← Matthew (17/28) → |
1. | По шест дни Исус ги зеде со Себе Петар, Јаков и неговиот брат Јован и ги изведе на висока гора, насамо. |
2. | И се преобрази пред нив, лицето Му болсна како сонцето, а Неговата облека стана бела како светлина. |
3. | И ете, им се јавија Мојсеј и Илија, и разговараа со Него. |
4. | А Петар одговори и Му рече на Исус: "Господи, убаво ни е тука; ако сакаш ќе направам три сеници: една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија." |
5. | Додека тој уште зборуваше, ете, ги засени светол облак, а глас од облакот велеше: "Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја; слушајте Го Него!" |
6. | А кога учениците го чуја тоа, паднаа ничкум и многу се исплашија. |
7. | Исус се приближи до нив, ги допре и им рече: "Станете и не бојте се!" |
8. | А кога ги подигнаа своите очи, не видоа никого, туку само Исуса. |
9. | Додека слегуваа од гората, Исус им заповеда, велејќи: "Не кажувајте му никому за ова видение, додека Синот Човеков не воскресне од мртвите." |
10. | А учениците Го прашаа, говорејќи: "Зошто тогаш закониците велат дека најнапред мора да дојде Илија?" |
11. | А Тој им одговори, велејќи: "Навистина прво треба да дојде Илија и сè да возобнови. |
12. | Но, ви велам, дека Илија веќе дојде и не го препознаа, туку со него направија сè што сакаа. Така и Синот Човеков ќе пострада од нив." |
13. | Тогаш учениците разбраа дека им зборуваше за Јован Крстителот. |
14. | Кога дојдоа кај народот, еден човек Му пристапи, падна на колена пред Него и рече: |
15. | "Господи, смилувај му се на мојот син, зашто е месечар и се мачи многу, честопати паѓа во огнот и често во водата. |
16. | Го доведов кај Твоите ученици, а тие не можеа да го исцелат." |
17. | Исус му одговори и рече: "О, неверен и опак роде! До кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? Доведете Ми го тука." |
18. | И Исус го прекори, а демонот излезе од него, и момчето вчасум беше исцелено. |
19. | Тогаш учениците дојдоа кај Исус насамо и рекоа: "Зошто ние не можевме да го истераме?" |
20. | А Тој им рече: "Заради вашето неверие; зашто, вистина ви велам, ако имате вера колку синапово зрно, ќе и речете на оваа гора: 'Премести се оттука таму!', и ќе се премести. Ништо не ќе ви биде невозможно. |
21. | А овој вид не излегува инаку туку преку молитва и пост." |
22. | Додека беа собрани заедно во Галилеја, Исус им рече: "Синот Човеков ќе биде предаден во човечки раце, |
23. | ќе Го убијат и на третиот ден ќе воскресне." А тие многу се нажалија. |
24. | Кога дојдоа во Капернаум, собирачите на дводрахми, Храмовиот данок, му пристапија на Петар и му рекоа: "Зарем вашиот Учител не дава дводрахми?" |
25. | Тој рече: "Дава." И кога влезе во куќата, Исус го испревари, велејќи: "Што мислиш, Симоне, земните цареви од кого земаат царина или данок, од своите синови или од туѓите?" |
26. | Откако Петар Му рече: "Од туѓите," Исус му рече: "Значи, синовите се слободни. |
27. | Но за да не ги навредиме, оди до морето, фрли јадица и земи ја првата риба што ќе ја фатиш, а кога ќе и ја отвориш устата ќе најдеш статир. Земи го и дај им го за тебе и за Мене." |
← Matthew (17/28) → |