← Revelation (6/22) → |
1. | И видов кога Јагнето отвори еден од седумте печати и чув едно од живите суштества како громогласно вика: "Дојди!" |
2. | А јас погледнав, и ете, бел коњ, а коњаникот имаше лак; и му беше дадена круна, па како победник тргна да победува. |
3. | И кога го отвори вториот печат, го чув другото живо суштество како зборува: "Дојди!" |
4. | И излезе друг, црвен коњ, а на коњаникот му беше дадено да го крене мирот од земјата, та луѓето меѓусебно да се убиваат; и му беше даден голем меч. |
5. | И кога го отвори третиот печат, го чув третото живо суштество како зборува: "Дојди!" А јас погледнав, и ете, црн коњ, а коњаникот имаше терезија во својата рака. |
6. | И чув како зборува глас меѓу четирите живи суштества: "Еден шиник пченица за денариј! Три шиника јачмен за денариј! А на маслото и на виното не пакости им!" |
7. | И кога го отвори четвртиот печат, го чув гласот на четвртото живо суштество кое зборуваше: "Дојди!" |
8. | А јас погледнав, и ете, сиво-зелен коњ, а на коњаникот името му беше Смрт, и Адот одеше по него. Н ним им беше дадена власт над четвртина од земјата, да убиваат со меч, со глад, со помор и со дивите ѕверови на земјата. |
9. | И кога го отвори петтиот печат, ги видов под жртвеникот душите на закланите заради Божјото слово и заради сведоштвото што го одржаа. |
10. | И извикаа со силен глас, велејќи: "До кога, свет и вистинит Господару, нема да судиш и да ја одмаздиш нашата крв над оние кои живеат на земјата?" |
11. | И секому од нив му беше дадена бела облека и на сите им беше речено да се стрпат уште малку време, додека не биде исполнет бројот на нивните сослужители и браќа, кои ќе бидат убиени како и тие. |
12. | И видов кога го отвори шестиот печат, и се случи голем земјотрес; сонцето поцрне како струнена вреќа, а целата месечина се стори како крв, |
13. | и небесните ѕвезди испопаѓаа на земјата, како што смоквата ги исфрла своите незрели плодови, кога ќе ја затресе силен ветар. |
14. | А небото го снема како свиток кога се смотува; и сите гори и сите острови се поместија од своите места. |
15. | Земните цареви, големците, војсководците, богатите, силните, секој роб и секој слободен човек се засолнија во пештерите и по горските камењари, |
16. | велејќи им на горите и на карпите: "Паднете врз нас и скријте нè од лицето на Оној Кој седи на престолот и од гневот на Јагнето, |
17. | зашто дојде великиот Ден на нивниот гнев, и кој може да се одржи?" |
← Revelation (6/22) → |