← Romans (11/16) → |
1. | И така, прашувам: "Дали Бог го отфрли Својот народ? Никако! Зашто и јас сум Израелец, од потомството на Авраам, од племето на Бенјамин. |
2. | Бог не го отфрли Својот народ кого го знаеше однапред. Или не знаете што вели Писмото за Илија, кога Го моли Бога против Израел: |
3. | "Господи, ги погубија Твоите пророци, ги разурнаа Твоите жртвеници, а јас останав сам, па и мојот живот го бараат." |
4. | А каков беше Божјиот одговор: "Си оставив за себе седум илјади луѓе кои не се поклонија пред Баал." |
5. | Така и сега, суштествува еден остаток, избран по благодатта. |
6. | Но, ако е по благодат, тогаш не е по дела, инаку благодатта не би била веќе благодат. |
7. | Значи што? Израел не го доби она што го бараше, туку избраните го добија, а останатите беа закоравени, |
8. | како што е напишано: "Бог им даде дух на мртвило, очи да не гледаат и уши да не слушаат, сè до ден денешен." |
9. | И Давид зборува: "Нивната трпеза да им биде стапица, мрежа, камен за сопнување и одмазда! |
10. | Очите нека им се помрачат, за да не гледаат! А плеќите свиткај им ги засекогаш!" |
11. | Значи, велам: зарем се препнаа за да паднат? Никако! Туку преку нивниот престап им дојде спасение на другите народи, за да бидат самите поттикнати на ревност. |
12. | Ако нивниот престап значи богатство за светот и нивниот неуспех богатство за другите народи, колку повеќе ќе значи нивната целосност! |
13. | Но ви зборувам вам, неевреите; бидејќи сум апостол на неевреите, јас ја прославувам мојата служба, |
14. | та на некој начин да ги поттикнам на ревност моите по тело и да спасам некои од нив. |
15. | Зашто, ако нивното отфрлање е помирување за светот, што ли ќе биде нивното прифаќање, ако не оживување од мртвите? |
16. | Ако еден дел е свет, свето е и целото тесто; ако е коренот свет - и гранките се свети. |
17. | Но ако се откршени некои гранки, а ти, дива маслинка, си накалемен меѓу нив и заедно го користите сочниот корен на маслинката, |
18. | не фали се пред гранките! Ако се фалиш, знај дека ти не го одржуваш коренот, туку коренот тебе! |
19. | Ама ќе речеш: "Гранките се откршени, за да бидам јас накалемен!" |
20. | Токму така! Поради неверието се откршија, а ти стоиш преку твојата вера. |
21. | Не гордеј се, туку имај страв! Зашто, ако Бог не ги поштедил природните гранки, не ќе те поштеди ни тебе. |
22. | Следствено, погледај ги Божјата добрина и строгост: строгоста се изразува спрема паднатите, а Божјата добрина спрема тебе, ако истраеш во добрината, зашто инаку и ти ќе бидеш отсечен. |
23. | А и тие, ако не останат во неверието, ќе бидат накалемени, зашто Бог може пак да ги накалеми. |
24. | Зашто, ако ти којшто беше отсечен од природната дива маслинка и против природата беше накалемен на питомата маслинка, колку полесно ќе бидат накалемени врз сопствената маслинка оние кои и се природни. |
25. | Не сакам, браќа, да ви остане непозната оваа тајна, за да не мудрувате по своја мудрост: еден дел на Израел закораве, додека не се исполни бројот на неевреите. |
26. | И така, целиот Израел ќе биде спасен, како што е напишано: "Избавителот ќе дојде од Сион; Тој ќе ја отстрани безбожноста од Јаков, |
27. | а тоа е Мојот завет со нив, кога ќе им ги отстранам гревовите." |
28. | Според Евангелието, тие се непријатели заради вас, но според Божјиот избор, тие се сакани заради татковците; |
29. | зашто Божјите дарови и Неговото признание се неотповикливи. |
30. | И вие Му бевте некогаш непокорни на Бог, но сега добивте милост поради нивната непокорност, |
31. | па така, значи, и тие станаа сега непокорни, и заради милоста која ви се укажа вам и ним исто така може сега да им се укаже милост. |
32. | Зашто Бог ги стави сите во непокорност, за да покаже милост спрема сите. |
33. | О длабочино на богатства и на мудрост, и на Божјото знаење! Колку се недостапни Неговите судови и неиспитливи патиштата Негови! |
34. | Зашто и кој ја запознал Господовата мисла? Или кој Му бил советник? |
35. | Или кој Му дал нешто однапред, за да му биде вратено?" |
36. | Зашто сè е од Него, преку Него и за Него. Нему нека Му е слава во вечни векови. Амин! |
← Romans (11/16) → |