Revelation (1/22) → |
1. | Откровението на Исус Христос, што Му го даде Бог за да им ги покаже на Своите слуги, настаните што треба наскоро да се случат; Тој, преку Својот ангел, му го пренесе и му го објави тоа на Својот слуга Јован, |
2. | кој преку Божјото слово посведочи за сè што виде преку сведоштвото на Исус Христос. |
3. | Блажен е оној што чита и блажени се оние што ги слушаат зборовите на пророштвото и го пазат напишаното во него, зашто времето е близу. |
4. | Јован до седумте цркви во Азија: благодат вам и мир од Оној Кој е, Кој беше и Кој доаѓа; и од седумте Духови кои се пред Неговиот престол, |
5. | и од Исус Христос, верниот Сведок, Првородениот од мртвите и Bладетелот на земните цареви, Нему, Кој нè љуби и Кој нè ослободи од нашите гревови преку Својата крв, |
6. | и нè направи царство, свештеници на Својот Бог и Татко - Нему слава и власт во вечни векови! Амин. |
7. | Еве, доаѓа со облаците и ќе Го види секое око, дури и оние кои Го прободоа, а сите земни племиња ќе тагуваат заради Него. Да, амин! |
8. | "Јас сум Алфа и Омега", вели Господ Бог, "Кој е, Кој беше и Кој доаѓа - Сèмоќниот". |
9. | Јас, Јован, ваш брат и соучесник во неволата и во царството, и во трпението во Исус, бев на островот наречен Патмос, заради Божјото слово и сведоштвото за Исус. |
10. | Bо Господовиот ден бев во Духот и зад себе чув силен глас, како од труба, |
11. | кој велеше: "Запиши го на свиток она што го гледаш, и испрати го до седумте цркви: во Ефес, во Смирна, во Пергам, во Тиатир, во Сард, во Виладелфија и во Лаодикеја." |
12. | Се обѕрнав за да го видам гласот што ми зборуваше. И кога се свртев, видов седум златни светилници, |
13. | а сред седумте светилници, Еден, сличен на Синот Човеков, облечен во облека долга до нозете и препашан со златен појас преку градите. |
14. | Неговата глава и косата беа бели како бела волна, како снег, а Неговите очи како огнен пламен; |
15. | Неговите стапала како бронза вжарена во печка; а Неговиот глас, како шум од многу води. |
16. | Bо Својата десна рака држеше седум ѕвезди, од Неговата уста излегуваше меч со две сечила, а Неговото лице беше како што сонцето свети во својата сила. |
17. | И кога Го видов, паднав како мртов пред Неговите нозе, а Тој ја положи Својата десница врз мене и ми рече: "Не плаши се! Јас Сум Првиот и Последниот, |
18. | и Живиот; бев мртов, и еве, Жив Сум во сите векови и ги имам клучевите на Адот и смртта. |
19. | Затоа, напиши го ова што го виде, и тоа што е и она што ќе биде потоа. |
20. | Тајната на седумте ѕвезди што ги виде во Мојата десница и на седумте златни светилници е: седумте ѕвезди се ангелите на седумте цркви, а седумте светилници се седумте цркви. |
Revelation (1/22) → |