← Revelation (14/22) → |
1. | Погледнав и, ете, видов како Јагнето стои на гората Сион, а со него сто четириесет и четири илјади, кои на своите чела го имаа напишано Неговото име и името на Неговиот Татко. |
2. | И чув глас од небото, како шум на многу води и како татнеж од силен гром, а звукот што го чув беше како од харфисти кои свират на своите харфи. |
3. | Тие пееја нова песна пред престолот, пред четирите живи суштества и пред старешините, и никој не можеше да ја научи песната, освен оние сто четириесет и четирите илјади кои беа откупени од земјата. |
4. | Тоа се оние кои не се осквернија со жени; имено, тоа се девственици. Тие одат по Јагнето, каде и да оди. Тие се откупени меѓу луѓето, како првина на Бог и на Јагнето, |
5. | и лага не се најде во нивната уста; тие се непорочни. |
6. | Bидов и друг ангел како лета сред небото, кој имаше вечно Евангелие, за да им го проповеда на жителите на земјата, на секој народ, племе, јазик и род. |
7. | Тој изговори со силен глас: "Бојте се од Бог и подајте Му слава, зашто дојде часот на Неговиот суд, и поклонете Му се на Оној Кој ги создаде небото и земјата, морето и водните извори. |
8. | Дојде и втор ангел по него, велејќи: "Падна, падна големиот Bавилон, кој ги напои сите народи со страсното вино на своето блудство." |
9. | И трет ангел дојде по него, велејќи со силен глас: "Ако некој му се поклони на ѕверот и на неговата икона, и прими белег на своето чело или на својата рака, |
10. | и самиот ќе пие од виното на Божјиот гнев, што е неразредено во чашата на Неговата јарост, и ќе биде мачен со оган и сулфур пред светите ангели и пред Јагнето. |
11. | А димот од нивното мачење ќе се издига во вечни векови; и оние кои му се поклонуваат на ѕверот и на неговата икона, и оној кој го прима белегот на неговото име не ќе имаат спокојство ни дење ни ноќе." |
12. | Bо тоа е трпението на светиите, кои ги пазат Божјите заповеди и верата во Исуса. |
13. | Потоа чув глас од небото, што ми велеше: "Напиши: Блажени се мртвите кои отсега умираат во Господ! 'Да, - вели Духот -, за да починат од своите трудови, зашто нивните дела одат по нив.' |
14. | Потоа погледнав и видов бел облак, а на облакот седеше Еден, сличен на Синот Човеков, со златна круна на главата и со остар срп во раката. |
15. | И еден друг ангел излезе од храмот и му викна со силен глас на Оној Кој седеше на облакот: "Испрати го својот срп и жнеј, зашто дојде твојот час за жнеење и зашто зрела е жетвата на земјата." |
16. | А оној кој седеше на облакот, замавна со српот на земјата, и земјата беше пожнеана. |
17. | Излезе и друг ангел од храмот што е на небото, и имаше остар срп. |
18. | И трет ангел, кој имаше власт над огнот, дојде од кај жртвеникот, и извика со силен глас кон оној кој имаше остар срп: 'Испрати го својот остар срп и обери ги гроздовите од земното лозје, зашто грозјето е веќе зрело.' |
19. | И ангелот замавна со својот срп на земјата, и го обра земното лозје, па обраното го фрли во големото гмечало на Божјиот гнев. |
20. | Гмечењето се изврши надвор од градот, а од гмечалото потече крв до уздите на коњите, во должина од илјади и шестотини стадии. |
← Revelation (14/22) → |