Matthew (19/28)  

1. А кога Исус ги заврши тие зборови, замина од Галилеја и дојде до пределите на Јудеја отаде Јордан.
2. И многу народ Го следеше, а Тој ги исцели таму.
3. Му пристапија фарисеите, Го искушуваа, велејќи: "Дали е според законот човек да ја остави својата жена за каква-годе причина?"
4. А Тој одговори, велејќи: "Зар не сте читале: Творецот во почетокот ги создаде како машко и женско,
5. и рече: 'Затоа мажот ќе ги остави таткото и мајката и ќе се прилепи до својата жена, та обајцата ќе станат едно тело?'
6. Така тие повеќе не се двајца, туку едно тело. И така, тоа што Бог го соединил, човек да не го раздвојува!"
7. И Му рекоа: "Зошто тогаш Мојсеј заповеда да и се даде разводна книга и да се остави?"
8. Тој им рече: "Поради вашето закоравено срце Мојсеј ви дозволи да ги оставате вашите жени, но во почетокот не беше така.
9. Туку ви велам: 'Кој ќе ја остави својата жена - освен за прељуба и се ожени за друга, прави прељуба; и кој ќе се ожени со напуштена, прави прељуба."
10. Учениците Му рекоа: "Ако е таква работата меѓу мажот и жената, подобро е да не се земаат."
11. А Тој им рече: "Сите не можат да ги сфатат овие зборови, туку само оние на кои им е дадено.
12. Зашто има евнуси, кои се родени така од мајчината утроба, и има евнуси, кои се скопени од луѓе, и има евнуси, кои самите се одрекле од брак заради небесното царство. Кој може да го сфати ова, нека сфати!"
13. Тогаш доведоа дечиња кај Него, за да ги стави врз нив рацете и да се помоли, но учениците ги спречуваа.
14. А Исус им рече: "Оставете ги децата и не бранете им да дојдат кај Мене, зашто на таквите им припаѓа небесното царство."
15. И откако ги стави рацете врз нив, си замина.
16. И ете, еден млад човек Му пристапи и рече: "Учителе, какво добро да сторам, за да добијам вечен живот?"
17. А Тој му рече: "Зошто Ме прашуваш за доброто? Само Еден е добар! Но ако сакаш да влезеш во животот, почитувај ги заповедите!"
18. Тој го праша: "Кои?" А Исус рече: "Не убивај, не врши прељуба, не кради, не сведочи лажно,
19. почитувај ги татка си и мајка си и љуби го својот ближен како себеси!"
20. Момчето Му рече: "Сето тоа го почитувам. Што треба уште?"
21. Исус му рече: "Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го својот имот, дај им на сиромашните и ќе имаш богатство на небото, па потоа дојди и следи Ме!"
22. А кога момчето го чу тој збор, си отиде нажалено, зашто имаше многу имот.
23. А Исус им рече на учениците: "Bистина ви велам: богат тешко ќе влезе во небесното царство!
24. И пак ви велам: Полесно и е на камилата да помине низ иглени уши, отколку на богатиот да влезе во Божјото царство."
25. Кога учениците го слушнаа тоа многу се зачудија и рекоа: "Ако е така, кој може да се спаси?"
26. Исус ги погледна и им рече: "За луѓето тоа е невозможно, но за Бог сè е возможно."
27. Тогаш Петар одговори, велејќи Му: "Еве, ние оставивме сè и тргнавме по Тебе. А што ќе добиеме за возврат?"
28. А Исус им рече: "Bистина ви велам дека вие кои тргнавте по Мене, при обновувањето, кога Синот Човеков ќе седне на престолот на Својата слава, и самите ќе седнете на дванаесет престоли и ќе им судите на дванаесетте племиња на Израел.
29. И секој, кој заради Моето име ќе остави куќа, или браќа, или сестри, или татко, или мајка, или деца, или ниви, ќе прими многукратно и ќе наследи вечен живот.
30. И мнозина први ќе бидат последни, а последните први."

  Matthew (19/28)