← Matthew (5/28) → |
1. | Кога ја виде толпата, се искачи на гората, и откако седна, Му пристапија учениците, |
2. | па почна да поучува, велејќи: |
3. | "Блажени се бедните во дух, бидејќи е нивно небесното царство! |
4. | Блажени се оние кои тагуваат, бидејќи ќе бидат утешени! |
5. | Блажени се кротките, бидејќи ќе ја наследат земјата! |
6. | Блажени се оние кои гладуваат и жедуваат за праведност, бидејќи ќе бидат задоволени! |
7. | Блажени се милостивите, бидејќи ќе бидат помилувани! |
8. | Блажени се чистите по срце, бидејќи ќе Го видат Бог! |
9. | Блажени се миротворците, бидејќи ќе бидат наречени Божји синови! |
10. | Блажени се оние кои се прогонувани заради праведност, бидејќи нивно е небесното царство! |
11. | Блажени сте кога ве навредуваат, прогонуваат и говорат лажно против вас, со секакви лоши изрази, заради Мене. |
12. | Радувајте се и веселете се, бидејќи голема е вашата награда на небесата, зашто така ги прогонуваа и пророците кои беа пред вас. |
13. | Bие сте солта на земјата, но ако солта се отсоли, со што ќе се осоли? Неа веќе за ништо не ја бива, освен да биде фрлена надвор и изгазена од луѓето. |
14. | Bие сте светлината на светот. Град кој е на рид, не може да се скрие; |
15. | ниту пак се пали свеќа за да се стави под вршник, туку на свеќник, и им свети на сите што се во куќата. |
16. | Така нека свети вашата светлина пред луѓето, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Татко, Кој е на небесата." |
17. | "Немојте да мислите дека дојдов да ги укинам Законот и пророците! Не дојдов да ги укинам, туку да ги исполнам. |
18. | Зашто вистина ви велам, додека не исчезнат небото и земјата, ниту најмалата буква, ни цртичка, не ќе ги снема од Законот, додека не се исполни сè. |
19. | И така, кој ќе наруши една од овие најмали заповеди и така ги научи луѓето, ќе биде наречен најмал во небесното царство; а кој ги држи и поучува, ќе биде наречен голем во небесното царство. |
20. | Зашто ви велам, ако вашата праведност не ја надмине праведноста на закониците и фарисеите, нема да влезете во небесното царство." |
21. | "Сте чуле дека им било речено на претците: 'Не убивај! А кој ќе убие, ќе одговара пред судот.' |
22. | А Јас ви велам дека секој кој се срди на својот брат без причина, ќе биде виновен пред судот. А кој ќе му рече на братот свој "празноглавец", ќе биде виновен пред врховниот суд. А кој ќе го нарече "глупак", ќе биде виновен за во огнениот пекол. |
23. | И така, ако принесуваш дарување пред олтарот и вчасум се сетиш дека брат ти има нешто против тебе, |
24. | остави го таму својот дар пред олтарот и оди првин смири се со својот брат, па потем врати се и принеси го дарувањето. |
25. | Помири се со твојот тужител пред законот, додека си уште со него на пат, за да не те предаде на судијата, а судијата пак на извршителот, па да те фрлат в зандана. |
26. | Bистина ти велам: нема да излезеш оттаму додека не ја дадеш и последната пара." |
27. | "Сте чуле дека им било речено на претците: 'Не врши прељуба!' |
28. | А Јас пак ви велам дека секој кој гледа на жена со похота, веќе извршил прељуба со неа во своето срце. |
29. | Ако твоето десно око те наведува на грев, извади го и отстрани го од себе; зашто подобро е да загине еден дел од телото, отколку целото тело да ти биде фрлено во пеколот. |
30. | И ако твојата десна рака те наведува на грев, пресечи ја и отстрани ја од себе; зашто подобро е да загине еден дел од телото, отколку целото тело да ти отиде во пеколот." |
31. | "Исто така било речено: 'Кој ќе ја остави својата жена, нека и даде разводна книга.' |
32. | А Јас ви велам дека секој што ја остава жената, освен за прељуба, ја принудува да врши прељуба, и оној што се жени со таква напуштена жена, врши прељуба." |
33. | "Уште сте чуле дека на претците им било речено: 'Не заколнувај се лажно, туку исполнувај ги пред Господ своите заклетви.' |
34. | А Јас ви велам: не заколнувајте се воопшто: ниту во небото, зашто тоа е Божји престол; |
35. | ниту во земјата, зашто е подножје на Неговите нозе; ниту во Ерусалим, затоа што е град на великиот Цар. |
36. | Не заколнувај се ниту во својата глава, зашто не можеш ниту едно влакно да направиш бело или црно! |
37. | Туку вашиот збор нека биде: 'да' - да, 'не' - не! Она што е повеќе од тоа, од злиот е." |
38. | "Сте чуле дека било речено: 'Око за око и заб за заб'. |
39. | А Јас пак ви велам: не противете му се на злото; но, ако некој те удри по твојот десен образ, сврти му го и другиот. |
40. | Ако некој сака да се суди со тебе и да ти ја земе кошулата, остави му ја и наметката. |
41. | Ако некој те принуди да одиш со него една милја, ти оди со него две. |
42. | Дај му на оној што ти бара, и не одбивај го оној што ти сака на заем." |
43. | "Сте чуле дека било речено: 'Љуби го својот ближен' и 'мрази го својот непријател'. |
44. | А Јас ви велам: Љубете ги своите непријатели и молете се за оние што ве прогонуваат; |
45. | за да бидете синови на вашиот Татко Кој е на небесата, бидејќи Неговото сонце изгрева над злите и над добрите, и Тој им дава дожд на праведните и на неправедните. |
46. | Зашто ако ги љубите оние кои ве љубат вас, каква награда имате? Зар истото не го прават и даночниците? |
47. | И ако ги поздравувате само своите браќа, што правите повеќе од другите? Зар не го прават истото и другите народи? |
48. | И така, бидете совршени како што е совршен вашиот небесен Татко." |
← Matthew (5/28) → |