← Matthew (16/28) → |
1. | Дојдоа фарисеите и садукеите и, искушувајќи Го, побараа да им покаже знак од небото. |
2. | Но Тој одговори, велејќи им: "Кога се свечерува, велите: 'Ќе биде ведро, зашто небото е црвено', |
3. | а наутро: 'Денес ќе има невреме, зашто небото е црвено и стушено.' Навистина знаете да го разликувате изгледот на небото, а знаците на времињата не можете! |
4. | Злото и прељубничкото поколение бара знак, но нема да му биде даден друг знак, освен знакот на пророкот Јона." Та ги остави и си замина. |
5. | Неговите ученици преминаа на другата страна и заборавија да земат леб. |
6. | А Исус им рече: "Bнимавајте и чувајте се од фарисејскиот и садукејскиот квас!" |
7. | А тие расправаа меѓу себе, велејќи: "Ова го вели зашто не зедовме леб." |
8. | А Исус знаејќи го тоа, им рече: "Маловерни, зошто расправате меѓу себе оти не зедовте леб? |
9. | Уште ли не сфативте и не помните ли за петте лебови на пет илјади души и колку кошеви собравте? |
10. | Ни за седумте лебови на четири илјади души и колку кошеви собравте? |
11. | Како не можете да разберете дека не ви зборувам за леб? Туку чувајте се од фарисејскиот и садукејскиот квас!" |
12. | Тогаш сфатија дека не им рече да се чуваат од лебниот квас, туку од фарисејското и садукејското учење. |
13. | А кога Исус дојде во околината на Цезареја Вилипова, ги праша учениците и рече: "Што велат луѓето за Мене, Кој е Синот Човеков?" |
14. | А тие рекоа: "Едни велат дека си Јован Крстителот, други дека си Илија, а трети пак дека си Еремија или еден од пророците." |
15. | Тој им рече: "А вие што велите, Кој Сум Јас?" |
16. | Одговори Симон Петар и рече: "Ти си Христос, Синот на живиот Бог." |
17. | Исус одговори, велејќи: "Блажен си Симоне, сине Јонин, зашто тоа не ти го открија телото и крвта, туку Мојот Татко, Кој е на небесата. |
18. | А Јас пак ти велам дека си Петар, и на таа карпа ќе ја изградам Мојата црква и портите на Адот нема да ја надвладеат. |
19. | И ќе ти ги дадам клучевите на небесното царство, па сè што ќе сврзеш на земјата, ќе биде сврзано на небото, и што ќе разврзеш на земјата, ќе биде разврзано на небото." |
20. | Тогаш ги предупреди Своите ученици да не кажуваат никому дека Тој е Христос. |
21. | Оттогаш Исус почна да им кажува на Своите ученици дека мора да замине за Ерусалим и многу да пострада од старешините, првосвештениците и закониците, да биде убиен и на третиот ден да воскресне. |
22. | А Петар Го тргна настрана и почна да Го прекорува, велејќи: "Не дај Боже, Господи; тоа никогаш нема да Ти се случи!" |
23. | А Тој се обѕрна и му рече на Петар: "Тргни се зад Мене, сатано! Ти си Ми соблазнив, зашто не ти е на ум она што е Божјо, туку она што е човечко." |
24. | Тогаш Исус им рече на Своите ученици: "Ако некој сака да тргне по Мене, нека се откаже од себеси, нека го земе својот крст и нека Ме следи. |
25. | Зашто, кој сака да ја спаси својата душа, ќе ја загуби, а кој ќе ја загуби својата душа заради Мене, ќе ја најде. |
26. | Зашто, каква полза ќе има човекот ако го придобие целиот свет, а ја загуби својата душа? Или што ќе даде човек во замена за својата душа? |
27. | Зашто Синот Човеков ќе дојде во славата на Својот Татко, со Своите ангели и тогаш секому ќе му возврати според неговите дела. |
28. | Bистина ви велам дека меѓу овие што стојат тука, има некои кои нема да вкусат смрт додека не Го видат Синот Човеков како доаѓа во Своето царство." |
← Matthew (16/28) → |