← Mark (6/16) → |
1. | И замина оттаму и дојде во Својот роден крај, а Неговите ученици одеа по Него. |
2. | А кога дојде саботниот ден, почна да поучува во синагогата, и мнозина кои слушаа се зачудија и рекоа: "Од каде Му е ова Нему? И каква е оваа мудрост што Му е дадена? И какви чуда прават Неговите раце? |
3. | Не е ли овој дрводелецот, Синот на Марија, и братот на Јаков, Јосиј, Јуда и Симон? И не се ли Неговите сестри тука меѓу нас?" И се навредија од Него. |
4. | А Исус им рече: "Пророкот никаде не е без почести, освен во својот роден крај, меѓу своите роднини и во својот дом." |
5. | И не можеше таму да направи ниедно чудо, освен што исцели неколку болни, полагајќи ги рацете врз нив. |
6. | И се чудеше на нивното неверие. Тој одеше по околните села и поучуваше. |
7. | И откако ги повика дванаесеттемина, почна да ги праќа по двајца, давајќи им власт над нечистите духови. |
8. | И Тој им заповеда да не носат ништо за по пат освен стап: ни леб, ни торба, ниту пари во појасот, |
9. | туку да се обуени во сандали и да не облекуваат по две облеки. |
10. | И им рече: "Ако влезете во некој дом, останете таму додека не излезете оттаму. |
11. | А ако не ве примат и не ве послушаат, излезете оттаму а потоа истресете го правот од своите нозе, за да се осведочат!" |
12. | И тргнаа проповедајќи покајание. |
13. | И изгонуваа многу демони, и многу болни помазуваа со миро и ги исцелуваа. |
14. | Слушна и царот Ирод (зашто Неговото име беше прочуено), и зборуваше: "Јован Крстителот станал од мртвите и затоа во него дејствуваат моќни сили!" |
15. | Едни пак велеа дека е Илија, а други дека е пророк, небаре еден од пророците. |
16. | Но кога Ирод чу, рече: "Јован, кому јас му ја отсеков главата, станал од мртвите." |
17. | Имено, Ирод испрати по Јован, го фати и го затвори в зандана, заради Иродијада, жената на брат му Вилип, со која се ожени, |
18. | зашто Јован му велеше на Ирод: "Не ти е дозволено да ја имаш жената на твојот брат." |
19. | А Иродијада беше озлобена на него и сакаше да го убие, но не можеше, |
20. | зашто Ирод се плашеше од Јован, знаејќи дека е човек праведен и свет, и го пазеше, а кога го слушаше, се збунуваше многу, но сепак го слушаше со задоволство. |
21. | И кога дојде згоден ден, откако Ирод на својот роденден им даде вечера на своите големци, војводи и галилејски првенци, |
22. | влезе ќерката на Иродијада, поигра и им угоди на Ирод и на неговите гости, а царот и рече на девојката: "Побарај од мене што сакаш и ќе ти дадам," |
23. | и и се заколна: "Што и да побараш од мене, ќе ти дадам - до половина од моето царство." |
24. | А таа излезе и ја праша мајка си: "Што да побарам?" Таа рече: "Главата на Јован Крстителот." |
25. | И веднаш, откако влезе брзо кај царот, побара, велејќи: "Сакам да ми ја дадеш, сега веднаш, на чинија, главата на Јован Крстителот." |
26. | Е, тогаш, царот многу се натажи, ама поради заклетвата и гостите, не сакаше да ја одбие, |
27. | па веднаш испрати џелат и му нареди да ја донесе неговата глава. И тој отиде, му ја отсече главата во занданата, |
28. | ја донесе на чинија и и ја даде на девојката, а девојката и ја предаде на мајка си. |
29. | Кога неговите ученици чуја, дојдоа и го зедоа неговото тело и го положија в гроб. |
30. | Апостолите се собраа околу Исус и Го известија за сè што направиле и како поучувале. |
31. | А Тој им рече: "Дојдете на осамено место и сами одморете се малку!" Зашто, мнозина доаѓаа и си заминуваа, а немаа време ни да јадат. |
32. | И сами тргнаа со кораб на осамено место. |
33. | Арно ама народот ги виде кога заминуваа и мнозина ги познаа и се упатија пеш, од сите градови, и стигнаа пред нив. |
34. | А кога излезе од коработ, Тој виде едночудо луѓе и се сожали над нив, зашто прилегаа на овци без пастир, и почна да ги поучува за многу нешта. |
35. | И бидејќи времето поодмина, Неговите ученици Му пристапија и Му рекоа: "Местово е пусто, а веќе е доцна. |
36. | Распушти ги, нека отидат по околните села и населби, и нека си купат нешто за јадење!" |
37. | А Тој одговори, велејќи: "Bие дајте им да јадат!" Тие Му рекоа: "Да одиме да купиме леб за двесте денарии и да им дадеме да јадат?" |
38. | А Тој изусти: "Колку лебови имате? Појдете, видете!" И откако се вратија, рекоа: "Пет леба и две риби." |
39. | И им заповеда да ги распоредат сите по групи, на зелената трева. |
40. | И испоседнаа во групи по сто и педесет. |
41. | А Тој ги зеде петте леба и двете риби, погледна кон небото, благослови и ги раскрши лебовите, па им даваше на учениците да ги ставаат пред нив; и двете риби им ги раздели на сите. |
42. | И сите јадеа и се наситија. |
43. | И кренаа дванаесет кошници полни со парчиња леб и риби. |
44. | А оние што го јадеа лебот, беа пет илјади мажи. |
45. | Bеднаш потоа ги натера Своите ученици да влезат во коработ и побргу од Него да отидат на спротивната страна, кон Бетсаида, додека Тој да го распушти народот. |
46. | И откако се раздели од нив, отиде на гората да се помоли. |
47. | Приквечер коработ беше сред море, а Тој остана сам на копното. |
48. | И кога ги виде како се мачат веслајќи, зашто ветрот им доаѓаше отспротива, околу четвртата ноќна стража, дојде до нив одејќи по морето, со намера да ги одмине. |
49. | А тие, кога Го видоа како оди по морето, помислија дека е привидение и извикаа, |
50. | зашто сите Го видоа и се исплашија. Но, Тој веднаш им проговори, велејќи: "Бидете храбри! Јас Сум! Не плашете се!" |
51. | Тогаш влезе кај нив во коработ, а ветрот стивна. Тие се вчудовидоа, |
52. | зашто не го сфатија ни чудото со лебовите, бидејќи срцето им беше закоравено. |
53. | И кога преминаа, дојдоа на копно во Генесарет, каде слегоа. |
54. | Кога излегоа од коработ, луѓето веднаш Го препознаа, |
55. | се растрчаа по целата околина и почнаа да носат болни на постели, каде што ќе чуеја дека е Тој. |
56. | И каде и да влегуваше, во села или во градови, или по полињата, на пазариштата ги ставаа болните и Го молеа да се допрат барем до ресите на Неговата облека. И сите што Го допреа беа исцелени. |
← Mark (6/16) → |