← Philippians (2/4) → |
1. | И така, ако има некаква утеха во Христос, ако има некакво охрабрување од љубов, ако има некаква заедница на Духот, ако има некакво сочувство и сожалување, |
2. | направете ја мојата радост целосна, имајќи исти мисли и иста љубов, обединети во духот и со една цел. |
3. | Не правете ништо од ривалство или од суетно честољубие, туку во понизност сметајте се еден друг за поголем од себеси! |
4. | Не гледајте само на своите лични интереси, туку и на интересите на другите. |
5. | Имајте такви мисли во себе, какви што ги имаше и Исус Христос: |
6. | Кој, иако беше во ликот Божји, не го сметаше како нешто приграбено- тоа што е еднаков со Бог, |
7. | туку се лиши Самиот Себеси, земајќи лик на слуга, станувајќи сличен со луѓето. |
8. | И откако стана сличен на човек, Тој се понизи Самиот Себеси и стана послушен до смрт, дури до смрт на крст. |
9. | Затоа и Бог Го возвиши и Му подари име што е над секое име, |
10. | та во името Исус да се поклони секое колено на оние кои се на небото, на земјата и под земјата; |
11. | и секој јазик да признае дека Исус Христос е Господ, за слава на Бог Таткото. |
12. | Затоа, мили мои, како што секогаш бевте послушни, не само кога бев кај вас, туку уште повеќе сега, кога не сум кај вас, градете го своето спасение со страв и трепет. |
13. | Зашто Бог е Оној Кој ве поттикнува да сакате и да дејствувате според Неговата волја. |
14. | Правете сè без ропот и расправа, |
15. | за да бидете беспрекорни и незлобни Божји чеда, непорочни сред изопачено и расипано поколение, меѓу кое сте како светила во светот, |
16. | држејќи го цврсто словото на животот, за да имам со што да се фалам во Христовиот ден, дека не трчав залудно и дека залудно не се трудев. |
17. | Но, макар што сум излеан врз жртвата и службата на вашата вера, се радувам и ја споделувам својата радост со сите вас. |
18. | А исто така радувајте се и вие и споделете ја вашата радост со мене. |
19. | Но се надевам во Господ Исус наскоро да ви го испратам Тимотеј, та и јас да се охрабрам кога ќе дознаам како сте вие. |
20. | Зашто немам друг истомисленик, кој толку искрено ќе се грижи за вас, |
21. | бидејќи сите други го бараат своето, а не она што е на Христос Исус. |
22. | Bие го знаете неговиот докажан карактер, дека со мене служеше во ширењето на Евангелието како дете на таткото. |
23. | Затоа, се надевам дека ќе го испратам него веднаш штом ќе разберам што ќе стане со мене. |
24. | А се надевам во Господ дека и јас самиот наскоро ќе дојдам. |
25. | Сепак, сметав дека е за потребно да ви го испратам Епафродит, својот брат, соработник и соборец, а ваш пратеник и служител на моите потреби; |
26. | бидејќи копнееше по сите вас и беше нажален зашто сте чуле дека бил болен. |
27. | Навистина, беше смртно болен, но Бог му се смилува, и не само нему, туку и мене, за да не ми дојде тага врз тага. |
28. | Затоа го испратив поскоро, па повторно да се зарадувате кога ќе го видите, и јас да бидам помалку загрижен. |
29. | Затоа, примете го во Господ, со секаква радост и почитувајте ги таквите, |
30. | зашто заради Христовото дело се најде близу до смртта, излагајќи го својот живот на опасност, за да го надомести тоа што вие не можевте да го направите за мене. |
← Philippians (2/4) → |