← Mark (13/16) → |
1. | И кога излегуваше од Храмот, еден од Неговите ученици Му рече: "Учителе! Гледај - какви прекрасни камења и какви зданија!" |
2. | А Исус му рече: "Ги гледаш ли овие големи градби? Нема да остане камен на камен, што не ќе биде разурнат." |
3. | И кога седеше на Маслиновата Гора, спроти Храмот, Петар, Јаков, Јован и Андреј Го прашаа насамо: |
4. | "Кажи ни кога ќе се случи тоа, и каков ќе биде знакот кога сето тоа ќе се исполни?" |
5. | А Исус почна да им зборува: "Bнимавајте некој да не ве измами! |
6. | Мнозина ќе дојдат во Мое име и ќе речат: 'Јас Сум' - и ќе измамат многумина. |
7. | А кога ќе чуете за војни и гласови за војни, не плашете се! Зашто така треба да биде, но тоа уште не е крајот; |
8. | зашто ќе се крене народ против народ и царство против царство, ќе има земјотреси на разни места, и ќе има глад. Тоа е почетокот на породилните болки. |
9. | Но вие, чувајте се! Ќе ве предаваат на судовите и ќе ве тепаат во синагогите, пред управници и цареви ќе стоите поради Мене, ним за сведоштво. |
10. | Најнапред Евангелието треба да им биде проповедано на сите народи. |
11. | А кога ќе ве поведат и ве предадат, не грижете се однапред што ќе зборувате; туку она што ќе ви биде дадено во тој час, зборувајте го тоа, зашто нема да зборувате вие, туку Светиот Дух. |
12. | И брат братот свој ќе го предаде на смрт, и татко - своето чедо. И децата ќе станат против родителите и ќе ги убиваат. |
13. | И сите ќе ве мразат заради Мене, а оној што ќе истрае докрај, ќе биде спасен. |
14. | А кога ќе видите дека гнасното опустошување стои таму каде што не треба, кој чита, нека разбере, тогаш оние што се во Јудеја нека бегаат по горите! |
15. | Кој е на покрив, нека не слегува и нека не влегува да земе нешто од својата куќа; |
16. | а кој е в поле, нека не се враќа да го земе своето наметало. |
17. | Тешко им на бремените жени и на доилките во тие дни! |
18. | Молете се, тоа да не биде зиме! |
19. | Зашто во тие дни ќе има невола каква што немало од почетокот на Божјото создавање, ниту пак ќе има. |
20. | И ако Господ не ги скуси тие дни, не ќе се спаси ниту еден човек, но заради избраните, што Тој ги избра, ќе ги скрати дните. |
21. | И ако некој ви рече тогаш: 'Еве, тука е Христос! Ене, таму е!', не верувајте; |
22. | зашто ќе се појават лажни христоси и лажни пророци и ќе покажат чудотворни знаци и чуда, за да ги измамат избраните, ако е можно. |
23. | А вие внимавајте! Ете, однапред ви кажав сè!" |
24. | "Bо тие дни, по тие неволи, сонцето ќе потемни и месечината нема да ја дава својата светлина, |
25. | ѕвездите ќе паѓаат од небото и небесните сили ќе се разнишаат. |
26. | И тогаш ќе Го видат Синот Човеков како доаѓа на облаци, со голема сила и слава. |
27. | Тогаш Тој ќе ги испрати ангелите и ќе ги собере Своите избрани од четирите ветра, од крајот на земјата до крајот на небото." |
28. | "А од смоквата научете ја оваа споредба: кога нејзината гранка ќе омекне и разлисти, знаете дека летото е близу. |
29. | Така и вие, кога ќе видите дека се случува ова, знајте дека Тој е близу, пред врата. |
30. | Bистина ви велам, ова поколение нема да мине додека сето ова не се збидне. |
31. | Небото и земјата ќе поминат, но Моите зборови нема да поминат." |
32. | "А за оној ден и час, никој не знае: ни ангелите на небото, ниту Синот, туку само Таткото." |
33. | "Бдејте и молете се! Зашто не знаете, кога ќе биде времето! |
34. | Тоа е како човек, кој тргнувајќи на пат го остава својот дом и ги овластува своите слуги, секому определувајќи му ја работата, а на вратарот му наредува да бдее. |
35. | И така, бдејте, зашто не знаете кога ќе дојде господарот на домот: приквечер или на полноќ, кога петлите ќе пропеат или наутро, |
36. | за да не дојде одненадеж и да ве најде заспани. |
37. | А она што ви го зборувам вам, на сите им го зборувам: бдејте!" |
← Mark (13/16) → |