← Matthew (4/28) → |
1. | Тогаш Духот Го одведе Исуса во пустината, за да биде искушуван од ѓаволот. |
2. | И откако постеше четириесет дни и четириесет ноќи, најпосле огладне. |
3. | Тогаш искушувачот Му пристапи и рече: "Ако си Божји Син, заповедај им на овие камења да станат лебови!" |
4. | А Тој одговори, велејќи: "Напишано е: 'Човекот не ќе живее само од леб, туку од секој збор што излегува од устата на Бог'." |
5. | Тогаш ѓаволот го одведе во светиот град, Го постави на врвот на Храмот |
6. | и Му рече: "Ако си Божји Син, фрли се долу; зашто напишано е: 'Ќе им заповеда на Своите ангели за Тебе', и 'ќе Те носат на раце, за да не Си ја удриш ногата на камен.' |
7. | Исус му рече: "А напишано е и: 'Не искушувај Го Господ, твојот Бог'!" |
8. | Ѓаволот пак Го одведе на многу висока гора, Му ги покажа сите царства на светов и нивната слава, |
9. | и Му рече: "Ќе Ти го дадам сето ова ако паднеш и ми се поклониш." |
10. | Тогаш Исус му рече: "Оди си, сатано, зашто напишано е: 'На Господ, твојот Бог, ќе Му се поклонуваш и само Нему ќе Му служиш!'" |
11. | Тогаш ѓаволот Го остави и, ете, дојдоа ангели и Му служеа. |
12. | А кога чу дека Јован го затвориле, се повлече во Галилеја. |
13. | И откако го напушти Назарет, дојде и се насели во Капернаум, крај морето, во пределите на Зебулон и Нафталим, |
14. | за да се исполни она што беше речено преку пророкот Исаија: |
15. | "Земјо Зебулонова и земјо Нафталимова, на пат кон морето, отаде Јордан, безбожна Галилејо; |
16. | народот кој седеше во темнина, виде голема Светлина, а на оние кои седеа во земјата под сенката на смртта, ним им болсна светлина." |
17. | Оттогаш Исус почна да проповеда и да говори: "Покајте се, зашто небесното царство се приближи!" |
18. | А кога одеше покрај Галилејското Море, виде двајца браќа: Симон, наречен Петар и брат му Андреј, како фрлаат мрежа во морето, зашто беа рибари, |
19. | па им рече: "Тргнете по Мене и Јас ќе ве направам рибари на луѓе!" |
20. | А тие веднаш ги оставија мрежите и Го следеа. |
21. | И кога замина оттаму, виде други двајца браќа: Јаков, синот на Зебедеј и брат му Јован, во чун со татка им Зебедеј, како ги крпат своите мрежи, и ги повика. |
22. | А тие веднаш го оставија чунот и татка си, и тргнаа по Него. |
23. | Исус одеше по цела Галилеја, поучувајќи во нивните синагоги и проповедајќи го Евангелието за царството и исцелувајќи секаква болест и секаква немош меѓу народот. |
24. | Се разнесе глас за Него по цела Сирија, и ги доведоа кај Него сите болни кои страдаа од разни болести и маки, опседнати од демони, умоболни и парализирани, и Тој ги исцели. |
25. | И Го следеше голема толпа од Галилеја, Декапол, Ерусалим, Јудеја и отаде Јордан. |
← Matthew (4/28) → |