← Matthew (22/28) → |
1. | Исус почна пак да им зборува во споредби и им рече, велејќи: |
2. | "Небесното царство прилега на цар, кој беше подготвил свадбена гозба за сина си, |
3. | па ги испрати своите слуги да ги повикаат поканетите на гоштавка, но тие не сакаа да дојдат. |
4. | Повторно прати други слуги, велејќи им: 'Кажете им на поканетите: Еве, гозбата е готова, моите јунци и згоениот добиток се заклани, и сè е готово. Повелете на свадба!' |
5. | А тие не им обрнаа внимание и се разотидоа: кој на својот имот, кој по своја трговија; |
6. | а едни ги фатија неговите слуги, им се наругаа и ги убија. |
7. | Царот, пак, се разгневи, ја испрати својата војска и ги погуби убијците и им го запали градот. |
8. | Тогаш им рече на останатите слуги: 'Гозбата е готова! - ама поканетите не беа достојни. |
9. | Затоа излезете по раскрсниците и сите што ќе ги најдете, поканете ги на гоштавка.' |
10. | Слугите излегоа по патиштата и ги доведоа сите што ги најдоа, и лошите и добрите, и свадбената сала се наполни со гости. |
11. | А кога царот влезе да ги види гостите, виде таму еден човек кој не беше облечен во свадбено руво. |
12. | И му рече: 'Пријателе, како влезе тука без свадбена облека?' А тој занеме. |
13. | Тогаш царот им заповеда на служителите: 'Bрзете му ги нозете и рацете, и фрлете го во крајната темнина. Таму ќе има лелек и чкртање со заби!' |
14. | Bсушност, мнозина се поканети, но малкумина се избрани!" |
15. | Тогаш фарисеите заминаа и се договорија како да Го фатат за збор. |
16. | И Му ги испратија своите ученици, заедно со Иродовците, за да Му речат: "Учителе, знаеме дека си вистинит и дека во вистина ги поучуваш луѓето за Божјиот пат, и не те засега никој, зашто не си пристрастен. |
17. | Па, кажи ни, што мислиш Ти! Дали е според законот да му се дава данок на цезарот или не?" |
18. | А Исус го разбра нивното лукавство и рече: "Зошто Ме искушувате, лицемери? |
19. | Покажете ми пара со која го плаќате данокот!" Тие Му донесоа денариј. |
20. | И им рече: "Чиј е овој лик и натписот?" |
21. | Тие Му рекоа: "На цезарот!" Тогаш Тој им рече: "Дајте му го цезаровото на цезарот, а Божјото на Бог!" |
22. | И штом го чуја тоа, се восхитија, па Го оставија, и си отидоа. |
23. | Тој ден кај Него дојдоа садукеите, кои велат дека нема воскресение, и Го прашаа: |
24. | "Учителе, Мојсеј рече: 'Ако некој умре без деца, неговиот брат нека ја земе жена му и нека му подигне потомство на брата си.' |
25. | Кај нас имаше седуммина браќа: првиот се ожени и умре, а бидејќи немаше потомство, му ја остави својата жена на брата си. |
26. | Така направи и вториот и третиот, сè до седмиот, |
27. | А по сите нив, умре и жената. |
28. | Па така, при воскресението, кому од седумтемина таа ќе му биде жена? Зашто сите ја имаа!" |
29. | А Исус им одговори и им рече: "Грешите, и не ги разбирате Писмата, ниту Божјата сила. |
30. | Зашто по воскресението ниту ќе се женат ниту ќе се мажат, туку ќе бидат како ангелите на небото. |
31. | А за воскресението на мртвите, не сте читале ли за она што ви кажа Бог, Кој вели: |
32. | 'Јас Сум Богот на Авраам, Богот на Исак и Богот на Јаков"? А Бог не е Бог на мртвите, туку на живите!" |
33. | И кога народот го чу тоа, му се восхитуваше на Неговото учење. |
34. | А кога фарисеите слушнаа дека им ја затвори устата на садукеите, се собраа заедно, |
35. | и еден од нив, законик, Го праша, искушувајќи Го: |
36. | "Учителе, која е големата заповед во Законот?" |
37. | А Тој му рече: 'Љуби Го Господ твојот Бог со сето свое срце, и со сета своја душа и со сиот свој разум!' |
38. | Тоа е првата и големата заповед; |
39. | а втората е слична: 'Љуби го твојот ближен како себеси!' |
40. | На тие две заповеди се потпираат целиот Закон и пророците." |
41. | А кога фарисеите беа собрани, Исус ги праша: |
42. | "Што мислите за Христос? Чиј Син е Тој?" Му рекоа: "Давидов." |
43. | А Тој им рече: "Како тогаш Давид, преку Духот, Го нарекува Господ, велејќи: |
44. | 'Му рече Господ на мојот Господ: - Седни од Мојата десна страна, додека не ги соборам Твоите непријатели под нозете Твои.' |
45. | И така, ако Давид Го нарекува 'Господ', како може Тој да му биде Син?" |
46. | И никој не можеше да Му одговори ниту збор, ниту пак некој се осмели од тој ден веќе да Го праша нешто. |
← Matthew (22/28) → |