. | Но во сето ова победуваме надмоќно преку Оној Кој нè засака. |
38. | Зашто уверен сум дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни сегашноста, ни иднината, ни силите, |
39. | ни височината, ни длабочината, ниту кое-годе друго создание, не ќе може да нè одвои од Божјата љубов, која е во Христос Исус, нашиот Господ. |
← Romans (8/16) → |