← Matthew (23/28) → |
1. | Тогаш Исус му се обрна на народот и на Своите ученици, |
2. | велејќи: "На Мојсеевото место седнаа закониците и фарисеите, |
3. | затоа сè што ќе ви речат извршувајте и внимавајте, но не постапувајте според нивните дела, зашто зборуваат, а не извршуваат! |
4. | И врзуваат тешки и неподносливи бремиња, и ги ставаат врз плеќите на луѓето, а самите не сакаат ни со прст да ги помрднат. |
5. | А сите свои дела ги прават за да ги забележат луѓето; затоа ги рашируваат своите молитвеници и ги издолжуваат ресите на наметките; |
6. | ги сакаат челните места по гоштавките, првите места во синагогите, |
7. | поздравите на јавните места и милуваат луѓето да ги нарекуваат 'раби'. |
8. | А вие не нарекувајте се учители, зашто Еден е вашиот Учител, а вие сите сте браќа. |
9. | И никого на земјата не нарекувајте го 'отец', зашто Еден е вашиот Татко Кој е на небесата. |
10. | Не нарекувајте се водачи, зашто Еден е вашиот Bодач, Христос. |
11. | А најголемиот меѓу вас нека ви биде слуга. |
12. | Кој се воздига себеси, ќе биде понизен, а кој се понизува себеси, ќе биде возвишен. |
13. | Тешко вам, законици и фарисеи, лицемери, кои го затворате небесното царство пред луѓето, зашто самите не влегувате, ниту ги пуштате внатре оние кои сакаат да влезат. |
14. | (Тешко вам, законици и фарисеи, лицемери, зашто ги проголтувате домовите на вдовиците, и се престорувате дека се молите долго. Затоа ќе добиете поголема осуда!) |
15. | Тешко вам, законици и фарисеи, лицемери, кои обиколувате море и копно, за да создадете еден прозелит, и кога ќе стане таков, го правите син на пеколот, двапати полош од вас! |
16. | Тешко вам, слепи водачи, кои велите: 'Ако некој се заколне во Храмот, не е ништо; ако пак се заколне во храмското злато, тогаш го обврзува заклетвата!' |
17. | Безумни и слепи! Што е поважно: златото или Храмот што го осветува златото? |
18. | И: 'Ако некој се заколне во жртвеникот, не е ништо; а ако се заколне во дарот што е врз него, тогаш го обврзува заклетвата.' |
19. | Слепци! Што е поважно: дарот или жртвеникот што го осветува дарот? |
20. | И така, кој се колне во жртвеникот, се колне во него и во сè што е врз него. |
21. | И кој се колне во Храмот, се колне во него и во Оној Кој живее во него. |
22. | И кој се колне во небото, се колне во Божјиот престол и во Оној Кој седи на него." |
23. | Тешко вам, законици и фарисеи, лицемери, кои давате десеток од нане, копар и ким, а го запоставувате поважното во Законот: правдата, милоста и верноста. Ова требаше да го правите, а она да не го запоставувате! |
24. | Слепи водачи, кои ја цедите вошката, а ја проголтувате камилата. |
25. | Тешко вам, законици и фарисеи, лицемери, кои ја чистите надворешноста на чашата и садот, а внатре сте полни со грабеж и лакомост! |
26. | Слеп фарисеју! Исчисти ја најпрвин внатрешноста на чашата и садот, за да им биде чиста и надворешноста! |
27. | Тешко вам, законици и фарисеи, лицемери, зашто прилегате на варосани гробови, што однадвор изгледаат убаво, а внатре се полни со мртовечки коски и секаква нечистотија! |
28. | Така и вие однадвор им се покажувате праведни на луѓето, а внатре сте полни со лицемерство и беззаконие. |
29. | Тешко вам, законици и фарисеи, лицемери, кои им градите гробови на пророците и им ги украсувате спомениците на праведните, |
30. | и велите: 'Ако живеевме во деновите на нашите татковци, не ќе бевме нивни соучесници во крвта на пророците.' |
31. | Така сведочите за себе, дека сте синови на оние кои ги убија пророците. |
32. | И вие ја дополнивте мерата на вашите татковци! |
33. | Змии, змиски породи! Како ќе и избегнете на пресудата на пеколот? |
34. | Затоа, еве, Јас ви праќам пророци, мудреци и законици. Од нив едните ќе ги убиете и распнете, а другите ќе ги камшикувате во вашите синагоги и ќе ги прогонувате од град до град, |
35. | та врз вас да дојде сета праведна крв, пролеана на земјата, од крвта на праведниот Авел до крвта на Захариј, синот на Барах, кого го убивте меѓу Храмот и жртвеникот. |
36. | Bистина ви велам, сето тоа ќе падне врз ова поколение." |
37. | "О, Ерусалиме! Ерусалиме, ти што ги убиваш пророците и што ги каменуваш испратените кај тебе! Колкупати сакав да ги соберам твоите деца, како што квачката ги собира своите пилиња под крилата, но не сакавте! |
38. | Еве, пуст ви останува вашиот дом! |
39. | Зашто ви велам: отсега нема да Ме видите додека не речете: 'Благословен е Оној Кој доаѓа во Господовото име!'" |
← Matthew (23/28) → |