← Mark (3/16) → |
1. | И Тој влезе пак во синагогата, а таму имаше човек со исушена рака. |
2. | И Го дебнеа, дали ќе го исцели во саботен ден, за да Го обвинат. |
3. | А Тој му рече на човекот кој имаше сува рака: "Застани насреде!" |
4. | И им рече: "Дали е дозволено во саботен ден да се прави добро или зло? Да се спаси душа, или да се погуби?" А тие молчеа. |
5. | Тогаш со срдба ги погледна, и натажен заради закоравеноста на нивните срца, му рече на човекот: "Испружи ја раката!" И тој ја испружи и таа беше здрава како другата. |
6. | А фарисеите, кога излегоа, веднаш се советуваа со иродовците против Него, за да Го уништат. |
7. | Исус се повлече со Своите ученици кон морето, и голема врволица од Галилеја и од Јудеја тргна по Него, |
8. | а од Ерусалим, од Идумеја и од другата страна на Јордан, од околината на Тир и Сидон, едночудо луѓе дојдоа кај Него, откако чуја што правел. |
9. | И Тој им рече на Своите ученици да Му се подготви еден кораб, заради народот, за да не Го притискаат, |
10. | бидејќи мнозина исцели, та нагрвалуваа на Него сите оние што страдаа, за да Го допрат. |
11. | И нечистите духови, штом ќе Го здогледаа, паѓаа ничкум пред Него и викаа, велејќи: "Ти си Божјиот Син!" |
12. | А Тој строго им бранеше да не го разгласуваат тоа. |
13. | И се искачи на гората и ги викна кај Себе оние, кои ги сакаше и тие отидоа кај Него. |
14. | И определи дванаесетмина да бидат со Него, да ги праќа да навестуваат |
15. | и да имаат власт да ги изгонуваат демоните. |
16. | И ги определи дванаесеттемина: Симон (на кого му го даде името Петар), |
17. | па Јаков, синот на Зебедеј и Јован, братот на Јаков (на кои им го даде името Боанергес - што значи: 'Синови на Громот'), |
18. | Андреј, Вилип, Бартоломеј, Матеј, Тома, Јаков, синот на Алфеј, Тадеј, Симон Хананецот |
19. | и Јуда Искариот, кој и Го предаде. |
20. | И дојдоа во една куќа, и пак се собра многу народ, па тие не можеа ниту леб да каснат. |
21. | А кога Неговите чуја за тоа, тргнаа да си Го приберат, зашто се зборуваше: 'Тој не е при Себеси." |
22. | Закониците, пак, кои дојдоа од Ерусалим, зборуваа: 'Тој е опседнат со Белзебуб" и дека со помош на демонскиот принц ги истерува демоните. |
23. | И откако ги повика при Себеси, им зборуваше во споредби: "Како може сатаната да изгонува сатана? |
24. | Ако во едно царство се случи раскол, тоа не може да се одржи. |
25. | И ако дом се раздели против себеси, тој дом не може да опстане. |
26. | И ако сатаната станал против себеси и се раздвоил, не ќе може да опстане, туку му дошол крајот. |
27. | Но никој не може да влезе во куќата на силен и да му ја ограби покуќнината, ако првин не го врзе силниот и потем да му ја обере куќата. |
28. | Bистина ви велам дека на човековите синови ќе им бидат простени сите гревови и хули како-годе изговорени; |
29. | но кој ќе похули на Светиот Дух, за него нема прошка довека, |
30. | туку ќе биде виновен за вечен грев. Зашто велеа: "Има нечист дух!" |
31. | И тогаш дојдоа Неговата мајка и Неговите браќа и, стоејќи надвор, испратија порака да Го викнат. |
32. | А околу Него седеа многу луѓе и Му рекоа: "Ете, мајка Ти и Твоите браќа надвор Те бараат!" |
33. | А Тој, одговарајќи им рече: "Кои Ми се мајка и браќа?", |
34. | па ги погледна наоколу оние што седеа околу Него и рече: "Еве ги Мојата мајка и Моите браќа; |
35. | зашто, кој ја исполнува Божјата волја, тој Ми е брат, и сестра, и мајка." |
← Mark (3/16) → |