← Romans (6/16) → |
1. | И така, што да речеме? Да продолжиме ли и натаму во гревот, за да може да се умножи благодатта? |
2. | Никако! Ние, кои умревме за гревот, како ќе живееме уште во него? |
3. | Или зар не знаете дека сите ние кои сме крстени во Христос Исус, крстени сме во Неговата смрт? |
4. | И така, преку крштавањето во смртта, погребани сме заедно со Него, та како што Христос воскресна од мртвите преку славата на Таткото, така и ние да одиме во нов живот. |
5. | Зашто ако се сплотивме со Него во смртта слична на Неговата, секако ќе бидеме - и во Неговото воскресение. |
6. | Знаеме дека нашиот стар човек беше распнат со Него, за да биде онемоштено грешното тело, та да не му робуваме веќе на гревот, |
7. | зашто оној што е умрен, ослободен е од гревот. |
8. | А ако умревме со Христос, веруваме дека и ќе живееме со Него, |
9. | зашто знаеме дека Христос Кој воскресна од мртвите, никогаш нема повторно да умре; смртта нема веќе власт над Него. |
10. | Зашто, смртта со која умре - умре за гревот, еднаш засекогаш, а животот што го живее - го живее за Бог. |
11. | Така и вие, сметајте се себеси мртви за гревот, но живи за Бог во Христос Исус! |
12. | Затоа не дозволувајте гревот да царува во вашето смртно тело, за да не им се покорувате на неговите похоти! |
13. | И не давајте му ги органите на вашето тело на гревот како оружје на неправедноста, туку предавајте Му се себеси на Бог, како оживеани од мртвите, а вашите органи на Бог како оружје на праведноста! |
14. | А гревот не ќе има веќе власт над вас, зашто не сте под законот, туку под благодатта. |
15. | И што сега? Да грешиме ли, затоа што не сме под законот, туку под благодатта? Никако! |
16. | Не знаете ли дека ако некому му се предадете како робови за послушност, робови сте му на оној кому му се покорувате; или на гревот - за смрт, или на послушноста - за праведност? |
17. | Но Му благодарам на Бог, зашто вие, иако му бевте робови на гревот, му станавте послушни од сè срце на учењето на кое му се предадовте, |
18. | и откако бевте ослободени од гревот, и станавте рабови на праведноста. |
19. | Зборувам со човечки изрази заради немоќта на вашето тело. И како што некогаш ги предадовте вашите органи да им робуваат на нечистотата и на беззаконието, за беззаконие, така сега предадете ги вашите органи да и робуваат на праведноста, за осветување! |
20. | Зашто, кога бевте робови на гревот, бевте слободни од праведноста. |
21. | И каква полза имавте тогаш од оние работи заради кои се срамите денес, зашто нивниот исход е смртта! |
22. | Но сега, откако сте ослободени од гревот и станавте робови на Бог - го имате вашиот плод - осветувањето, и крајниот исход вечен живот. |
23. | Зашто заслуженото за гревот е смрт, но бесплатниот дар од Бога е вечен живот во Христос Исус, нашиот Господ. |
← Romans (6/16) → |