← Philippians (3/4) → |
1. | На крај, браќа мои, радувајте се во Господ! Мене не ми е здодевно да ви го пишувам тоа па тоа, а вам ви служи како заштита. |
2. | Пазете се од кучињата, пазете се од злите работници, пазете се од лажното обрежување! |
3. | Зашто, вистинското обрежување сме ние кои служиме со Божјиот Дух и се фалиме во Христос Исус и не се надеваме на телото, |
4. | иако и јас можам да имам доверба во телото. Ако некој друг мисли дека може да има доверба во телото, јас уште повеќе: |
5. | обрежан сум во осмиот ден, од израелевиот род сум, од Бенјаминовото племе, Евреин од Евреите, по Закон - фарисеј, |
6. | по ревност - гонител на црквата, а според праведноста на Законот бев беспрекорен. |
7. | Но тоа што ми беше некогаш придобивка, го сметав за загуба поради Христос. |
8. | И уште повеќе, сметам дека сè е загуба во однос на превосходното познавање на Христос Исус, мојот Господ, заради Кого загубив сè и сè сметам за смет, за да Го придобијам Христос |
9. | и да се најдам во Него, без своја праведност, која доаѓа од Законот, туку по праведноста која доаѓа преку верата во Христос, праведноста која е од Бог врз основа на вера, |
10. | за да Го познавам Него и силата на Неговото воскресение, и учеството во Неговите страдања, станувајќи сличен на Него во Неговата смрт, |
11. | та некако да достигнам до воскресението од мртвите. |
12. | Не велам дека веќе го достигнав или дека веќе станав совршен, туку се стремам да го достигнам она за кое и самиот бев достигнат од Христос Исус. |
13. | Браќа, јас уште не мислам дека го достигнав тоа, но сепак правам едно: го заборавам она што е зад мене, а се стремам кон она што е пред мене; |
14. | трчам кон целта, за наградата на горното призвание од Бог во Христос Исус. |
15. | И така, ние кои сме совршени нека мислиме вака, а ако вие мислите и малку поинаку, Бог ќе ви го открие и тоа. |
16. | Сепак, да живееме според достигнатото! |
17. | Браќа, имајте ме за пример и гледајте на оние што живеат според примерот што го имате во нас! |
18. | Зашто мнозина, за кои ви зборував многупати, а сега зборувам и со солзи, живеат како непријатели на Христовиот крст. |
19. | Нивниот крај е погибел; нивниот бог им е стомакот; нивната слава е во нивниот срам; тие мислат само на земното. |
20. | А нашето граѓанство е на небесата, од каде и Го очекуваме Спасителот Господ Исус Христос, |
21. | Кој ќе го преобрази нашето понижено тело - да се сообрази со Неговото славно тело, според дејството на Неговата сила, со која може да покори сè под Себе. |
← Philippians (3/4) → |