← Mark (16/16) |
1. | Кога помина саботниот ден, Марија од Магдала, Марија мајката на Јаков и Салома, купија мириси за да отидат и да Му извршат помазание. |
2. | А во мугрите, во првиот ден на седмицата, дојдоа до гробот на изгрејсонце, |
3. | и си зборуваа меѓу себе: "Кој ќе ни го помести каменот од влезот на гробот?" |
4. | А кога погледнаа, видоа дека каменот е поместен, иако беше многу голем. |
5. | А штом влегоа во гробот, видоа млад човек во долга бела облека, како седи оддесно и се вчудовидоа. |
6. | Но тој им рече: "Не чудете се! Bие Го барате Исус Назареќанецот, Кој беше распнат. Тој воскресна! Не е тука! Еве го местото каде што Го положија. |
7. | Туку, одете и кажете им на Неговите ученици, и на Петар, 'Тој оди пред вас во Галилеја. Таму ќе Го видите, како што ви рече.'" |
8. | А тие излегоа и побегнаа од гробот, зашто ги опфати страв и трепет. И никому ништо не рекоа, бидејќи се плашеа. |
9. | А кога воскресна, рано во првиот ден на седмицата, и се јави прво на Марија од Магдала, од која беше истерал седум демони. |
10. | Таа отиде и им јави на оние што беа со Него, кои тагуваа и плачеа. |
11. | А тие, кога чуја дека е жив и дека таа Го видела, не поверуваа. |
12. | Потоа им се јави во друг лик, на двајца од нив, по патот, кога одеа надвор од градот. |
13. | И тие отидоа и им јавија на другите, но и ним не им поверуваа. |
14. | Најпосле им се јави и на единаесеттемина, додека седеа крај трпезата, и ги прекори заради нивното неверие и закоравеноста на срцата, бидејќи не им поверуваа на оние што Го видоа воскреснат. |
15. | И им рече: "Одете по целиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание! |
16. | Кој ќе поверува и биде крстен, ќе биде спасен, а кој не ќе поверува, ќе биде осуден. |
17. | А овие чудотворни знаци ќе ги придружуваат оние што поверувале: во Мое име ќе истеруваат демони, ќе зборуваат нови јазици, |
18. | ќе фаќаат змии, дури и ако испијат нешто смртоносно - нема да им наштети; ќе полагаат раце на болни, а тие ќе оздравуваат." |
19. | А Господ Исус, откако им го рече тоа, се вознесе на небото и седна десно од Бог. |
20. | А тие излегоа и навестуваа насекаде; и Господ го помагаше и го потврдуваше нивното слово со чудотворни знаци, кои го следеа. |
← Mark (16/16) |