← Mark (12/16) → |
1. | И почна да им говори во споредби: "Еден човек насади лозје, го загради со плет, ископа место за гмечало, изгради кула и го даде под наем на лозарите, па замина. |
2. | А кога дојде време, испрати слуга кај лозарите да прими од нив дел од плодот на лозјето. |
3. | Но тие го фатија, го претепаа и го пуштија со празни раце. |
4. | И пак им испрати друг слуга, а овега го ранија во главата и го навредуваа. |
5. | Тој испрати и трет, а него го убија; така се случи и со мнозина други: едни претепаа, а други убија. |
6. | Имаше тој и син кој му беше многу милен. Него го испрати последен кај нив, велејќи: 'Ќе имаат почит спрема мојот син!' |
7. | Но, лозарите си рекоа меѓу себе: 'Овој е наследникот! Ајде да го убиеме и наследството ќе биде наше.' |
8. | И го фатија, го убија и го исфрлија надвор од лозјето. |
9. | И така, што ќе направи сега господарот на лозјето? Ќе дојде и ќе ги погуби лозарите, а лозјето ќе го даде на други. |
10. | Зар не сте ги прочитале овие зборови во Писмото: 'Каменот што го отфрлија ѕидарите, стана темелен камен; |
11. | тоа е од Господ и прекрасно е во нашите очи!" |
12. | А тие демнеа да Го фатат, но се плашеа од народот, зашто разбраа дека за нив ја кажа таа споредба. И така, Го оставија и си отидоа. |
13. | Тогаш испратија некои од фарисеите и иродовците, за да Го фатат за збор. |
14. | Тие дојдоа и Му рекоа: "Учителе, знаеме дека ја зборуваш вистината и дека не се плашиш од никого, зашто не гледаш кој е кој, туку вистинито поучуваш за Божјиот пат. Треба ли да му се дава данок на цезарот или не? Да даваме или да не даваме?" |
15. | А Тој, знаејќи го нивното лицемерство, им рече: "Зошто Ме искушувате? Донесете ми да видам еден денариј!" |
16. | А тие Му донесоа. И им рече: "Чиј е овој лик и натпис?" Тие рекоа: "На цезарот." |
17. | Исус им рече: "Дајте му го цезаревото на цезарот, а Божјото на Бог." И тие Му се восхитуваа. |
18. | Дојдоа кај Него садукеите, кои велат дека нема воскресение, па Го прашаа, велејќи: |
19. | "Учителе, Мојсеј ни напиша: 'Ако некому умре брат и остави жена, а не остави потомок, неговиот брат да ја земе жена му и да му воздигне потомство на својот брат.' |
20. | Беа седуммина браќа. Првиот ја зеде жената и умре, а не остави потомок. |
21. | И вториот ја зеде и умре, а не остави потомок. И третиот исто така. |
22. | Седумтемина не оставија потомство. А по сите умре и жената. |
23. | По воскресението, кога ќе воскреснат, на кого од нив ќе му припадне жената, зашто седумтемина ја имаа за жена?" |
24. | Исус им рече: "Зарем не грешите, затоа што не ги знаете ни Писмата, ниту Божјата сила? |
25. | Кога ќе воскреснат од мртвите, ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат, туку ќе бидат како ангелите на небото. |
26. | А за мртвите, дека ќе воскреснат, не читавте ли во Мојсеевата книга како Бог му рече кај капината: 'Јас Сум Богот на Авраам, Богот на Исак и Богот на Јаков'? |
27. | Тој не е Бог на мртвите, туку на живите! Bо заблуда сте!" |
28. | Пристапи еден од закониците, кој чу како се препираат, а знаејќи дека им одговори добро, Го праша: "Која е прва од сите заповеди?" |
29. | Исус одговори: 'Првата е: 'Слушај, о Израеле: Господ, нашиот Бог, е единствен Господ, |
30. | и љуби Го Господ својот Бог со сето свое срце, со сета своја душа, со сиот свој разум и со сета своја сила!' |
31. | А ова е втората: 'Љуби го својот ближен како себеси!' Друга заповед, поголема од овие, нема." |
32. | А законикот Му рече: "Точно, Учителе! Ја кажа вистината дека Бог е еден, и нема друг освен Него, |
33. | и да Го љубиш Него со сето срце, со сиот разум и со сета сила, и да го љубиш ближниот како себеси - тоа е многу повеќе од сите жртви паленици и приноси." |
34. | А Исус кога виде дека одговори разумно, му рече: "Не си далеку од Божјото царство." И никој повеќе не се осмели да Го праша. |
35. | Потоа Исус зборуваше, поучувајќи во Храмот: "Зошто велат закониците дека Христос е Давидов Син? |
36. | Самиот Давид рече преку Светиот Дух: 'Му рече Господ на мојот Господ: - Седни од Мојата десна страна, додека не ги соборам Твоите непријатели под нозете Твои.' |
37. | Самиот Давид Го нарекува Него 'Господ' - како може тогаш да му биде син?" И многу народ Го слушаше со задоволство. |
38. | А во Својата поука рече: "Чувајте се од закониците, кои сакаат да одат во долги облеки; да бидат поздравувани по пазариштата; |
39. | да имаат први места во синагогите, и почесни места на гоштавките, |
40. | кои ги подјадуваат домовите на вдовиците, и навидум долго се молат - тие ќе бидат судени построго!" |
41. | И Тој седна спроти ковчежето за прилози и гледаше како народот пушта пари во него, а мнозина богати пуштаа многу. |
42. | Потоа дојде една бедна вдовица и пушти внатре две парички, односно еден кодрант. |
43. | Тогаш ги повика Своите ученици и им рече: "Bистина ви велам, дека беднава вдовица даде повеќе од сите што пуштаа во ковчежето. |
44. | Зашто сите одделија од тоа што им е премногу, а таа од својата немаштина - пушти сè што имаше за живеачка." |
← Mark (12/16) → |