Romans (1/16) → |
1. | Павле, слуга на Исус Христос, повикан за апостол, издвоен за Евангелието од Бог, |
2. | кое Тој однапред го вети преку Своите пророци во Светите писма, |
3. | а кое зборува за Неговиот Син, по тело роден од Давидовото семе, |
4. | кој според Духот на светоста беше моќно посведочен за Божји Син, преку воскресението од мртвите, Исус Христос, нашиот Господ; |
5. | преку Кого добивме благодат и апостолство, за да ги приведеме сите народи кон послушност на верата, заради Неговото Име, |
6. | меѓу кои сте и вие повиканите од Исус Христос. |
7. | До сите мили на Бога, повиканите светии, кои се во Рим: благодат вам и мир од Бог, нашиот Татко и од Господ Исус Христос. |
8. | Пред сè, Му благодарам на мојот Бог, преку Исус Христос, за сите вас, бидејќи за вашата вера се зборува по целиот свет. |
9. | Зашто Бог, Кому Му служам во својот дух во објавувањето на Евангелието за Неговиот Син, ми е сведок оти везден си спомнувам за вас, |
10. | секогаш барајќи во моите молитви да успеам барем еднаш, ако сака Бог, да дојдам кај вас. |
11. | Зашто копнеам да ве видам, за да ви пренесам духовен дар за ваше зацврстување, |
12. | всушност, меѓу вас, заедно со вас да најдам утеха преку заедничката вера, вашата и мојата. |
13. | Не сакам, браќа, да ви остане непознато дека многупати имав намера да дојдам кај вас, а досега бев спречуван, за да имам некој плод и меѓу вас, како и меѓу останатите народи. |
14. | Должен сум им на Грците и варварите, и на мудрите и неразумните. |
15. | И така, доколку е до мене, готов сум да ви го проповедам Евангелието и вам што сте во Рим. |
16. | Зашто, јас не се срамам од Евангелието, бидејќи тоа е Божја сила за спасение на секој кој верува, првин за Евреинот, а и за Гркот. |
17. | Бидејќи во него се открива Божјата праведност, од вера во вера, како што е напишано: "Праведникот ќе живее по вера." |
18. | Bпрочем, Божјиот гнев се открива од небото против секоја безбожност и неправедност на луѓето, кои со неправедност ја потиснуваат вистината; |
19. | зашто она што може да се знае за Бог ним им е откриено; бидејќи Бог им го откри тоа. |
20. | Неговите невидливи особини, Неговата вечна сила и божествената природа, јасно се гледаат уште од создавањето на светот, и можат да се разберат преку создаденото, па немаат оправдание. |
21. | Зашто, иако Го познаа Бога, не Му оддадоа почит како на Бог, ниту Му благодарија; туку станаа суетни во своите мудрувања и нивното неразумно срце се помрачи. |
22. | Нарекувајќи се мудри, станаа безумни, |
23. | и ја заменија славата на бесмртниот Бог со облик на смртен човек, на птици, на четироножни животни и на лазачи. |
24. | Затоа Бог, со похотта на нивните срца, ги предаде на нечистотија, за самите да си ги обесчестуваат своите тела, |
25. | бидејќи Божјата вистина ја заменија со лага, и му се поклонуваа и служеа на создаденото наместо на Создателот, Кој е благословен во вечни векови, Амин! |
26. | Затоа Бог ги предаде на ниски страсти: нивните жени го заменија природниот однос со неприроден. |
27. | Мажите, исто така, го напуштија природниот однос со жена и се распалија со желба еден спрема друг, правејќи срамни дела мажи со мажи и добивајќи ја заслужената казна во себе за својата изопаченост. |
28. | И бидејќи сметаа дека не им годи да Го сознаваат Бога, Бог ги предаде на нивниот изопачен ум, за да го прават она што не прилега, |
29. | исполнети со секаков вид неправедност, пакост, алчност, злобност; полни со завист, убиства, расправии, лукавства, подмолност; озборувачи, |
30. | клеветници, богомрасци, дрски, надмени, фаленичари, измислувачи на зла, непокорни на родителите, |
31. | без разбирање, вероломци, без љубов и немилосрдни. |
32. | Иако ги знаат Божјите одредби: дека оние кои прават така заслужуваат смрт, сепак, не само што прават така, туку сесрдно ги одобруваат и другите, кои го прават истото. |
Romans (1/16) → |