Philemon (1/1) |
1. | Павле, затвореник за Христос Исус и братот Тимотеј, до нашиот мил брат и соработник Вилемон, |
2. | до нашата сестра Апфија, до нашиот соборец Архип и до црквата во твојот дом. |
3. | Благодат вам и мир од Бог, нашиот Татко, и од Господ Исус Христос. |
4. | Му благодарам на мојот Бог, секогаш спомнувајќи те во моите молитви, |
5. | бидејќи слушам за твојата љубов и за верата што ја имаш спрема Господ Исус и спрема сите светии; |
6. | твоето учество во верата нека биде делотворно преку познавањето на секое добро што е во тебе преку Христос. |
7. | Зашто имав голема радост и утеха во твојата љубов, бидејќи ти ги освежи срцата на светиите. |
8. | Затоа, иако имам голема смелост во Христос да ти заповедам да го правиш она што е исправно, |
9. | заради љубовта повеќе сакам да те молам, јас, ваков каков што сум, Павле, старец, а сега и затвореник за Христос Исус; |
10. | те молам за моето чедо Онисим, кого го родив во окови, |
11. | кој некогаш ти беше некорисен, а сега ни е мошне корисен и тебе и мене. |
12. | Ти го праќам назад, него, срцето мое. |
13. | Сакав да го задржам кај себе, за да ми служи место тебе во оковите поради Евангелието, |
14. | но не сакав ништо да сторам без твоја согласност, за да не биде твојата добрина од принуда, туку доброволно. |
15. | Можеби затоа беше одделен од тебе за малку време, за да го примиш назад засекогаш, |
16. | но не веќе како роб, туку повеќе од роб - како мил брат, особено за мене, а уште повеќе за тебе, и во телото и во Господа. |
17. | И така, ако мене ме сметаш за близок, прими го како мене! |
18. | А ако ти направил некаква штета или ти должи нешто, стави го тоа на моја сметка. |
19. | Јас, Павле, кој го пишувам ова своерачно, ќе платам; а да не ти спомнувам дека тоа што си, ми го должиш мене. |
20. | Да, брате, дозволи да видам некаква полза од тебе во Господ; закрепни ми го срцето во Христос. |
21. | Ти го пишувам ова, имајќи доверба во твојата послушност, зашто знам дека ќе направиш и повеќе отколку што ти барам. |
22. | А едновремено со тоа приготви ми и сместување, зашто се надевам дека, преку вашите молитви, ќе ви бидам даруван. |
23. | Те поздравуваат: Епафрас, кој е со мене затвореник за Христос Исус, како и моите соработници Марко, Аристарх, Дима и Лука. |
24. | Благодатта на Господ Исус Христос нека биде со твојот дух. |
Philemon (1/1) |