← Revelation (3/22) → |
1. | "И на ангелот на црквата во Сард, напиши му: ова го зборува Оној Кој ги има седумте Божји Духови и седумте ѕвезди: ги знам твоите дела, имаш име дека си жив, но си мртов. |
2. | Бдеј и зацврсти го она што е на умирање, зашто не ги најдов твоите дела совршени пред мојот Бог. |
3. | Затоа, сети се што примил и чул, чувај го и покај се. И така, ако не се разбудиш, ќе дојдам како крадец и нема да знаеш во кој час ќе ти дојдам. |
4. | Но во Сард имаш неколкумина што не ги осквернија своите облеки; тие ќе одат во бели облеки со Мене, зашто се достојни. |
5. | Затоа оној кој победува, ќе биде облечен во бели облеки и нема да го избришам неговото име од книгата на животот, туку ќе го признаам неговото име пред Мојот Татко и пред Неговите ангели. |
6. | Кој има уво, нека чуе што им зборува Духот на црквите!" |
7. | И на ангелот на црквата во Виладелфија напиши му: ова го зборува Светиот и Bистинитиот, Кој го има Давидовиот клуч; Кој отвора и никој не затвора, Кој затвора и никој не отвора: |
8. | ги знам твоите дела. Еве, поставив пред тебе отворена врата што никој не може да ја затвори, затоа што ти имаш мала сила, а сепак го запази Моето слово и не се откажа од Моето име. |
9. | Еве, ти давам некои од сатанската синагога, кои тврдат дека се Евреи, а не се, туку лажат; ете, ќе направам да дојдат и да се поклонат пред твоите нозе и да разберат дека Јас те засакав. |
10. | Бидејќи ти го запази словото на Моето трпение, и Јас ќе те запазам од часот на испитувањето што ќе дојде врз целиот свет, за да ги испита оние кои живеат на земјата. |
11. | Ќе дојдам скоро! Држи го цврсто она што го имаш, за никој да не ја земе твојата круна. |
12. | Оној кој победува ќе го направам столб во храмот на Мојот Бог и нема веќе да излезе надвор и на него ќе го напишам името на Мојот Бог и името на градот на Мојот Бог, новиот Ерусалим кој слегува од небото, од Мојот Бог, и Моето ново име. |
13. | Кој има уво, нека чуе што им зборува Духот на црквите. |
14. | И на ангелот на црквата во Лаодикеја напиши му: ова го зборува Амин, верниот и вистинитиот Сведок, Почетокот на Божјото создание: |
15. | ги знам твоите дела, не си ни студен ни жежок. О, кога би бил студен или жежок! |
16. | Bака, бидејќи си млак и не си ниту жежок ниту студен, ќе те изблујам од Мојата уста. |
17. | Бидејќи велиш: богат сум и се збогатив, и ништо не ми треба, а не знаеш дека си беден, несреќен, сиромав, слеп и гол; |
18. | те советувам да си купиш од Мене злато, пречистено со оган, за да се збогатиш; бели облеки, за да се облечеш и да не се открие срамот на твојата голотија; и очна маст, за да ги намачкаш своите очи, та да можеш да гледаш. |
19. | Јас ги укорувам и ги казнувам оние што ги љубам; затоа биди ревносен и покај се! |
20. | Еве, стојам пред вратата и чукам; ако некој го чуе Мојот глас и ја отвори вратата, ќе влезам кај него и ќе вечерам со него и тој со Мене. |
21. | На оној што победува, ќе му дадам да седне со Мене на Мојот престол, како што и Јас победив и седнав со Мојот Татко на Неговиот престол. |
22. | Кој има уво, нека чуе што им зборува Духот на црквите! |
← Revelation (3/22) → |