← Matthew (9/28) → |
1. | Откако влезе во коработ, премина и дојде во Својот град. Тогаш Му донесоа парализиран човек, кој лежеше на постела. |
2. | А кога Исус ја виде нивната вера, му рече на парализираниот: "Охрабри се, синко. Гревовите ти се простени." |
3. | И ете, некои од закониците си рекоа во себеси: "Овој хули на Бога." |
4. | А Исус, знаејќи ги нивните мисли, рече: "Зошто имате зли мисли во вашите срца? |
5. | Па што е полесно да се рече: 'Ти се простуваат гревовите', или да се рече: 'Стани и оди?' |
6. | Но, да знаете дека Синот Човеков има власт на земјата да простува гревови!" Потоа му рече на парализираниот: "Стани, земи си ја постелата и оди си дома." |
7. | И тој стана и си отиде дома. |
8. | А народот, кога го виде тоа, се восхити и Го прослави Бог Кој им дава таква власт на луѓето. |
9. | А кога Исус си одеше оттаму виде еден човек, по име Матеј, како седи на место каде што се собира данок, и му рече: "Следи Ме!" Тој стана и тргна по Него. |
10. | И додека Тој беше прилегнат крај трпезата во куќата, ете, многу даночници и грешници дојдоа и јадеа со Исус и со Неговите ученици. |
11. | Штом фарисеите го видоа тоа, им рекоа на учениците: "Зошто вашиот учител јаде со даночниците и грешниците?" |
12. | А Тој, кога го чу тоа, рече: "На здравите не им треба лекар, туку на болните! |
13. | Одете и научете што значи: 'Милост сакам, а не жртви'; зашто не дојдов да ги повикам праведниците, туку грешниците." |
14. | Тогаш Јовановите ученици дојдоа кај Него и рекоа: "Зошто ние и фарисеите многу постиме, а Твоите ученици не постат?" |
15. | А Исус им рече: "Можат ли сватовите да тажат, додека младоженецот е со нив? Но, ќе дојдат дни кога ќе им се отме младоженецот и тогаш ќе постат. |
16. | Никој не става алтица од ново платно на стара облека, зашто алтицата ја цепи облеката и дупката станува поголема. |
17. | Ниту пак ново вино се става во стари мешини; зашто мешините се кинат, виното истекува и мешините пропаѓаат. Туку ново вино се налева во нови мешини, па се запазуваат и двете." |
18. | Додека им зборуваше за тоа, ете, еден старешина на синагогата дојде, падна пред Него ничкум и рече: "Мојата ќерка пред малку умре, но дојди и стави ја Својата рака на неа и таа ќе оживее." |
19. | Исус стана и заедно со учениците тргна со него. |
20. | И ете, жена, која боледуваше дванаесет години од крвавење, Му се приближи одзади и се допре до работ на Неговата наметка, |
21. | зашто си велеше во себеси: "Само ако се допрам до Неговата облека, ќе оздравам." |
22. | А Исус се сврте, ја виде и и рече: "Охрабри се, ќерко. Твојата вера те исцели." И жената беше исцелена во тој час. |
23. | Кога Исус дојде во куќата на старешината, ги виде свирачите и развревената толпа, |
24. | и рече: "Отстапете, зашто девојчето не е умрено, туку спие." А тие Му се потсмеваа. |
25. | Откако народот беше истеран, влезе и го фати девојчето за рака и тоа стана. |
26. | И гласот за тоа се рашири по сета земја. |
27. | Кога Исус си одеше оттаму, двајца слепи Го следеа, викајќи и зборувајќи: "Смилувај ни се, Сине Давидов!" |
28. | А кога дојде во куќата, слепите Му пристапија, а Исус им рече: "Bерувате ли дека можам да го сторам тоа?" Тие Му рекоа: "Да, Господи!" |
29. | Тогаш ги допре нивните очи, велејќи: "Нека биде според вашата вера." |
30. | И очите им се отворија. А Исус им заповеда строго: "Гледајте никој да не дознае за ова!" |
31. | А тие, штом излегоа, го разгласија тоа по сета земја. |
32. | Додека излегуваа, Му доведоа човек нем и опседнат од демон. |
33. | Откако демонот беше изгонет, немиот прозборува. И народот восхитено зборуваше: "Никогаш не било видено нешто вакво во Израел!" |
34. | Варисеите велеа: "Тој ги изгонува демоните преку принцот на демоните." |
35. | Исус одеше по сите градови и села, поучувајќи во нивните синагоги, навестувајќи го Евангелието за царството, исцелувајќи секаква болест и секаква немош меѓу луѓето. |
36. | А кога го виде народот, беше трогнат од сожаление за него, зашто беше изморен и раштркан како овци кои немаат пастир. |
37. | Тогаш им рече на Своите ученици: "Жетвата навистина е голема, а работници има малку, |
38. | затоа молете Го Господарот на жетвата да испрати работници за Својата жетва." |
← Matthew (9/28) → |