← Matthew (28/28) |
1. | А по саботниот ден, на осамнување на првиот ден од седмицата, дојдоа Марија од Магдала и другата Марија да го видат гробот. |
2. | И ете, стана голем земјотрес, зашто Господов ангел слезе од небото, пристапи и го помести каменот и седна на него. |
3. | Лицето му светеше како молња, а неговата облека беше бела како снег. |
4. | Од страв пред него, стражарите се преплашија и паднаа како мртви. |
5. | Тогаш ангелот проговори и им рече на жените: "Не плашете се, зашто знам дека Го барате распнатиот Исус. |
6. | Не е тука, зашто е воскреснат, како што рече! Дојдете и видете го местото каде што лежеше, |
7. | и отидете бргу и кажете им на Неговите ученици дека воскресна од мртвите. Еве, Тој оди пред вас во Галилеја. Таму ќе Го видите! Ете, ви кажав!" |
8. | И тие веднаш заминаа од гробот, со страв и со голема радост, и отрчаа да им соопштат на Неговите ученици. |
9. | А Исус ги пресретна и ги поздрави: "Бидете поздравени!" А тие се приближија до Него, Го фатија за нозете и Му се поклонија. |
10. | Тогаш Исус им рече: "Не плашете се! Одете и соопштете им на Моите браќа да појдат во Галилеја. Таму ќе Ме видат." |
11. | А кога одеа, ете, некои од стражарите дојдоа во градот и им соопштија на првосвештениците за сè што беше станало. |
12. | Потоа се состанаа со старешините, се советуваа и им дадоа на војниците многу пари |
13. | и им рекоа: "Кажете дека Неговите ученици дојдоа ноќе и Го украдоа, додека ние спиевме. |
14. | А ако за ова чуе управителот, ние ќе го убедиме и вие нема за што да се грижите." |
15. | А тие ги зедоа сребрениците и постапија како што ги научија. И тоа се разгласи меѓу Евреите до ден денешен. |
16. | А единаесеттемина ученици отидоа во Галилеја, на гората, каде што им беше определил Исус. |
17. | И штом Го видоа, Му се поклонија, а некои се сомневаа. |
18. | Тогаш Исус им се приближи и им рече: "Дадена Ми е сета власт на небото и на земјата. |
19. | Затоа одете и направете од сите народи Мои ученици, крштавајќи ги во името на Таткото и Синот и Светиот Дух, учејќи ги да го чуваат сето она што ви го заповедав! |
20. | И еве, Јас Сум со вас во сите дни до крајот на светот." |
← Matthew (28/28) |