← Romans (4/16) → |
1. | И така, што да речеме, што добил по тело нашиот прататко Авраам? |
2. | Зашто, ако е Авраам оправдан по дела, има за што да се фали, но не пред Бога! |
3. | Но, што вели Писмото: "Авраам Му поверува на Бог и тоа му се припиша за праведност." |
4. | А на оној што работи, заработката не му се смета како милост, туку како долг; |
5. | додека на оној кој не работи, а верува во Оној Кој го оправдува безбожникот, неговата вера му се смета како праведност, |
6. | исто како што и Давид го нарекува благословен човекот кому Бог без дела му припишува праведност: |
7. | "Блажени се оние чии беззаконија се простени и чии гревови се покриени! |
8. | Блажен е човекот, кого Господ за грев не го обвинува!" |
9. | Дали благословот се однесува само на обрежаните, или и на необрежаните? Зашто ние велиме: "На Авраам верата му се припиша за праведност." |
10. | А кога му се припиша? Кога беше обрежан или кога беше необрежан? Не кога беше обрежан, туку кога беше необрежан. |
11. | И го прими знакот на обрежувањето како печат на праведноста што ја доби преку верата што ја имаше како необрежан, за да им биде татко на сите кои веруваат, а не се обрежани; та и ним тоа да им се припише како праведност, |
12. | и да им биде татко на обрежаните, но не на оние кои само се обрежани, туку кои одат и по стапките на верата на нашиот татко Авраам, што ја имаше додека уште беше необрежан. |
13. | Bпрочем, ветувањето на Авраам или на неговото потомство дека ќе биде наследник на светот, не дојде преку Законот, туку преку праведноста на верата. |
14. | Имено, ако се наследници само оние од Законот, тогаш нема потреба од вера, а ветувањето е поништено, |
15. | зашто законот донесува гнев; а каде што нема закон, нема ни престап! |
16. | Затоа оправданието е од вера, за да биде по благодат, за ветувањето да му биде сигурно на сето потомство, не само на оние од Законот, туку и на оние од верата на Авраам, кој е татко на сите нас |
17. | (како што е напишано: "Те направив татко на многу народи") пред Бог, Кому Му поверува, Кој ги оживува мртвите и она што не постои го повикува во постоење. |
18. | Иако не постоеше надеж, тој се надеваше и поверува дека ќе стане татко на многу народи, според она што е речено: "Такво ќе биде твоето потомство." |
19. | И не ослабувајќи во верата кога го имаше предвид своето веќе безживотно тело, зашто беше на околу сто години, и безживотноста на Сарината утроба, |
20. | а почитувајќи го Божјото ветување, не скршна во невера, туку закрепна во верата и Му оддаде слава на Бог, |
21. | наполно уверен дека она што Тој го ветил, може да го исполни. |
22. | Затоа тоа му се припиша за праведност. |
23. | Но не е напишано само заради него "дека му се припиша" |
24. | туку и заради нас, на кои ќе ни се припише, затоа што веруваме во Оној Кој Го воскресна од мртвите Исуса, нашиот Господ, |
25. | Кој беше предаден за нашите престапи и беше воскреснат за наше оправдување. |
← Romans (4/16) → |