← Matthew (26/28) → |
1. | А кога Исус ги заврши сите тие говори, им рече на Своите ученици: |
2. | "Знаете дека Пасхата е по два дни, и дека ќе Го предадат Синот Човеков, за да Го распнат." |
3. | Тогаш првосвештениците и народните старешини се собраа во дворот на врховниот свештеник, кој се викаше Кајафа, |
4. | и се договорија да Го фатат Исус на измама и да Го убијат. |
5. | Но велеа: "Не на празникот, за да не се побуни народот." |
6. | А кога Исус беше во Бетанија, во куќата на Симон лепрозниот, |
7. | Му се приближи жена, со сад од алабастер со скапоцен мирис, па го излеа врз Неговата глава, додека беше прилегнат крај трпезата. |
8. | Штом учениците го видоа тоа, негодуваа и рекоа: "Зошто вакво растурање? |
9. | Тој мирис можеше да биде продаден скапо, а сребрениците да им се дадат на сиромасите!" |
10. | Но Исус, знаејќи го тоа, им рече: "Зошто и додевате на жената? Таа Ми направи добро дело, |
11. | бидејќи сиромашните ги имате секогаш со себе, а Мене Ме немате секогаш; |
12. | зашто кога таа го излеа мирисот врз Моето тело, го стори тоа за Мојот погреб. |
13. | Bистина ви велам, кај-годе да се проповеда Евангелието по целиот свет, ќе се раскажува и тоа што го стори таа, за нејзин спомен." |
14. | Тогаш еден од дванаесеттемина, по име Јуда Искариот, отиде кај првосвештениците и им рече: |
15. | "Што ќе ми дадете, за да ви Го предадам?" А тие му изброија триесет сребреници. |
16. | И оттогаш бараше згодна можност за да Го предаде. |
17. | А во првиот ден на Бесквасните лебови, учениците пристапија кај Исус и Го прашаа: "Кај сакаш да Ти приготвиме да ја јадеш Пасхата?" |
18. | Тој рече. "Појдете в град кај тој и тој човек и речете му: Учителот вели: Моето време е близу; кај тебе ќе ја празнувам Пасхата со Своите ученици." |
19. | И учениците сторија како што им заповеда Исус, и ја приготвија Пасхата. |
20. | А кога се стемни, Тој прилегна со дванаесеттемина ученици крај трпезата. |
21. | И додека јадеа, им рече: "Bистина ви велам дека еден од вас ќе Ме предаде." |
22. | А тие многу се натажија и почнаа да зборуваат еден по друг: "Да не сум јас тој, Господи?" |
23. | А Тој одговори: "Оној што ќе ја натопи со Мене раката во чинијата, тој ќе Ме предаде! |
24. | Bпрочем, Синот Човеков си оди како што е напишано за Него, но тешко му на оној човек, преку кого ќе биде предаден Синот Човеков; добро ќе беше за тој човек, ако не беше се родил!" |
25. | А Јуда, кој Го предаде, во одговор рече: "Да не сум јас, Раби?" А Тој му рече: "Ти кажа!" |
26. | А кога јадеа, Исус зеде леб, го благослови, го раскрши, им го раздаде на учениците, и рече: "Земете, јадете, ова е Моето тело." |
27. | Потоа ја зеде чашата, заблагодари, им ја даде и рече: "Пијте сите од неа, |
28. | зашто ова е Мојата крв на Заветот, која се пролева за мнозина, за проштавање на гревовите. |
29. | Но, ви велам, отсега нема да пијам од овој лозов плод сè до оној ден кога со вас ќе пијам нов во Царството на Мојот Татко." |
30. | И откако испеаја песна, се искачија на Маслиновата Гора. |
31. | Тогаш Исус им рече: "Сите вие, оваа ноќ ќе се соблазните заради Мене, зашто е пишано:'Ќе го убијам пастирот, а овците од стадото ќе се разбегаат!' |
32. | Но по Моето воскресение пред вас ќе отидам во Галилеја." |
33. | Тогаш Петар одговори, и рече: "Ако сите се соблазнат заради Тебе, јас никогаш нема да се соблазнам." |
34. | Исус му рече: "Bистина ти велам, уште ноќеска трипати ќе се откажеш од Мене пред да пропее петел." |
35. | Петар Му рече: "Ако треба и да умрам со Тебе, нема да се откажам од Тебе." И сите ученици го рекоа истото. |
36. | Тогаш Исус дојде со нив на местото што се вика Гетсеманија, и им рече на учениците: "Седете тука додека Јас отидам онаму да се помолам." |
37. | Ги поведе со себе Петар и двајцата Зебедееви синови, го обзеде тага и се вознемири. |
38. | Тогаш им рече: "Мојата душа е длабоко натажена, до смрт; останете тука и бдејте со Мене!" |
39. | И отиде малку потаму и падна ничкум и се помоли, велејќи: "Татко Мој! Ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша, но не како што сакам Јас, туку како што сакаш Ти!" |
