← Mark (10/16) → |
1. | И стана оттаму и дојде во пределите на Јудеја, од онаа страна на Јордан; и пак народот Му се придружи, а Тој повторно ги поучуваше, според Својот обичај. |
2. | Му пристапија фарисеите и Го прашаа, за да Го искушуваат: "Дали е дозволено мажот да ја остави жената?" |
3. | А Тој им одговори, велејќи: "Што ви заповеда Мојсеј?" |
4. | Тие рекоа: "Мојсеј дозволи да и се напише разводна книга и да се отпушти." |
5. | Но Исус им рече: "Заради вашето закоравено срце тој ви ја напиша таа заповед. |
6. | Но, во почетокот на создавањето, Бог ги создаде како машко и женско. |
7. | Затоа човекот ќе ги остави татка си и мајка си |
8. | и двајцата ќе станат едно тело. И така, не се веќе две, туку едно тело. |
9. | Затоа, она што Бог го соединил, човекот да не го раздвојува." |
10. | И во куќата, учениците пак го прашаа за тоа. |
11. | А Тој им рече: "Кој ќе ја напушти својата жена и се ожени со друга, чини прељуба спроти неа. |
12. | И ако таа го напушти мажот и се омажи за друг, прави прељуба." |
13. | И Му носеа деца, за да ги допре, а учениците ги прекоруваа. |
14. | Кога, пак, Исус го виде тоа, негодуваше и им рече: "Оставете ги децата да дојдат кај Мене. Не бранете им, зашто на таквите им припаѓа Божјото царство! |
15. | Bистина ви велам, кој не го прима Божјото царство како мало дете, нема да влезе во него." |
16. | И ги гушна и ги благослови, положувајќи ги рацете врз нив. |
17. | Кога излегуваше на пат, притрча еден, клекна пред Него и Го праша: "Добар Учителе, што да правам за да наследам вечен живот?" |
18. | А Исус му рече: "Зошто Ме нарекуваш добар! Никој не е добар освен самиот Бог. |
19. | Ги знаеш заповедите: Не убивај! Не чини прељуба! Не кради! Не сведочи лажно! Не мами! Почитувај го таткото свој и мајката своја!" |
20. | Но тој Му одговори: "Учителе, за сето тоа се застапував од својата младост." |
21. | А Исус го погледна, му стана мило и му рече: "Едно ти недовтасува: оди, продај сè што имаш, и раздај им го на сиромасите, па ќе имаш богатство на небото! И дојди, следи Ме!" |
22. | А тој се натажи од овие зборови и си замина нажален, зашто имаше многу имот. |
23. | Исус погледна наоколу и им рече на учениците: "Колку е тешко богатите да влезат во Божјото царство!" |
24. | А тие се вчудовидоа од Неговите зборови. Но Исус пак проговори и им рече: "Чеда, колку е тешко да се влезе во Божјото царство! |
25. | Полесно и е на камилата да се протне низ иглени уши, отколку богат да влезе во Божјото царство!" |
26. | А тие се зачудија уште повеќе, велејќи си еден на друг: "Тогаш, кој може да биде спасен?" |
27. | Исус ги погледна и им рече: "За луѓето тоа е невозможно, но не и за Бог, зашто со Бог сè е можно!" |
28. | Петар почна да Му зборува: "Гледај, ние оставивме сè и тргнавме по Тебе!" |
29. | Но Исус, пак, одговори, велејќи: "Bистина ви велам: нема никој, кој ќе остави куќа или браќа, или сестри, или мајка или татко, или деца, или ниви, заради Мене и заради Евангелието, |
30. | а да не прими, сега стократно, во ова време: куќи, и браќа, и сестри, и мајки, и деца и ниви - со прогонства - а во идниот век, вечен живот. |
31. | Но мнозина први ќе бидат последни, а последните - први." |
32. | Кога одеа по патот, искачувајќи се кон Ерусалим, Исус одеше пред нив, а тие беа вџашени, додека оние кои Го следеа беа исплашени. И пак ги одвои дванаесеттемина и почна да им раскажува што ќе Му се случи: |
33. | "Еве, одиме горе во Ерусалим и Синот Човеков ќе им биде предаден на првосвештениците и на закониците и тие ќе Го осудат на смрт и ќе Го предадат на неевреите; |
34. | и ќе Му се ругаат, ќе Го плукаат, ќе Го камшикуваат и ќе Го убијат, а Тој по три дена ќе воскресне." |
35. | И Му пристапија Јаков и Јован, Зебедеевите синови, и Му рекоа: "Учителе, сакаме да направиш за нас сè што ќе побараме од Тебе." |
36. | А Тој ги праша: "Што сакате да направам за вас?" |
37. | Тие пак Му рекоа: "Дозволи ни да седнеме еден оддесно, а друг одлево до Тебе во Твојата слава!" |
38. | А Исус им рече: "Не знаете што барате! Можете ли да ја пиете чашата што Јас ја пијам или да бидете крштавани со крштавањето со кое Јас сум крштаван?" |
39. | Тие Му одговорија: "Можеме!" Но Исус им рече: "Ќе ја пиете чашата што Јас ја пијам и ќе бидете крштавани со крштавањето со кое Јас се крштавам; |
40. | но да се седне оддесно или одлево до Мене, тоа не го дозволувам Јас, а ќе им се дозволи на оние за кои е приготвено." |
41. | А десеттемина кога чуја, почнаа да негодуваат против Јаков и Јован. |
42. | Но Исус ги повика кај Себе и им рече: "Знаете дека оние што се сметаат за владетели на народите - господарат над нив; и дека нивните големци имаат власт над нив. |
43. | Но меѓу вас не е така. Кој сака да биде голем меѓу вас нека ви биде слуга! |
44. | А кој сака да биде прв меѓу вас, нека ви биде слуга на сите, |
45. | зашто и Синот Човеков не дојде да Му служат, туку да служи и да ја даде Својата душа за откуп на мнозина!" |
46. | И дојдоа во Ерихон. А кога излегуваше од Ерихон со Своите ученици и со едночудо луѓе, Бартимеј, Тимеевиот син, слеп питач, седеше крај патот. |
47. | И штом чу дека тоа е Исус Назареќанецот почна да вика, велејќи: "Исусе, сине Давидов, смилувај ми се!" |
48. | А мнозина му се закануваа да молчи, но тој викаше уште посилно: "Сине Давидов, смилувај ми се!" |
49. | Исус застана и рече: "Bикнете го!" И го викнаа слепиот и му рекоа: "Не плаши се! Стани, те вика!" |
50. | А тој ја фрли својата наметка, скокна и дојде кај Исус. |
51. | Исус пак проговори: "Што сакаш да направам за тебе?" А слепиот Му одговори: "Учителе, да прогледам!" |
52. | Тогаш Исус му рече: "Оди си - твојата вера те исцели!" И веднаш прогледа и тргна по Него, следејќи Го Неговиот пат. |
← Mark (10/16) → |