← Romans (2/16) → |
1. | Затоа немаш оправдание човеку, ти кој судиш, кој и да си, зашто судејќи го другиот, самиот се осудуваш, бидејќи ти кој судиш, го вршиш истото. |
2. | А знаеме дека Божјиот суд праведно се излева врз оние кои прават такви работи. |
3. | Мислиш ли, о човеку, ти кој им судиш на оние кои прават такви работи, а истото го правиш и самиот, дека ќе го избегнеш Божјиот суд? |
4. | Ги презираш ли богатството на Неговата добрина, воздржливоста и долгата трпеливост, не знаејќи дека Божјата добрина те води кон покајание? |
5. | Но поради твојата закоравеност и непокајаното срце, самиот собираш гнев врз себе за денот на гневот кога ќе се открие Божјиот праведен суд, |
6. | којшто ќе му даде секому според неговите дела: |
7. | на оние кои со истрајност прават добро и бараат слава, чест и нераспадливост - вечен живот, |
8. | а на оние кои мислат само на себе и не и се покоруваат на вистината, туку и се покоруваат на неправедноста - гнев и јарост. |
9. | Невола и мака ќе ја снајде секоја човечка душа која прави зло; најпрвин на Евреин, а потоа и на Грк, |
10. | а слава, чест и мир на секој оној кој прави добро; најпрвин на Евреин, а потоа и на Грк! |
11. | Бидејќи Бог не гледа кој е кој. |
12. | Зашто сите кои згрешиле без Закон, без Закон и ќе загинат, а сите кои згрешиле под Закон, според Законот ќе бидат осудени. |
13. | Бидејќи пред Бог не се праведни оние кои само го слушаат Законот, туку ќе бидат оправдани оние кои се извршители на Законот. |
14. | Зашто кога неевреите, кои немаат Закон, го исполнуваат по природа она што го бара Законот; тогаш оние кои немаат Закон, сами за себе се закон. |
15. | Со тоа покажуваат дека делото на Законот е напишано во нивните срца, за што сведочи нивната совест, а во нив мислите ги осудуваат или оправдуваат, |
16. | за денот, кога според моето Евангелие, Бог преку Исус Христос, ќе ги суди човековите тајни. |
17. | Ако ти, кој се нарекуваш Евреин кој се потпираш на законот и се фалиш со Бог, |
18. | кој ја знаеш Неговата волја и, поучен од законот, знаеш да го избереш подоброто |
19. | и си уверен дека си самиот водач на слепи, светлина за оние кои се во темнина, |
20. | воспитувач на неразумните, учител на незрелите, затоа што имаш во законот отелотворување на знаењето и вистината; |
21. | ти, кој поучуваш друг, зарем не се поучуваш самиот себе? Ти, кој проповедаш да не се краде, зарем не крадеш? |
22. | Ти, кој зборуваш да не се прави прељуба, зарем не вршиш прељуба? Ти, кој се гнасиш од идолите, зарем не ограбуваш храмови? |
23. | Ти, кој се фалиш со Законот, зарем не Го срамотиш Бога со престапување на Законот? |
24. | "Затоа заради вас се хули Божјото име меѓу другите народи" - токму како што е напишано. |
25. | Навистина, обрежувањето има своја вредност ако го исполнуваш Законот, но ако си престапник на Законот, твоето обрежување станува необрежување. |
26. | И така, ако необрежаниот ги исполнува барањата на Законот, нема ли неговото необрежување да му се смета за обрежување? |
27. | И така, нема ли оној кој не е телесно обрежан, а го исполнува Законот да ти суди тебе, кој си престапник на Законот и покрај тоа што го имаш словото на Законот и обрежувањето? |
28. | Зашто не е Евреин оној кој е тоа надворешно, ниту е вистинско обрежување она што е надворешно, на телото. |
29. | Евреин е оној кој е тоа однатре, а вистинското обрежување е во срцето, во Духот, а не во буквата. Пофалба не му доаѓа од луѓето, туку од Бог. |
← Romans (2/16) → |