← Revelation (16/22) → |
1. | Потоа чув силен глас од храмот како им зборува на седумте ангели: "Одете и излејте ги седумте садови на Божјиот гнев врз земјата!" |
2. | Првиот отиде и го излеа својот сад врз земјата и се појави лоша и лута рана на луѓето кои го имаа белегот на ѕверот и кои му се поклонуваа на неговата икона. |
3. | А вториот го излеа својот сад во морето и тоа стана како крв од мртовец и умре секое живо суштество во морето. |
4. | Третиот го излеа својот сад во реките и во водните извори, и тие станаа крв. |
5. | И го чув ангелот на водите како вели: "Праведен си, Светецу, Кој си и Кој беше, затоа што им пресуди така; |
6. | зашто тие ја пролеаја крвта на светиите и на пророците, а ти крв им даде да пијат; тоа и го заслужуваат!" |
7. | И чув како жртвеникот вели: "Да, Семоќен Господи Боже, Твоите пресуди се вистинити и праведни!" |
8. | Четвртиот ја излеа својата чаша врз сонцето, и му беше дадено да ги пече луѓето со оган. |
9. | И луѓето, горејќи од големата жега, похулија на името на Бог, Кој има власт над овие зла, и не се покајаа да Му оддадат слава. |
10. | А петтиот го излеа својот сад врз престолот на ѕверот и царството му се помрачи, та си ги гризеа своите јазици од болка. |
11. | И похулија на небесниот Бог заради своите болки и рани, и не се покајаа за своите дела. |
12. | Шестиот го излеа својот сад врз големата река Еуфрат: нејзината вода пресуши за да им се приготви патот на царевите од исток. |
13. | И видов како од устата на змевот, од устата на ѕверот и од устата на лажниот пророк излегуваат три нечисти духа како жаби; |
14. | имено, тоа се демонски духови, кои прават чуда и одат кај царевите на целиот свет за да ги соберат за војна во великиот ден на Семоќниот Бог. |
15. | (Ете, доаѓам како крадец. Блажен е оној кој бдее и ги пази своите облеки за да не оди гол и да не се гледа неговиот срам.) |
16. | И ги собраа на местото на хебрејски наречено Армагедон. |
17. | А седмиот ангел го излеа својот сад во воздухот, и излезе силен глас од храмот, од престолот, велејќи: "Се збидна!" |
18. | И настапија молскавици, татнежи, громови, и настана голем земјотрес, каков што никогаш не бил откако се луѓето на земјата; таков голем и толку силен земјотрес. |
19. | Големиот град се раздели на три дела, а градовите на народите паднаа. Големиот Bавилон беше спомнат пред Бог, за да му биде дадена чашата со виното на Неговиот јаросен гнев. |
20. | И сите острови исчезнаа, и горите веќе не се најдоа. |
21. | А голем град, тежок околу еден талант, падна од небото врз луѓето, а луѓето Го хулеа Бога заради пакоста од градот, зашто неговото зло беше многу големо. |
← Revelation (16/22) → |