40. | И дојде кај учениците, па ги најде како спијат, и му рече на Петар: "Значи така! Не можевте ли ни еден час да бдеете со Мене? |
41. | Бдејте и молете се, за да не паднете во искушение! Духот е бодар, но телото е немоќно!" |
42. | И повторно отиде и се помоли, велејќи: "Татко Мој! Ако не може да Ме одмине оваа чаша, да не ја пијам, нека биде Твојата волја." |
43. | И кога дојде, пак ги најде како спијат, зашто очите им беа натежнале. |
44. | И пак ги остави и отиде да се помоли, по третпат, и ги изговори истите зборови. |
45. | Тогаш дојде кај учениците и им рече: "Сè уште ли спиете и почивате. Еве, наближи часот кога Синот Човеков ќе биде предаден во рацете на грешниците. |
46. | Станете, да си одиме! Ете, наближи Мојот предавник." |
47. | И додека Тој уште зборуваше, ете, Јуда, еден од дванаесеттемина, дојде со голема толпа, со мечови и тојаги, испратени од првосвештениците и народните старешини. |
48. | А Неговиот предавник се беше договорил за знакот, велејќи: "Оној Кого ќе Го бакнам - Тој е, Него фатете Го!" |
49. | И веднаш се приближи до Исус, рече: "Биди поздравен, Учителе!" и срдечно Го бакна. |
50. | А Исус му рече: "Пријателе, стори го тоа за кое си дојден!" Тогаш пристапија, ставија раце на Исус и Го фатија. |
51. | И ете, еден од оние кои беа со Исус, извади меч и го удри слугата на врховниот свештеник и му го отсече увото. |
52. | Тогаш Исус му рече: "Bрати го мечот на своето место, зашто сите што се фаќаат за меч - од меч ќе загинат. |
53. | Или мислиш дека не можам да Го помолам Мојот Татко да Ми испрати веднаш повеќе од дванаесет легии ангели? |
54. | Но, како инаку би се исполниле Писмата, кои велат дека вака треба да биде?" |
55. | Тогаш Исус и се обрати на толпата: "Нагрваливте како на разбојник, со мечови и стапови, за да Ме фатите. Секој ден седев во Храмот и поучував и не Ме фативте. |
56. | А ова сè се збидна за да се исполнат пророчките Писма." Тогаш сите ученици Го оставија и се разбегаа. |
57. | Оние што Го фатија Исуса, Го одведоа кај врховниот свештеник Кајафа, каде што беа собрани закониците и старешините. |
58. | А Петар одеше по Него на растојание, сè до дворот на врховниот свештеник, и откако влезе внатре седна со присутните за да го види крајот. |
59. | А првосвештениците и целиот Совет бараа лажно сведоштво против Исус, за да Го убијат, но не најдоа, |
60. | иако дојдоа многу лажни сведоци. |
61. | Најпосле дојдоа двајца и рекоа: "Овој рече: 'Можам да го разурнам Божјиот Храм и да го изѕидам за три дни.'" |
62. | Тогаш врховниот свештеник стана и Му рече: "Ништо ли не одговараш? Што сведочат овие против Тебе?" |
63. | А Исус молчеше. Bрховниот свештеник Му рече: "Те заколнувам во живиот Бог да ни кажеш дали си Ти Христос, Божјиот Син?" |
64. | Исус изусти: "Ти рече! Но, Јас ви велам: отсега ќе Го гледате Синот Човеков, како седи оддесно на Силата и како доаѓа на небесните облаци." |
65. | Тогаш врховниот свештеник ја раскина својата облека и рече: "Овој богохули! Зошто ни се потребни уште сведоци? Ете, сега ја чувте хулата. |
66. | Што мислите?" А тие одговорија, велејќи: "Заслужува смрт!" |
67. | Тогаш Му плукаа в лице и насилнички Го тепаа, |
68. | а други му удираа шлаканици, говорејќи: "Проречи ни, Христе, кој Те удри?" |
69. | А Петар седеше надвор, во дворот, и една слугинка дојде кај него и му рече: "И ти беше со Галилеецот Исус!" |
70. | А тој се откажа пред сите, велејќи: "Не знам за што зборуваш!" |
71. | А кога излезе пред главната порта, го виде друга и им рече на оние што беа таму: "И овој беше со Исус од Назарет." |
72. | Тој повторно се заколна и откажа: "Не го знам Човекот." |
73. | Малку потоа му се приближија оние што стоеја, и му рекоа на Петар: "Навистина, и ти си од нив, зашто и твојот говор те издава." |
74. | Тогаш почна да ги колне и да се заколнува: "Не го знам Човекот." |
75. | И веднаш запеа петел. Петар се сети на зборовите на Исус Кој му ги рече: "Пред да пропее петел, трипати ќе се откажеш од Мене." Потоа излезе надвор и заплака горко. |
← Matthew (26/28) → |