← Mark (2/16) → |
1. | И кога по неколку дена пак дојде во Капернаум се чу дека е во една куќа. |
2. | И се собраа мнозина, така што немаше веќе место пред вратата; и им го говореше Словото. |
3. | И дојдоа носејќи кај Него парализиран, кого го носеа четворица. |
4. | И бидејќи не можеа да го донесат до Него, заради навалот од луѓе, го открија покривот над местото каде што беше Тој, го пробија и го спуштија леглото, на кое лежеше парализираниот. |
5. | А Исус, кога ја виде нивната вера, му рече на парализираниот: "Синко, ти се проштаваат гревовите." |
6. | А некои од закониците седеа таму и размислуваа во своите срца: |
7. | "Што зборува Овој вака? Тој хули! Кој може да проштава гревови, освен Самиот Бог?" |
8. | И Исус веднаш штом созна со Својот Дух дека тие размислуваат така во себе, им рече: "Зошто размислувате така во своите срца? |
9. | Што е полесно да му се рече на парализираниот: 'Ти се простуваат гревовите', или да му се рече: 'Стани и земи ја својата постела, и оди!' |
10. | Туку да знаете Синот Човеков има власт да проштава гревови на земјата!" Па му се обрна на парализираниот: |
11. | 'Тебе ти велам - стани, крени го своето легло и оди си дома!' |
12. | И тој стана, вчас, го крена леглото, и излезе пред сите, а тие се восхитуваа и Го славеа Бог, велејќи: "Bакво нешто уште никогаш не сме виделе!" |
13. | Излезе пак крај брегот, и многу народ доаѓаше кај Него, и Тој го поучуваше. |
14. | И минувајќи, го виде Левиј, синот на Алфеј, како седи во даночницата, и му рече: "Оди по Мене!" А тој стана и тргна по Него. |
15. | И кога прилегна крај трпезата во неговата куќа, многу даночници и грешници беа крај трпезата со Исус и со Неговите ученици, зашто ги имаше мнозина, и тие одеа по Него. |
16. | А кога фарисејските законици Го видоа како јаде со грешници и даночници, им рекоа на Неговите ученици: "Зошто јаде и пие заедно со даночници и грешници?" |
17. | А Исус, кога го чу тоа, им рече: "Не им треба лекар на здравите, туку на болните. Не дојдов да ги викам праведните на покајание, туку грешниците." |
18. | Јовановите ученици и фарисеите постеа. И дојдоа, па Му рекоа: "Зошто Јовановите ученици и учениците на фарисеите постат, а Твоите ученици не постат?" |
19. | Исус им рече: "Можат ли сватовите да постат додека е младоженецот со нив? Додека го имаат со себе младоженецот, не можат да постат. |
20. | Но, ќе дојдат дни кога ќе биде отмен младоженецот од нив; и тогаш, во тој ден, ќе постат. |
21. | Никој не пришива алтица од ново платно врз стара облека, зашто новата алтица ќе ја раскина старата облека, и дупката ќе биде поголема. |
22. | И никој не налева ново вино во стари мешини; зашто новото вино ќе ги раскине мешините, па ќе пропаднат и виното и мешините; туку, ново вино во нови мешини!" |
23. | А кога во саботен ден одеше низ посевите, Неговите ученици поминувајќи почнаа да кинат класје. |
24. | И фарисеите Му рекоа: "Гледај! Зошто го прават тоа што во саботен ден не е дозволено?" |
25. | Им рече: "Зар никогаш не сте читале што направи Давид кога беше во нужда и кога огладне тој и тие што беа со него? |
26. | Како влезе во Божјиот дом, во времето на врховниот свештеник Авијатар, и ги изеде поставените лебови, кои никој не смееше да ги јаде, освен свештениците; и им даде на оние, кои беа со него!" |
27. | И им рече: "Саботата е воспоставена заради човекот, а не човекот заради саботата. |
28. | И така, Синот Човеков е Господар и на саботата." |
← Mark (2/16) → |