← Matthew (8/28) → |
1. | Кога слезе од гората, Го следеше едночудо народ. |
2. | И ете, еден лепрозен Му пристапи и падна пред Него ничкум, велејќи: "Господи, ако сакаш, можеш да ме исчистиш." |
3. | Тогаш Исус ја испружи раката и го допре, велејќи: "Сакам! Биди исчистен!" И веднаш од него се исчисти лепрата. |
4. | А Исус му рече: "Гледај, никому не кажувај, туку оди, појави му се на свештеникот и принеси го дарот што го заповедал Мојсеј, ним за сведоштво." |
5. | А кога Исус влезе во Капернаум, Му пристапи еден стотник и Го преколнуваше, велејќи: |
6. | "Господи, мојот слуга лежи парализиран дома и многу се мачи." |
7. | Исус му рече: "Ќе дојдам и ќе го исцелам." |
8. | А стотникот како одговор му рече: "Господи, не сум достоен да влезеш под мојот покрив, туку, кажи само збор и мојот слуга ќе биде исцелен. |
9. | Зашто и јас сум човек потчинет, а имам и војници под себе. И кога му велам на едниот: 'Оди!' тој оди; и на другиот: 'Дојди!' - и тој доаѓа; а на својот слуга: 'Направи го тоа!' - и тој го прави тоа." |
10. | А кога Исус го чу тоа, се восхити и им рече на оние што Го следеа: "Bистина ви велам, ни во Израел не најдов толкава вера. |
11. | Bи велам дека мнозина ќе дојдат од исток и од запад, и ќе прилегнат крај трпезата со Авраам, Исак и Јаков во небесното царство; |
12. | а синовите на царството ќе бидат фрлени во крајната темнина, каде што ќе има плач и чкртање со заби." |
13. | Тогаш Исус му рече на стотникот: "Оди си, нека биде според твојата вера." И неговиот слуга оздраве во истиот час. |
14. | Кога дојде Исус во Петровиот дом, ја виде неговата тешта како лежи болна од треска. |
15. | Ја допре нејзината рака и треската ја остави, а таа стана и Го послужуваше. |
16. | А кога настапи вечерта, Му доведоа многу опседнати од демони. Тој со збор ги изгони духовите и ги исцели сите болни, |
17. | за да се исполни кажаното преку пророкот Исаија, кој вели: "Тој ги зеде нашите немошти и ги понесе нашите болести." |
18. | А кога Исус виде голема толпа околу Себе, заповеда да отпловат на другата страна. |
19. | А еден законик, пристапувајќи Му рече: "Учителе, јас ќе Те следам каде и да одиш." |
20. | А Исус му рече: "Лисиците имаат дувла, а небесните птици гнезда, додека Синот Човеков нема каде да стави глава." |
21. | Еден друг од Неговите ученици Му, рече: "Господи, дозволи ми најнапред да отидам и да го погребам татко ми." |
22. | А Исус му рече: "Следи Ме и остави ги мртвите да ги погребуваат своите мртовци." |
23. | Кога влезе во коработ, Неговите ученици тргнаа со Него. |
24. | И ете, голема бура се подигна на морето, така што брановите го покриваа коработ; а Тој спиеше. |
25. | И Му пристапија и Го разбудија, велејќи: "Господи, спаси нè! Загинуваме!" |
26. | А Тој им рече: "Зошто се плашите, маловерни?" Тогаш стана, ги прекори ветровите и морето, и сè стивна. |
27. | А луѓето се восхитија и рекоа:" Каков е Овој човек, та и ветровите и морето Му се покоруваат!?" |
28. | И кога дојде на другата страна, во гадаринската земја, Го сретнаа двајца опседнати од демони, кои излегоа од гробовите, крајно опасни, така што никој не можеше да помине по патот. |
29. | И ете, извикаа, велејќи: "Што имаме ние со Тебе, Божји Сине! Дали дојде за да нè измачуваш предвреме?" |
30. | Недалеку од нив пасеше голем крдар свињи. |
31. | А демоните Го преколнуваа, велејќи: "Ако нè изгониш, испрати нè да отидеме во крдарот свињи." |
32. | Тој им рече: "Одете!" А тие излегоа и отидоа во свињите; и ете, целиот крдар се сурна по карпата во морето и исчезна во водите. |
33. | А свињарите побегнаа и штом дојдоа во градот, разгласија за сè и за она што им се случи на опседнатите. |
34. | И ете, целиот град излезе да се сретне со Исус, и кога Го видоа Го преколнуваа да си отиде од нивниот крај. |
← Matthew (8/28) → |