← Matthew (20/28) → |
1. | "Зашто небесното царство прилега на човек, домаќин, кој излезе рано наутро да фати аргати за на лозје. |
2. | И откако се погоди со работниците по денариј на ден, ги испрати во своето лозје. |
3. | А кога излезе пак околу третиот час, виде други како стојат на пазарот, без работа, |
4. | и им рече: "Појдете и вие во моето лозје, па колку ќе чини ќе ви дадам!" |
5. | И тие отидоа. А кога пак излезе околу шестиот и деветтиот час го направи истото. |
6. | А околу единаесеттиот час пак излезе и најде други, како стојат, и им рече: "Зошто стоите тука цел ден без работа?" |
7. | Му рекоа: "Никој не нè зеде на работа." Тој им рече: "Појдете и вие во моето лозје." |
8. | Кога се свечери, господарот на лозјето му рече на својот управител: "Повикај ги работниците и плати им, почнувајќи од последните, па до првите!" |
9. | И така, дојдените околу единаесеттиот час примија по денариј. |
10. | Кога дојдоа првите, помислија дека ќе примат повеќе, но и тие примија по денариј. |
11. | Штом го примија, мрмореа против домаќинот, велејќи: |
12. | "Последниве работеа еден час, а ти ги спореди со нас, кои ги претрпевме мачнотиите на денот и жегата." |
13. | А тој му одговори на еден од нив, велејќи: "Пријателе, не ти чинам неправда; зар не се погоди со мене за денариј? |
14. | Земи си го своето и оди си; а јас сакам на последниов да му дадам колку и на тебе. |
15. | Зар немам право со своето да правам што сакам? Или твоето око е зло, зашто сум добар?" |
16. | Така, последните ќе бидат први, а првите - последни." |
17. | Кога Исус се искачуваше кон Ерусалим, ги зеде дванаесеттемина насамо и по пат им рече: |
18. | "Еве, се искачуваме кон Ерусалим, а Синот Човеков ќе им биде предаден на првосвештениците и закониците, кои ќе Го осудат на смрт, |
19. | и ќе им Го предадат на неевреите, за да Му се ругаат, да Го камшикуваат и да Го распнат. Но на третиот ден ќе воскресне." |
20. | Тогаш мајката на синовите Зебедееви Му пристапи заедно со своите синови, поклонувајќи Му се, за да измоли нешто од Него. |
21. | А Тој и рече: "Што сакаш?" Му одговори: "Заповедај двајцава мои синови да седнат, едниот од Твојата десна, а другиот од Твојата лева страна, во Твоето царство!" |
22. | А Исус одговори, велејќи: "Не знаете што барате! Можете ли да ја испиете чашата што ќе ја испијам Јас." Тие Му рекоа: "Можеме." |
23. | Им рече: "Мојата чаша ќе ја испиете; но да Ми седнете оддесно или одлево, за тоа не решавам Јас, туку ќе им припадне на оние, за кои Мојот Татко го приготвил." |
24. | И кога го чуја тоа десеттемина, им се налутија на двајцата браќа. |
25. | А Исус ги повика и рече: "Знаете дека владетелите господарат над своите народи и дека големците владеат со нив. |
26. | Меѓу вас нека не биде така! Туку, оној што сака да биде најголем меѓу вас, нека ви служи! |
27. | И кој сака да биде прв меѓу вас, нека ви биде слуга, |
28. | така како што Синот Човеков не дојде да Му служат, туку да служи, и да ја даде Својата душа за откуп на мнозина." |
29. | А додека излегуваа од Ерихон, многу народ тргна по Него. |
30. | И ете, двајца слепи, седејќи крај патот, чуја дека Исус минува, и викаа велејќи: "Господи, Сине Давидов, смилувај ни се!" |
31. | Народот ги прекори да молкнат, а тие викаа уште погласно: "Господи, Сине Давидов, смилувај ни се!" |
32. | И Исус застана, ги повика и рече: "Што сакате да сторам за вас?" |
33. | Тие Му рекоа: "Господи, да ни се отворат очиве!" |
34. | Исус се сожали, им ги допре очите и веднаш прогледаа и тргнаа по Него. |
← Matthew (20/28) → |