← Romans (5/16) → |
1. | И така, бидејќи сме оправдани преку вера, имаме мир со Бог, преку нашиот Господ Исус Христос, |
2. | преку Кого - по вера - имаме пристап во оваа благодат во која стоиме, и се фалиме со надежта на Божјата слава. |
3. | Но не само тоа, туку се фалиме и со неволите, знаејќи дека неволата раѓа трпение; |
4. | трпението - проверен карактер, а проверениот карактер - надеж; |
5. | а надежта пак не разочарува, зашто Божјата љубов веќе е излеана во нашите срца преку Светиот Дух, Кој ни беше даден. |
6. | Зашто, додека уште бевме беспомошни, во определено време, Христос умре, за безбожниците. |
7. | За праведник одвај некој ќе умре, а за добар човек можеби некој и ќе се осмели да умре. |
8. | Но Бог ја покажува Својата љубов спрема нас, со тоа што Христос умре за нас додека уште бевме грешници. |
9. | А сега, откако сме оправдани во Неговата крв, преку Него многу повеќе ќе бидеме спасени од Божјиот гнев. |
10. | Зашто ако бевме помирени со Бог преку смртта на Неговиот Син, додека бевме уште непријатели, колку повеќе, сега помирени, ќе бидеме спасени преку Неговиот живот. |
11. | И не само тоа, туку и се фалиме во Бога преку нашиот Господ Исус Христос, преку Кого сега добивме помирување. |
12. | И, како што гревот влезе во светот преку еден човек, а преку гревот - смртта, така смртта премина на сите луѓе, бидејќи сите згрешија. |
13. | Зашто, гревот беше во светот уште пред Законот; но грев не се припишува кога нема Закон. |
14. | Смртта, пак, царуваше од Адам до Мојсеј, дури и над оние кои не згрешија со сличен престап како Адам, кој е претслика на Оној што требаше да дојде. |
15. | Но бесплатниот дар не е како престапот; зашто ако преку престапот на еден изумреа мнозина, многу поизобилно се излеа на мнозина Божјата благодат и дарот преку благодатта на еден човек, Исус Христос. |
16. | А дарот не е како она што се случи кога згреши еден; зашто пресудата произлезе од еден престап кој доведе до осуда, а бесплатниот дар произлезе од многу престапи и води до оправдување. |
17. | Зашто, ако смртта зацари заради престапот на еден, тогаш многу повеќе оние кои го примаат изобилството на благодатта и дарот на праведноста ќе царуваат во животот преку Единствениот, Исус Христос. |
18. | И така, како што преку еден престап дојде осудување на сите луѓе, така и преку едно дело на праведност за сите луѓе дојде оправдувањето кое донесува живот. |
19. | Зашто, како што со непослушноста на еден човек мнозина станаа грешници, така и со послушноста на Еден, мнозина ќе станат праведни. |
20. | А Законот дојде за да се зголеми престапот, но каде што гревот се зголеми, таму благодатта стана уште поизобилна, |
21. | та како што гревот царуваше во смртта, така и благодатта да царува преку праведност за вечен живот, преку нашиот Господ Исус Христос! |
← Romans (5/16) → |