← Revelation (21/22) → |
1. | И видов ново небо и нова земја, зашто првото небо и првата земја поминаа и море немаше веќе. |
2. | Тогаш го видов Светиот Град, Новиот Ерусалим, како слегува од небото, од Бог, стокмен како невеста, украсена за својот маж. |
3. | И чув како еден силен глас од престолот вели: "Еве го Божјиот Шатор меѓу луѓето и Тој ќе живее со нив; и тие ќе бидат Негов народ, а Самиот Бог ќе биде со нив, |
4. | и ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе, ни тага, ни плач, ниту болка, зашто првото помина. |
5. | А Оној Кој седи на престолот, рече: "Ете, правам сè ново." И уште рече: "Пишувај, зашто овие зборови се веродостојни и вистинити!" |
6. | И ми рече: "Се сврши! Јас Сум Алфа и Омега, Почетокот и Завршокот. Јас ќе му дадам на жедниот, дарум, од изворот на водата на животот. |
7. | Кој победува ќе го наследи ова, и Јас ќе му бидам Бог, а тој ќе ми биде син. |
8. | А на страшливците и на неверните, и на гнасните и на убијците, и на блудниците и на гатачите, на идолопоклониците и на сите лажливци, делот им е во езерото што гори со оган и сулфур; тоа е втората смрт. |
9. | И дојде еден од седумте ангели кои ги имаа седумте садови полни со последните седум зла, проговори со мене и ми рече: "Дојди да ти ја покажам невестата, жената на Јагнето!" |
10. | И ме одведе во духот на голема и висока гора и ми го покажа светиот град, Ерусалим, како слегува од небото, од Бог, |
11. | кој ја имаше Божјата слава, а неговата светлина беше слична на многу скапоцен камен, на кристално проѕирниот камен јаспис. |
12. | Имаше голем и висок ѕид со дванаесет порти и на портите - дванаесет ангели и напишани имиња, а тоа се имињата на дванаесетте племиња на израеловите синови. |
13. | Од исток имаше три порти, од север три порти, од југ три порти и од запад три порти. |
14. | А градскиот ѕид имаше дванаесет темели и на нив дванаесет имиња на дванаесетте апостоли на Јагнето. |
15. | А оној кој зборуваше со мене имаше златна трска за да го измери градот и неговите порти и неговиот ѕид. |
16. | Градот, пак, е поставен четриаголно, а должината му е колку и широчината. И го измери градот со трската: дванаесет илјади стадии; неговата должина, широчина и височина се еднакви. |
17. | И го измери неговиот ѕид: сто четириесет и четири лакти по човечка мерка, која е и ангелска. |
18. | Неговиот ѕид беше изграден од јаспис, а градот од чисто злато, како чисто стакло. |
19. | Темелите на градскиот ѕид беа украсени со секаков вид скапоцени камења: првиот темел е од јаспис, вториот - од сафир, третиот - од халкидон, четвртиот - од смарагд; |
20. | петтиот - од сардоникс, шестиот - од сард, седмиот - од хрисолит, осмиот - од вирил, деветтиот - од топаз, десеттиот - од хрисопрас, единаесеттиот - од хијацинт; дванаесеттиот - од аметист. |
21. | А дванаесетте порти беа дванаесет бисери; секоја порта беше од еден бисер. Градската улица беше од чисто злато како проѕирно стакло. |
22. | А храм не видов во него, зашто негов храм се Семоќниот Господ Бог и Јагнето. |
23. | И на градот не му е потребно сонце, ниту месечина, за да му светат, зашто Божјата слава го осветлуваше, а Јагнето му е светилник. |
24. | Народите, пак, ќе одат во неговата светлина, а земните цареви ќе ја донесат својата слава во него. |
25. | Неговите порти нема да се затвораат дење, зашто таму не ќе има ноќ. |
26. | Славата и честа на народите ќе бидат донесени во него. |
27. | И во него нема да влезе ништо нечисто, ни оној кој прави нешто гнасно и лаже, туку само оние кои се запишани во книгата на животот на Јагнето. |
← Revelation (21/22) → |