Philippians (1/4) → |
1. | Павле и Тимотеј, слуги на Христос Исус, до сите светии во Христос Исус, кои се во Вилипи, заедно со надзорниците и ѓаконите: |
2. | благодат вам и мир од Бог нашиот Татко и од Господ Исус Христос. |
3. | Му благодарам на својот Бог секогаш кога си спомнувам за вас; |
4. | секогаш во секоја своја молитва се молам за сите вас со радост, |
5. | заради вашето учество во Евангелието од првиот ден досега. |
6. | Уверен сум во тоа, дека Оној Кој го започна доброто дело во вас, ќе го доврши до Денот на Христос Исус. |
7. | А и исправно е да го мислам тоа за сите вас, зашто ве имам во срцето сите вас кои сте соучесници со мене во благодатта - како во моите окови, така и во одбраната и утврдувањето на Евангелието. |
8. | Зашто Бог ми е сведок колку копнеам по сите вас со срдечната љубов на Христос Исус. |
9. | И затоа се молам вашата љубов да изобилува сè повеќе и повеќе во целосно познавање и во секакво расудување, |
10. | за да можете да го распознавате она што е подобро; за да бидете искрени и беспрекорни за Христовиот ден, |
11. | исполнети со плодот на праведноста, кој е преку Исус Христос, за слава и пофалба на Бог. |
12. | А сакам да знаете, браќа, дека ова што се случува со мене помогна за поголем напредок на Евангелието, |
13. | така што им стана јасно на целата царска стража и на сите други, дека сум во окови заради Христос, |
14. | и дека повеќето од браќата во Господ, охрабрени од моите окови, се осмелуваат сè повеќе без страв да го проповедаат Божјото слово. |
15. | Навистина, едни Го проповедаат Христос од завист и соперништво, а други од добра волја; |
16. | едни од љубов, знаејќи дека сум поставен за одбрана на Евангелието, |
17. | а други Го навестуваат Христос од себични пориви, не со чиста намера, мислејќи да ми нанесат тага во моите окови. |
18. | Но што тогаш? Само тоа: дека на секаков начин, било дволично или искрено, Христос се навестува. На тоа му се радувам и ќе се радувам, |
19. | зашто знам дека ова - преку вашата молитва и помошта на Духот на Исус Христос - ќе ми биде за избавување, |
20. | сходно со моето цврсто очекување и надеж, дека во ништо нема да се засрамам, туку како и секогаш во сета смелост, така и сега, Христос ќе е возвишен во моето тело, било преку живот или преку смрт. |
21. | Зашто за мене да живеам е Христос, а да умрам - придобивка. |
22. | Но ако и натаму живеам во телото, тоа за мене значи плодна работа - и не знам што да изберам. |
23. | Притиснат сум од две страни, имам желба да си заминам и да бидам со Христос, што е далеку подобро, |
24. | но заради вас е попотребно да останам во телото. |
25. | И наполно уверен во тоа, знам дека ќе останам и ќе продолжам со сите вас, за ваш напредок и за радост во верата. |
26. | А вашата пофалба преку мене да биде уште поизобилна во Христос Исус, заради моето повторно доаѓање кај вас. |
27. | Само однесувајте се достојно на Христовото Евангелие, за да можам јас - било да дојдам и да ве видам, било да сум отсутен - да чујам за вас дека стоите цврсто во еден дух, дека еднодушно се борите за евангелската вера, |
28. | и дека воопшто не се вознемирувате од противниците, што е знак за нивна погибел, а спасение за вас, и тоа од Бог. |
29. | Зашто вам ви беше дадено заради Христос не само да верувате во Него, туку и да страдате заради Него, |
30. | имајќи ја истата борба, каква што видовте во мене, а и сега слушате за мене. |
Philippians (1/4) → |