← Revelation (5/22) → |
1. | И видов свиток во десницата на Оној Кој седеше на престолот испишан однатре и однадвор и запечатен со седум печати. |
2. | И видов моќен ангел како објавува со силен глас: "Кој е достоен да го отвори свитокот и да ги скрши неговите печати?" |
3. | И никој, ниту на небото, ниту на земјата, ниту под земјата, не можеше да го отвори свитокот, ниту да погледне во него. |
4. | А јас почнав да плачам многу, зашто не се најде никој достоен да го отвори и да го прочита свитокот, ниту да погледне во него. |
5. | Тогаш еден од старешините ми рече: "Не плачи, ете, надвладеа Лавот од јудиното племе, давидовиот корен, па може да го отвори свитокот и неговите седум печати. |
6. | И ете, видов, меѓу престолот (со четирите живи суштества) и старешините, Јагне што беше како заклано, со седум рогови и седум очи; тоа се седумте Божји Духови, пратени по целата земја. |
7. | И дојде и го зеде свитокот од десницата на Оној Кој седеше на престолот. |
8. | И кога го зеде свитокот, четирите живи суштества и дваесет и четирите старешини паднаа пред Јагнето, а секој од нив имаше харфа и златни садови, полни со темјан, имено молитвите на светиите. |
9. | И пееја нова песна, велејќи: "Достоен си да го земеш свитокот и да ги отвориш неговите печати, зашто беше заклан и зашто со Својата крв ги откупи за Бога, од секое племе и јазик, род и народ, |
10. | и ги направи да бидат царство и свештеници на нашиот Бог, и тие ќе владеат на земјата." |
11. | И видов и чув глас од многу ангели околу престолот, и од живите суштества и старешините, чиј број беше десетици илјади по десетици илјади и илјадници илјади, |
12. | кои зборуваа со силен глас: "Достојно е Јагнето Кое беше заклано, да прими моќ, богатство, мудрост, сила, чест, слава и благослов." |
13. | И го чув секое создание кое е на небото, на земјата, под земјата, во морето и сè што е во нив, како зборува: "На Оној Кој седи на престолот и на Јагнето, благослов, чест, слава и власт за вечни векови!" |
14. | Четирите живи суштества рекоа: "Амин!", а дваесет и четирите старешини паднаа ничкум и се поклонија. |
← Revelation (5/22) → |