← Matthew (24/28) → |
1. | Кога Исус излезе од Храмот, Неговите ученици Му се приближија за да Му ги покажат зградите на Храмот. |
2. | А Тој им одговори: "Го гледате ли сево ова? Bистина ви велам: нема да остане тука ниту камен на камен што не ќе биде урнат." |
3. | Кога седеше пак на Маслиновата Гора, Неговите ученици дојдоа кај Него насамо и Му рекоа: "Кажи ни кога ќе биде тоа и кој е знакот на Твоето доаѓање и на крајот на времето?" |
4. | А Исус одговори, велејќи им: "Гледајте да не ве заведе некој, |
5. | зашто мнозина ќе дојдат во Мое име, говорејќи: 'Јас Сум Христос' и ќе заведат мнозина. |
6. | И ќе чуете за војни и гласови за војни. Bнимавајте да не се уплашите; зашто тоа треба да се случи, но тоа уште не е крајот. |
7. | Зашто ќе се дигне народ против народ и царство против царство, и ќе има глад, помор и земјотреси на разни места. |
8. | Но сето тоа е само почеток на родилните маки. |
9. | Тогаш ќе ве предадат на маки и ќе ве убиваат, и сите народи ќе ве замразат заради Моето име. |
10. | Тогаш мнозина ќе се соблазнат, секој ќе предава секого и секој ќе ги мрази другите; |
11. | и ќе се јават многу лажни пророци кои ќе заведат мнозина. |
12. | И заради многуте беззаконија, љубовта ќе олади кај мнозина. |
13. | А кој ќе издржи докрај, ќе биде спасен. |
14. | И ова Евангелие за Царството ќе биде проповедано по целиот свет за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде крајот." |
15. | "И така, кога ќе го видите гнасното опустошување, за кое зборуваше пророкот Даниел, како владее на светото место (кој чита - нека разбере!), |
16. | тогаш жителите на Јудеја нека бегаат по горите; |
17. | а оној што ќе биде на покрив, нека не слегува да земе нешто од својата куќа; |
18. | и кој ќе биде в поле, нека не се враќа за да ја земе наметката! |
19. | Но тешко им на бремените и на доилките во тие денови! |
20. | Молете се вашето бегство да не биде во зима или во саботен ден, |
21. | зашто тогаш ќе има големо страдање, какво што не било од создавањето на светот досега, ниту пак ќе биде. |
22. | И ако не се скратат тие дни, не ќе се спаси ниту еден. Но заради избраните, тие дни ќе бидат скратени. |
23. | Ако некој ви рече тогаш: 'Еве, Христос е тука' или 'таму е'- не верувајте, |
24. | зашто ќе се појават лажни христоси и лажни пророци, и ќе прават големи знаци и чуда, за да ги заведат, ако е можно, и избраните. |
25. | Ете, ви кажав однапред! |
26. | И така, ако ви речат: 'Ене Го во пустината!' - не излегувајте! 'Ене Го во една од внатрешните соби!' - не верувајте. |
27. | Зашто, како што молњата излегува од исток и свети до запад, такво ќе биде и доаѓањето на Синот Човеков. |
28. | Зашто каде што има мрша, таму ќе се собираат мршојадците!" |
29. | "Bеднаш по страдањата во тие денови, сонцето ќе потемни, месечината нема повеќе да свети, ѕвездите ќе паѓаат од небото и небесните сили ќе се растресат. |
30. | Е тогаш на небото ќе се јави знакот на Синот Човеков. Тогаш ќе проплачат сите племиња на земјата и ќе Го видат Синот Човеков како доаѓа на небесните облаци, со сила и со голема слава. |
31. | И Тој ќе ги испрати Своите ангели со силен глас од труба, а тие ќе ги соберат Неговите избраници од четирите ветра, од едниот крај на небото до другиот." |
32. | "А од смоквата научете ја поуката! Кога нејзината гранка ќе смекне и ќе потераат лисја, знаете дека летото е близу. |
33. | Така и вие, кога ќе го видите сето тоа, знајте дека е близу, на прагот е! |
34. | Bистина ви велам, ова поколение нема да мине додека не се збидне сето тоа. |
35. | Небото и земјата ќе поминат, но Моите зборови нема да поминат." |
36. | "А за тој ден и час, никој не знае, ни небесните ангели, ни Синот, туку само Таткото. |
37. | Како што беше во Ноевите денови, така ќе биде и при доаѓањето на Синот Човеков. |
38. | Зашто, како што во деновите пред потопот јадеа и пиеја, се женеа и мажеа до денот кога Ное влезе во ковчегот, |
39. | и не сфатија додека не дојде потопот и однесе сè, така ќе биде и при доаѓањето на Синот Човеков. |
40. | Тогаш двајца ќе бидат на поле - еден ќе биде однесен, а другиот оставен. |
41. | Две жени ќе мелат на мелница - едната ќе биде однесена, а другата оставена. |
42. | Затоа, бдејте зашто не знаете кога ќе дојде вашиот Господ! |
43. | А знајте го ова: ако домаќинот би знаел за време на која ноќна стража ќе дојде крадецот, би бдеел и не би дозволил да му се провали во куќата. |
44. | Затоа и вие бидете подготвени, зашто Синот Човеков ќе дојде во час кога не се надевате." |
45. | "И така, кој верен и мудар слуга, господарот не го поставил над слугите свои, за да им дава храна навреме? |
46. | Блажен е тој слуга, кого неговиот господар, кога ќе дојде, ќе го најде да прави така. |
47. | Bистина ви велам: ќе го постави над сиот свој имот. |
48. | Ако пак злиот слуга рече во своето срце: 'Мојот господар ќе се забави долго', |
49. | па почне да ги тепа своите сослужители, и да јаде и да пие со пијаниците, |
50. | господарот на тој слуга ќе дојде во ден кога не очекува, и во час што не го знае, |
51. | па ќе го расчеречи и ќе го стави меѓу лицемерите. Таму ќе има лелек и чкртање со заби." |
← Matthew (24/28) → |