← Matthew (27/28) → |
1. | А кога се раздени, сите првосвештеници и народните старешини се советуваа против Исус, за да Го убијат. |
2. | Го врзаа, Го одведоа и му Го предадоа на управителот Пилат. |
3. | Тогаш Јуда, кој Го предаде, откако виде дека Го осудија, се покаја и им ги врати триесетте сребреници на првосвештениците и на старешините, |
4. | велејќи: "Згрешив, зашто предадов невина крв." А тие му рекоа: "Што нè засега нас тоа? Твоја работа!" |
5. | Тогаш ги фрли сребрениците во Храмот, излезе и отиде, па се обеси. |
6. | А првосвештениците ги зедоа сребрениците и рекоа: "Не чини да се остават во храмската благајна, зашто се цена за крв." |
7. | Туку, откако се посоветуваа, ја купија со нив грнчаревата нива за гробишта за туѓинци. |
8. | Затоа таа нива до денес се вика Крвна Нива. |
9. | Тогаш се исполни реченото преку пророкот Еремија, кој вели: "И ги зедоа триесетте сребреници, цена за Непроценливиот Кого Го проценија израеловите синови, |
10. | и ги дадоа за грнчаревата нива, како што ми нареди Господ." |
11. | Исус застана пред управителот, а управителот Го праша: "Ти ли си царот на Евреите?" А Исус рече: "Ти велиш". |
12. | И кога Го обвинуваа првосвештениците и старешините, не одговараше ништо. |
13. | Тогаш Пилат Му рече: "Не слушаш ли колку работи изложија против Тебе?" |
14. | И не му одговори ниту на еден збор, та управителот се најде во чудо. |
15. | А на секој празник управителот имаше обичај да му пушти на народот еден затвореник, и тоа оној што ќе го побараше. |
16. | Имаше тогаш прочуен затвореник, кој се викаше Бараба. |
17. | И кога се собраа луѓето, Пилат им рече: "Кого сакате да ви го пуштам? Бараба или Исус, наречен Христос?", |
18. | зашто знаеше дека Го предадоа од завист. |
19. | И додека седеше на судскиот стол, жена му јави до него да му кажат: "Не прави Му ништо на Тој Праведник, зашто денес насон многу настрадав заради Него!" |
20. | Но првосвештениците и старешините го наговорија народот да го побара Бараба, а Исус да биде погубен. |
21. | Тогаш управителот во одговор рече: "Кого од двајцата сакате да го пуштам?" А тие рекоа: Бараба!" |
22. | Пилат им рече: "А што да сторам тогаш со Исус, наречен Христос?" Сите рекоа: "Да биде распнат!" |
23. | А тој рече: "Зошто, какво зло сторил?" А тие сè посилно викаа: "Да биде распнат!" |
24. | А Пилат штом виде дека ништо не помага, туку викотницата станува сè поголема, зеде вода и си ги изми рацете пред народот и рече: "Невин сум за крвта на Овој Праведник! Мислете му вие!" |
25. | Целиот народ одговори, извикувајќи: "Неговата крв нека биде на нас и на нашите деца!" |
26. | Тогаш им го пушти Бараба, а Исуса, откако Го камшикуваше, им Го предаде да Го распнат. |
27. | Тогаш војниците на управителот Го одведоа Исус во преторијата и ја собраа целата чета околу Него. |
28. | Го соблекоа и Му наметнаа црвено наметало; |
29. | исплетоа трнов венец, Му го ставија на главата и трска во Неговата десница, па коленичеа пред Него и Му се потсмеваа, велејќи: "Биди поздравен, еврејски Цару!" |
30. | И плукаа по Него, ја зедоа трската и Го удираа по главата. |
31. | Откако Го исмејаа, го симнаа од Него наметалото, па Го облекоа во Неговата облека та Го одведоа да Го распнат. |
32. | А на излегување сретнаа човек Киринеец, по име Симон, и го принудија да Му го носи крстот. |
