← Mark (5/16) → |
1. | И минаа од другата страна на морето, во Герасинскиот крај. |
2. | А кога Тој излезе од коработ, веднаш му дојде во пресрет, од гробовите, еден човек со нечист дух. |
3. | Тој живееше во гробовите и никој не можеше веќе ни со окови да го врзе, |
4. | зашто многупати го ставаа во окови и вериги, но тој ги кинеше веригите и ги кршеше оковите, и никој не можеше да го скроти. |
5. | И постојано, ноќе и дење, беше во гробовите и по ридовите, викајќи и удирајќи се самиот со камења. |
6. | И кога го виде Исуса оддалеку, дотрча, падна ничкум пред Него; |
7. | и извика со силен глас: "Што имаш Ти со мене, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Те заколнувам во Бога, не мачи ме!" |
8. | Зашто му рече: "Излези од човеков, нечист духу!" |
9. | А Тој праша: "Како ти е името?" Тој Му рече: "Името ми е Легион, зашто многу нè има." |
10. | И многу го молеа да не ги истера од тој крај. |
11. | А таму, по ридот, пасеше голем крдар свињи. |
12. | И Го замолија, велејќи: "Прати нè кај свињине, да влеземе во нив." |
13. | И Тој им дозволи и нечистите духови излегоа и влегоа во свињите, а крдарот се сурна по стрмнината в море, беа околу две илјади, и се удавија во морето. |
14. | А тие што ги пасеа побегнаа и разгласија во градот и по селата, и дотрчаа да видат што станало. |
15. | И кога дојдоа кај Исус и го видоа опседнатиот, во кого беше "легионот", како седи облечен и присебен, се уплашија. |
16. | А тие, кои го видоа тоа, раскажуваа што се случи со опседнатиот и со свињите. |
17. | И почнаа да Го молат да си замине од нивниот крај. |
18. | А кога влегуваше во коработ, оној што беше опседнат од демоните Го молеше да биде со Него. |
19. | Но Тој не му одобри, туку му рече: "Оди дома кај своите и раскажи им што ти направи Господ и како ти се смилува!" |
20. | И тој отиде и почна да раскажува по Декапол, што му направи Исус и сите се восхитуваа. |
21. | Кога Исус пак премина со коработ на другата страна, едночудо народ се собра околу Него, а Тој беше покрај морето. |
22. | Тогаш дојде еден од началниците на синагогата, по име Јаир и кога Го виде, падна пред Неговите нозе. |
23. | Го молеше многу, велејќи: "Мојата ќерка е на умирање. Дојди и положи ги рацете над неа, за да биде исцелена и да живее!" |
24. | И Тој тргна со него, а голема врволица одеше по Него која Го притискаше. |
25. | Имаше една жена, која страдаше од крвавење дванаесет години, |
26. | и многу претрпе од мнозина лекари, па го потроши целиот свој имот, а од тоа немаше никаква полза, туку и беше уште полошо. |
27. | Откако чу за Исус, се мушна во толпата, одназад, и се допре до Неговата облека, |
28. | зашто си велеше: "Ако се допрам макар и до Неговата облека, ќе оздравам!" |
29. | И веднаш прекина крвавењето и таа почувствува во телото дека е исцелена од болеста. |
30. | А Исус почувствува веднаш во Себе дека сила излезе од Него, се сврте сред народот и рече: "Кој се допре до Мојава облека?" |
31. | Неговите ученици, пак, рекоа: "Гледаш дека народот Те притиска, а уште прашуваш: 'Кој се допре до Мене?'" |
32. | Тој се обѕрнуваше наоколу за да види кој го направи тоа. |
33. | А жената, уплашена и вџашена, зашто знаеше што стана со неа, дојде и падна пред Него и Му ја кажа сета вистина. |
34. | А Тој и рече: "Ќерко, твојата вера те избави! Оди си со мир и биди исцелена од својата болест!" |
35. | Додека Тој уште зборуваше, дојдоа од домот на началникот на синагогата кому му рекоа: "Ќерка ти веќе умре! Зошто уште Му додеваш на Учителот!" |
36. | А Исус, кога ја чу веста што ја кажаа, му рече на началникот на синагогата: "Не плаши се! Само ти верувај!" |
37. | И никому не му дозволи да оди со Него, освен на Петар, Јаков и Јован, братот на Јаков. |
38. | Кога дојдоа во куќата на началникот, виде вриеж, лелек и пискотење, |
39. | и кога влезе, им рече: "Зошто пискате и плачете? Девојчето не е умрено, туку си спие!" |
40. | А тие Му се потсмеваа. А Тој, откако ги истера сите надвор, ги зеде таткото, мајката и оние што Го придружуваа, и влезе таму каде што беше девојчето. |
41. | И кога го фати за рака му рече: "Талита кум!" (што значи: "Девојче, ти велам стани!") |
42. | И девојчето стана веднаш и одеше, зашто имаше дванаесет години. И веднаш се вчудовидоа. |
43. | А Тој строго им заповеда никој да не дознае за тоа, и им рече да му дадат да јаде на девојчето. |
← Mark (5/16) → |