Revelation (20/22)  

1. И видов ангел кој слегуваше од небото и го имаше во својата рака клучот од Бездната и голема верига.
2. Тој го фати змевот, старата змија, кој е ѓаволот и сатаната, го врза за илјада години,
3. па го фрли во бездната и ја заклучи и запечати над него, за да не ги мами народите додека не се навршат илјада години; потоа треба да биде одврзан за кратко време.
4. И видов престоли, а на оние кои седеа на нив им беше дадено да судат; и ги видов и душите на оние што беа обезглавени поради сведоштвото за Исус и поради Божјото слово, кои не му се поклонија на ѕверот ниту на неговата икона, и кои не ја примија белег на своето чело и на својата рака; тие оживеаја и царуваа со Христос илјада години.
5. А другите мртовци не оживеаја додека не се навршија илјада години. Тоа е првото воскресение.
6. Блажен и свет е оној кој има дел во првото воскресение; над овие втората смрт нема власт, туку ќе бидат Божји и Христови свештеници и ќе царуваат со Него илјада години.
7. А кога ќе се навршат илјадата години, сатаната ќе биде пуштен од својот затвор,
8. и ќе излезе да ги мами народите по четирите краишта на земјата, Гог и Магог, за да ги собере за војна, чиј број е како морскиот песок.
9. И излегоа на земната ширина и го опкружија логорот на светиите и омилениот град; и падна оган од небото и ги проголта.
10. А ѓаволот, кој ги заблудуваше, беше фрлен во езерото од оган и сулфур, каде што се и ѕверот и лажниот пророк; тие вечно ќе бидат мачени дење и ноќе.
11. И видов голем бел престол и Оној Кој седеше на него, од Чие лице побегнаа земјата и небото, и не се најде место за нив.
12. Ги видов мртвите, големи и мали, како стојат пред престолот, и се отворија свитоци; и друг свиток се отвори - книгата на животот, а на мртвите им беше судено според она што е запишано во свитоците, според нивните дела.
13. И морето ги предаде мртвите кои беа во него; и смртта и Адот ги предадоа мртвите кои беа во нив, и секој беше суден според своите дела.
14. А смртта и Адот беа фрлени во огненото езеро. Тоа е втората смрт, огненото езеро.
15. И кој не беше запишан во книгата на животот, беше фрлен во огненото езеро.

  Revelation (20/22)