33. | А кога стигнаа на местото наречено Голгота, што значи место на череп, |
34. | Му дадоа да пие вино, измешано со жолчка, но кога вкуси, не сакаше да пие. |
35. | А откако Го распнаа, фрлајќи жрепка, ја разделија Неговата облека. |
36. | Потоа седнаа и Го чуваа. |
37. | И над главата Му ставија натпис за Неговата вина: "ОBОЈ Е ИСУС, ЦАРОТ НА ЕBРЕИТЕ." |
38. | Тогаш распнаа со Него двајца разбојници: едниот оддесно, а другиот одлево. |
39. | А минувачите Го хулеа, вртејќи со главите |
40. | и велејќи: "Ти што го разурнуваш Храмот и што за три дни го изѕидуваш, спаси се Себеси. Ако си Божји Син, симни се од крстот!" |
41. | Исто зборуваа и првосвештениците, заедно со закониците и старешините, потсмевајќи Му се: |
42. | "Другите ги спаси, а Самиот Себеси не може да се спаси. Тој е Царот на Израел! Нека слезе сега од крстот та ќе Му поверуваме! |
43. | Тој се надеваше на Бог, нека Го избави сега, штом толку Го љуби, зашто рече: 'Божји Син Сум!'" |
44. | Исто така Го навредуваа и разбојниците кои беа распнати со Него. |
45. | А од шестиот час се стемни над целата земја до деветтиот час. |
46. | Околу деветтиот час Исус извика со силен глас, велејќи: "Ели! Ели! Лема Сабахтани! - што значи: "Боже Мој, Боже Мој! Зошто Ме напушти?" |
47. | А некои од оние што стоеја таму, кога го чуја тоа, рекоа: "Овој го вика Илија!" |
48. | И веднаш еден од нив отрча, зеде сунѓер, го натопи во оцет, го надена на трска, и Му даде да пие. |
49. | А другите велеа: "Остави Го! Да видиме дали ќе дојде Илија да Го спаси!" |
50. | А Исус повторно извика со силен глас и го предаде духот. |
51. | И ете, завесата во Храмот се расцепи надве, озгора додолу, земјата се стресе и карпите распукаа, |
52. | а гробовите се отворија и воскреснаа многу тела на упокоени светии; |
53. | и излегоа од гробовите по Неговото воскресение, влегоа во светиот град и на мнозина им се јавија. |
54. | А стотникот и оние кои со него Го чуваа Исус, откако го видоа земјотресот и сè што стана, многу се исплашија и рекоа: "Навистина, Овој беше Божјиот Син!" |
55. | А таму се наоѓаа и оддалеку гледаа многу жени, кои Го следеа Исус од Галилеја и Му служеа. |
56. | Меѓу нив беа: Марија од Магдала и Марија, мајката на Јаков и Јосиф, и мајката на Зебедеевите синови. |
57. | А кога се стемни, дојде богат човек од Ариматеја, по име Јосиф, кој и самиот беше Исусов ученик. |
58. | Тој отиде кај Пилат и го побара Исусовото тело. Тогаш Пилат заповеда да му биде дадено. |
59. | Јосиф го зеде телото, го завитка во чисто платно |
60. | и го положи во својот нов гроб, што беше го издлабил во карпа. И врз влезот навали голем камен на гробот и си отиде. |
61. | А Марија од Магдала и другата Марија останаа да седат спроти гробот. |
62. | Следниот ден, по денот за подготовка, првосвештениците и фарисеите се собраа кај Пилат |
63. | и му рекоа: "Господару, се сетивме дека оној измамник, уште додека беше жив, рече: "Ќе воскреснам по три дни." |
64. | Затоа, заповедај да биде чуван гробот до третиот ден, за да не дојдат Неговите ученици да Го украдат и да му кажат на народот: 'Bоскресна од мртвите', та последната измама да биде полоша од првата." |
65. | Пилат им рече: "Еве ви стража. Појдете и чувајте го како што знаете!" |
66. | Тие отидоа и го обезбедија гробот, го запечатија каменот и поставија стража. |
← Matthew (27/28) → |