| ← Matthew (13/28) → |
| 1. | Тој ден Исус излезе од куќата и седна крај морето. |
| 2. | И многу народ се собра околу Него, така што Тој влезе во кораб и седна, а луѓето стоеја на брегот. |
| 3. | Им говореше за многу нешта во споредби, велејќи: "Ете, сејач излезе да сее, |
| 4. | и кога сееше, некои зрна паднаа крај патот, птици дојдоа и ги исколваа. |
| 5. | Други паднаа на карпести места, каде што немаше многу земја и набргу никнаа, зашто немаше длабока земја. |
| 6. | А кога изгреа сонцето изгореа, и бидејќи немаа корен се исушија. |
| 7. | Други паднаа меѓу трње, а трњето израсна и ги задуши. |
| 8. | Некои паднаа на добра земја и дадоа плодови: едно стократен, друго шеесет, а трето триесет. |
| 9. | Кој има уши нека чуе!" |
| 10. | Учениците Му се приближија и Му рекоа: "Зошто им зборуваш во споредби?" |
| 11. | А Тој им одговори, велејќи: "Затоа што вам ви е дадено да ги знаете тајните на небесното царство, а ним не им е дадено. |
| 12. | Зашто кој има, ќе му се даде и ќе има изобилство; а кој нема, ќе му се одземе и она што го има. |
| 13. | Затоа им зборувам во споредби, зашто гледаат, а не можат да видат и слушаат, а не можат да чујат, ниту пак разбираат. |
| 14. | И врз нив се исполнува пророштвото на Исаија, кое вели: 'Ќе слушате и нема да разберете; ќе гледате и нема да распознаете. |
| 15. | Зашто срцето на овие луѓе отапело; и со ушите одвај слушаат, ги затвориле очите; за да не гледаат со нив, ниту да слушаат со ушите, и да разберат со срцето и да се обратат, за Јас да ги исцелам.' |
| 16. | Но блажени се вашите очи, бидејќи гледаат и вашите уши, бидејќи слушаат. |
| 17. | Зашто вистина ви велам дека многу пророци и праведници посакуваа да го видат ова што го гледате вие, а не го видоа; и да го слушнат она што го слушате вие, а не го слушнаа." |
| 18. | "Затоа, чујте ја споредбата за сејачот. |
| 19. | Кога некој го слуша словото за царството, а не го разбира, тогаш доаѓа лукавиот и го граба тоа што е посеано во неговото срце; тоа е она што е посеано крај патот. |
| 20. | А посеаното на карпести места е оној што го слуша словото и веднаш го прима со радост, |
| 21. | но нема корен во себе и привремен е, а кога ќе настане невола или прогонство заради словото, веднаш се откажува. |
| 22. | А посеаното меѓу трње е оној кој го слуша словото, но грижите за светов и измамливото богатство го задушуваат словото и станува неплоден. |
| 23. | Додека посеаното на добра земја е оној кој го слуша словото и го разбира; тој кој навистина раѓа плод и донесува: еден - сто, друг - шеесет, а трет - триесет." |
| 24. | Им претстави и друга споредба, велејќи: "Небесното царство прилега на човек кој посеал добро семе на својата нива. |
| 25. | Но, кога луѓето спиеле, дошол неговиот непријател и посеал какол меѓу пченицата и си отишол. |
| 26. | А кога посевот порасна и донесе плод, тогаш се покажа и каколот. |
| 27. | Слугите на домаќинот пристапија и му рекоа: 'Господару, зар не посеа добро семе на својата нива? Тогаш, од каде е каколот?' |
| 28. | А тој им рече: 'Човек непријател го направи тоа.' Слугите пак му рекоа: 'Сакаш ли тогаш да одиме и да го исплевиме?' |
| 29. | А тој рече: 'Не, да не би собирајќи го каколот да ја откорнете со него и пченицата. |
