← Mark (15/16) → |
1. | А во мугрите, првосвештениците, старешините, закониците и целиот Совет Го врзаа Исуса, Го одведоа и му Го предадоа на Пилат. |
2. | А Пилат Го праша: "Ти ли си Царот на Евреите?" А Тој му одговори, велејќи: "Така е како што велиш!" |
3. | Првосвештениците Го обвинуваа за многу работи. |
4. | Пилат пак Го праша: "Ништо ли не одговараш? Гледај за колку многу работи те обвинуваат!" |
5. | Но Исус веќе ништо не одговараше, па Пилат се чудеше. |
6. | А на секој празник тој им ослободуваше по еден затвореник, кого ќе го побараа. |
7. | Таму беше и еден по име Бараба, кој беше окован заедно со други бунтовници, кои во еден бунт беа извршиле убиство. |
8. | И народот извика гласно и почна да го моли да го направи она што секогаш го правел. |
9. | А Пилат им одговори, велејќи: "Сакате ли да ви Го ослободам Царот на Евреите?", |
10. | зашто знаеше дека првосвештениците Го предадоа од завист. |
11. | Но првосвештениците го наговорија народот дека е подобро да им го пушти Бараба. |
12. | Пилат, пак, одговори, велејќи: "Тогаш, што да направам со Оној, Кого Го викате Цар на Евреите?" |
13. | А тие повторно извикуваа: "Распни Го!" |
14. | Пилат пак им рече: "Какво зло сторил?" Но тие уште погромко извикуваа: "Распни Го!" |
15. | Тогаш Пилат, сакајќи да ја задоволи толпата, го ослободи Бараба, а Исус, откако Го камшикуваа, Го предаде да биде распнат. |
16. | Bојниците Го одведоа во дворот, односно во преторијата, и ја собраа целата чета. |
17. | Му облекоа пурпурна наметка, сплетоа и Му ставија венец од трње, |
18. | и почнаа да Го поздравуваат: "Биди поздравен, Цару еврејски!" |
19. | И Го удираа со трска по главата, Го плукаа и паѓајќи на колена, Му метанисуваа. |
20. | А кога Му се изнаругаа, ја соблекоа од Него пурпурната наметка и Му ја облекоа Неговата облека, и Го поведоа да Го распнат. |
21. | И натераа еден минувач, Симон од Киринеја, татко на Александар и Руф, кој се враќаше од полето, да го носи Неговиот крст. |
22. | И Го доведоа на местото Голгота, што значи Место на черепи. |
23. | И Му даваа вино со смирна, но Тој не прими. |
24. | Потоа Го распнаа и ја поделија Неговата наметка, фрлајќи жрепка за неа - кој што да земе. |
25. | А беше третиот час, кога Го распнаа. |
26. | И имаше напишано натпис, што ја означуваше Неговата вина: "ЦАРОТ НА ЕBРЕИТЕ." |
27. | И со Него распнаа двајца разбојници; еден оддесно, а еден одлево. |
28. | И се исполни Писмото кое вели: "И Го вброија меѓу злосторници." |
29. | А минувачите Му се ругаа, вртејќи со своите глави, велејќи: "Еј! Ти што го уриваш Храмот и го изградуваш за три дни, |
30. | спаси Се Себеси и слези од крстот!" |
31. | Слично се подбиваа првосвештениците, заедно со закониците, говорејќи еден на друг: "Другите ги спаси, а Себеси не може да се спаси! |
32. | Христос - Царот на Израел! Нека слезе сега од крстот, та да видиме и да поверуваме!" Го навредуваа и тие што беа распнати со Него. |
33. | А во шестиот час, настана темнина по сета земја, сè до деветтиот час. |
34. | А во деветтиот час, Исус извика со силен глас: "Елои, Елои, Лама Сабахтани!"- што значи: "Боже мој, Боже мој, зошто Ме напушти!" |
35. | Штом го чуја тоа, некои од тие што стоеја таму, рекоа: "Ете, го вика Илија!" |
36. | И еден отрча и натопи сунѓер во оцет, го надена на трска и Му даде да пие, велејќи: "Оставете Го да видиме дали ќе дојде Илија да Го симне!" |
37. | Исус извика со силен глас и издивна. |
38. | А завесата во светилиштето се расцепи надве, озгора додолу. |
39. | А кога виде стотникот, кој стоеше спроти Него дека издивна, рече: "Навистина, Овој човек беше Божјиот Син!" |
40. | А оддалеку гледаа и жени, меѓу кои беше Марија од Магдала, Марија мајката на Јаков малиот и на Јосиј, и Салома, |
41. | кои одеа по Него кога беше во Галилеја, Го следеа и Му служеа, и многу други, кои дојдоа со Него во Ерусалим. |
42. | А кога веќе се свечери, бидејќи беше време за подготовка, односно ден спроти Сабат, |
43. | дојде Јосиф од Ариматеја, почитуван советник, кој и самиот го чекаше Божјото царство, се осмели и влезе кај Пилат и го побара Исусовото тело. |
44. | А Пилат се зачуди дека веќе починал, па го повика стотникот и го праша дали е одамна починат. |
45. | А штом дозна од стотникот, му го даде мртвото тело на Јосиф. |
46. | Тој купи ленено платно, Го симна, Го завитка во платното и Го положи в гроб, што беше издлабен во карпа, и навали камен пред влезот на гробот. |
47. | А Марија од Магдала и Марија мајката на Јосиј видоа каде Го положија. |
← Mark (15/16) → |