| ← Matthew (14/28) → |
| 1. | Bо она време тетрархот Ирод ја чу веста за Исус |
| 2. | и им рече на своите слуги: "Тоа е Јован Крстителот. Bоскреснал од мртвите, и затоа моќните дела дејствуваат во него." |
| 3. | Кога Ирод го фати Јована, го врза и го стави в зандана заради Иродијада, жената на својот брат Вилип, |
| 4. | бидејќи Јован му велеше: "Не е според законот да ја имаш", |
| 5. | и иако сакаше да го убие, се плашеше од народот, зашто го сметаше за пророк. |
| 6. | А кога се празнуваше Иродовиот роденден, ќерката на Иродијада играше пред нив и му угоди на Ирод. |
| 7. | Затоа, тој со заклетва и вети дека ќе и даде што и да му побара. |
| 8. | А таа, наговорена од својата мајка, рече: "Дај ми ја тука на чинија главата на Јован Крстителот." |
| 9. | На царот му беше жал, но заради заклетвите и заради оние што седеа со него, заповеда да и ја дадат, |
| 10. | и испрати, па го обезглавија Јован во занданата. |
| 11. | Неговата глава беше донесена на чинија и и беше дадена на девојката, а таа и ја однесе на мајка си. |
| 12. | А неговите ученици дојдоа, го зедоа телото и го погребаа, па отидоа и Му јавија на Исус. |
| 13. | А кога го чу тоа Исус, замина оттаму со кораб, во пусто место, насамо. Но народот чу и Го следеше пеш од градовите. |
| 14. | И кога излезе на брегот виде едночудо луѓе, се сожали на нив и ги исцели нивните болни. |
| 15. | А кога се свечери, Неговите ученици дојдоа кај Него и Му рекоа: "Местово е пусто и времето е веќе поодминато. Пушти ги луѓето да отидат по селата за да си купат храна." |
| 16. | Но Исус им рече: "Нема потреба да одат, дајте им вие да јадат!" |
| 17. | А тие Му рекоа: "Овде немаме ништо, освен пет лебови и две риби." |
| 18. | А Тој им рече: "Донесете Ми ги тука." |
| 19. | И заповеда луѓето да поседнат по тревата; ги зеде петте лебови и двете риби, погледна кон небото, ги благослови, ги раскрши лебовите и им ги даде на учениците, а учениците на луѓето. |
| 20. | И сите јадоа и се наситија, и ги дигнаа преостанатите парчиња, дванаесет полни кошеви. |
| 21. | А оние што јадеа, беа околу пет илјади мажи, покрај жените и децата. |
| 22. | И веднаш потоа Исус ги натера Своите ученици да влезат во коработ и да отидат пред Него на другата страна, додека Тој да го распушти народот. |
| 23. | И штом го распушти, се искачи на гората за да се моли насамо. Кога се свечери, таму беше сам. |
| 24. | Коработ веќе беше многу далеку од брегот и го удираа брановите, зашто ветрот беше спротивен. |
| 25. | Bо четвртата ноќна стража Тој дојде кај нив, одејќи по морето. |
| 26. | Кога Го видоа како оди по морето, учениците се исплашија и рекоа: "Тоа е привидение!" и извикаа од страв. |
| 27. | А Исус веднаш им проговори, велејќи: "Охрабрете се! Јас Сум! Не бојте се." |
| 28. | А Петар Му одговори и рече: "Господи, ако си Ти, заповедај да дојдам кај Тебе по водава." |
| 29. | Овој му рече: "Дојди!" Петар слезе од коработ и тргна по водата кон Исус. |
| 30. | Но кога го виде силниот ветар, се исплаши, почна да тоне и извика, велејќи: "Господи, спаси ме!" |
| 31. | А Исус веднаш ја испружи раката, го фати и му рече: "Маловернику, зошто се посомнева?" |
| 32. | И кога влегоа во коработ, ветрот престана. |
| 33. | А оние што беа во коработ, дојдоа и Му се поклонија, велејќи: "Навистина, Ти си Божјиот Син." |
| 34. | И кога преминаа на другата страна, дојдоа во генисаретската земја. |
| 35. | И кога Го препознаа мажите од тоа место, разгласија по целата околина, па Му ги донесоа сите што беа болни, |
| 36. | и Го молеа да се допрат само до работ од Неговата наметка; и кој како ќе се допреше, оздравуваше. |
| ← Matthew (14/28) → |