← Matthew (15/28) → |
1. | Тогаш фарисеите и закониците од Ерусалим, Му пристапија на Исус и рекоа: |
2. | "Зошто Твоите ученици ја престапуваат традицијата на старите? Бидејќи не си ги мијат рацете, кога јадат леб." |
3. | А Тој одговарајќи им рече: "Зошто и вие ја престапувате Божјата заповед, заради вашите традиции? |
4. | Зашто Бог заповеда: 'Почитувај ги таткото и мајката' и 'Кој зборува лошо за својот татко или мајка, нека биде казнет со смрт'. |
5. | А вие велите: кој ќе му рече на татко си или на мајка си: 'Она со што би можел да те помогнам, Му е подарено на Бога, |
6. | тој нема обврска спрема татка си или мајка си'. Така го укинавте Божјото слово заради вашите традиции. |
7. | Лицемери! Исаија добро пророкуваше за вас, велејќи: |
8. | 'Овој народ Ме почитува со усните, а нивното срце е далеку од Мене. |
9. | Попусто Ми се поклонуваат, поучувајќи учења кои се човечки повелби.'" |
10. | И го повика народот и му рече: "Слушајте и разберете! |
11. | Она што влегува во устата не го погани човекот, туку она што излегува од устата, тоа го погани човекот." |
12. | Тогаш учениците Му се приближија и рекоа: "Знаеш ли дека фарисеите се навредија кога го чуја тоа?" |
13. | А Тој им одговори и рече: "Секое растение што не го насадил Мојот небесен Татко, ќе биде искорнато. |
14. | Оставете ги. Тие се слепи водачи на слепите, а ако слеп води слеп, обајцата ќе паднат в јама." |
15. | А Петар изусти и Му рече: "Објасни ни ја споредбата." |
16. | На тоа Исус им рече: "Зар вие сè уште не разбирате? |
17. | Не сфаќате ли дека сè што влегува во устата минува низ стомакот и се исфрла надвор? |
18. | А она што излегува од устата, произлегува од срцето и тоа го погани човекот. |
19. | Зашто од срцето произлегуваат зли мисли, убиства, прељуби, блудства, кражби, лажни сведоштва, хули. |
20. | Тие се нештата кои го поганат човекот. А јадењето со неизмиени раце не го погани човекот." |
21. | Откако излезе оттаму, Исус се повлече во пределите на Тир и Сидон. |
22. | И ете, една жена, хананејка, се појави од тие краишта и извика кон Него велејќи: "Смилувај ми се, Господи, Сине Давидов! Мојата ќерка е тешко опседната од демон." |
23. | А Тој не и одговори со ниеден збор. Но Му се приближија Неговите ученици и Го молеа, велејќи Му: "Избркај ја, зашто вика по нас." |
24. | Но Тој одговори и рече: "Јас Сум испратен само кај загубените овци на израеловиот дом." |
25. | Таа повторно Му се приближи и поклонувајќи Му се рече: "Господи, помогни ми!" |
26. | А Тој, одговарајќи и рече: "Не е убаво да се земе лебот од децата и да им се фрли на кучињата." |
27. | Но таа рече: "Да, Господи, но дури и кучињата јадат од трошките што паѓаат од трпезата на нивните Господари." |
28. | Тогаш Исус и одговори, велејќи: "О, жено, голема е твојата вера. Нека ти биде како што посакуваш." И нејзината ќерка беше исцелена во тој час. |
29. | Откако замина оттаму, Исус дојде покрај Галилејското Море, се искачи на гората и седна таму. |
30. | И нагрвалија на Него едночудо луѓе, кои носеа со себе: куци, сакати, слепи, неми и многу други, па ги положуваа при Неговите нозе, а Тој ги исцелуваше, |
31. | па гледајќи ги немите како прозборуваат, сакатите како оздравуваат, куците како одат и слепите како гледаат луѓето се восхитуваа; и Го прославуваа Богот на Израел. |
32. | А Исус ги повика Своите ученици кај Себе, и рече: "Исполнет Сум со сожаление спрема луѓево, зашто веќе три дни останаа со Мене и немаат што да јадат, а не сакам да ги отпуштам гладни, за да не премалат по патот." |
33. | Учениците Му рекоа: "Кај ќе најдеме во пустинава толку леб, за да наситиме олку многу луѓе?" |
34. | Исус им рече: "Колку лебови имате?" Тие рекоа: "Седум и неколку рипчиња." |
35. | И им заповеда на луѓето да испоседнат наземи; |
36. | ги зеде седумте лебови и рибите, благодари, ги раскрши и им ги даде на учениците, а учениците пак на луѓето. |
37. | И сите јадоа и се наситија, и го собраа преостанатото од парчињата, седум полни кошеви. |
38. | А оние што јадеа, беа четири илјади мажи, покрај жените и децата. |
39. | И штом ги распушти луѓето, влезе во коработ и дојде во пределите на Магадан. |
← Matthew (15/28) → |