| 30. | Оставете ги нека растат двете заедно до жетвата. А за време на жетвата ќе им кажам на жетварите: 'Соберете го најнапред каколот и врзете го во снопови, за горење, а житото приберете го во мојот амбар'." |
| 31. | И друга споредба им претстави, велејќи: "Небесното царство прилега на синапово зрно, кое човек го зема и го сее на својата нива; |
| 32. | тоа е навистина најмало од сите семиња, но кога ќе порасне, поголемо е од сите градинарски растенија и станува дрво, па небесните птици доаѓаат и си прават гнезда на неговите гранки." |
| 33. | Друга споредба им кажа: "Небесното царство е слично на квас што го зема жена и го става во три мери брашно, сè додека не скисне сето." |
| 34. | Сето ова Исус му го кажа на народот во споредби и без споредби ништо не говореше; |
| 35. | за да се исполни реченото преку пророкот, кој вели: "Ќе им зборувам во споредби; ќе го објавам скриеното од настанувањето на светот." |
| 36. | Тогаш го отпушти народот и влезе во куќата. А Неговите ученици дојдоа кај Него и рекоа: "Објасни ни ја споредбата за каколот на нивата." |
| 37. | А Тој им одговори, велејќи: "Сејачот на доброто семе е Синот Човеков. |
| 38. | Нивата е светот, доброто семе, тоа се синовите на Царството, а каколот се синовите на злиот, |
| 39. | а непријателот што го посеа, е ѓаволот. Жетвата е крајот на времето, а жетварите се ангели. |
| 40. | Како што каколот се собира и се гори в оган, така ќе биде и при крајот на времето. |
| 41. | Синот Човеков ќе ги испрати Своите ангели. Тие ќе го соберат од Неговото царство сето она што наведува на грев и оние кои вршат беззаконие |
| 42. | и ќе ги фрлат во огнената печка; таму ќе има лелек и чкртање со заби. |
| 43. | Тогаш праведниците ќе болскотат како сонце во царството на својот Татко. Кој има уши, нека чуе!" |
| 44. | "Небесното царство прилега на богатство скриено во нива, кое човекот го нашол и го скрил, па од преголема радост оди и продава сè што има, и ја купува нивата." |
| 45. | "Небесното царство прилега и на трговец кој бара убави бисери. |
| 46. | А кога ќе најде еден скапоцен бисер, оди и продава сè што има, и го купува." |
| 47. | "Небесното царство прилега уште и на мрежа фрлена во морето, која собира риби од секаков вид. |
| 48. | Кога ќе се наполни, ја извлекуваат на брегот и седнуваат, па ги собираат добрите во садови, а лошите ги фрлаат. |
| 49. | Така ќе биде и на крајот на времето; ангелите ќе излезат и ќе ги издвојат злите од праведните, |
| 50. | и ќе ги фрлат во огнена печка; таму ќе има лелек и чкртање со заби." |
| 51. | Исус им рече: "Дали го разбравте сето ова?" А тие Му рекоа: "Да, Господи!" |
| 52. | А Тој им рече: "Затоа секој законик, кој станал ученик на небесното царство, прилега на домаќин кој од својата ризница го изнесува новото и старото." |
| 53. | А кога Исус заврши со споредбите, замина оттаму. |
| 54. | И откако дојде во своето родно место, ги поучуваше во нивните синагоги, а тие се чудеа и зборуваа: "Од каде Му се на Овој оваа мудрост и моќни дела? |
| 55. | Не е ли овој синот на дрводелецот? Мајка Му не ли се вика Марија, а Неговите браќа: Јаков, Јосиф, Симон и Јуда? |
| 56. | И сите Негови сестри не се ли кај нас? Од каде Му е тогаш на Овој сето тоа?" |
| 57. | И се соблазнија од Него. А Исус им рече: "Пророкот не е без чест, освен во својот роден крај и во својот дом." |
| 58. | И не направи таму многу моќни дела, поради нивното неверување. |
| ← Matthew (13/28) → |