Mark (1/16) → |
1. | Почетокот на Евангелието за Исус Христос, Божјиот Син. |
2. | Како што е запишано кај пророкот Исаија: "Ете, Јас го испраќам Својот гласник пред Твоето лице, кој ќе го подготви Твојот пат; |
3. | гласот на оној, кој вика во пустината: 'Подгответе го патот на Господ, исправете ги Неговите врвици'." |
4. | Се јави Јован, крштавајќи во пустината и проповедајќи покајно крштавање за проштавање на гревовите. |
5. | И доаѓаа кај него од цела Јудеја и од Ерусалим, и од него беа крштавани во реката Јордан, при што ги исповедуваа своите гревови. |
6. | А Јован беше облечен во руба од камилски влакна и имаше кожен појас околу својата половина, и јадеше скакулци и див мед. |
7. | Тој проповедаше, велејќи: "По мене иде посилен од мене, пред Кого не сум достоен да се наведнам и да ги одврзам ремењата на Неговите сандали. |
8. | Јас ве крстив со вода, а Тој ќе ве крштава со Светиот Дух." |
9. | Bо тоа време, Исус од Назарет дојде во Галилеја, и беше крстен од Јован во Јордан. |
10. | И веднаш, додека излегуваше од водата, виде како небесата се отворија и како Духот слегува над Него како гулаб. |
11. | И се чу глас од небото: "Ти си Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја!" |
12. | Bеднаш потоа Духот Го одведе во пустината. |
13. | И беше во пустината четириесет дни, искушуван од сатаната. А беше меѓу диви ѕверови и ангели Му служеа. |
14. | А откако Јован беше предаден, Исус дојде во Галилеја, проповедајќи го Божјото Евангелие. |
15. | И зборуваше: "Bремето се исполни, и наближи Божјото царство; покајте се и верувајте во Евангелието!" |
16. | И одејќи крај Галилејското Море ги виде Симон и Андреј, братот на Симон, како фрлаат мрежа во морето - зашто беа рибари. |
17. | А Исус им рече: "Тргнете по Мене и Јас ќе направам да станете рибари на луѓе!" |
18. | Тие веднаш ги оставија мрежите и тргнаа по Него. |
19. | И кога одмина малку понатаму ги виде Јаков, Зебедеевиот син, и брат му Јован како во кораб ги крпат мрежите; |
20. | и веднаш ги повика. А тие, оставајќи го татка си Зебедеј со наемниците во коработ, тргнаа по Него. |
21. | И дојдоа во Капернаум; и веднаш во саботен ден Тој влезе во синагогата и поучуваше. |
22. | А тие Му се восхитуваа на Неговото учење, зашто ги поучуваше како некој кој има власт, а не како закониците. |
23. | Тогаш во нивната синагога беше еден човек со нечист дух, па извика |
24. | велејќи: "Ах! Што имаме ние со Тебе, Исусе Назареќанецу? Дали дојде да нè погубиш? Знам кој си Ти, Божји светец!" |
25. | А Исус му се закани: "Молкни и излези од него!" |
26. | И нечистиот дух го стресе, извика со силен глас и излезе од него. |
27. | И сите се вчудовидоа, па се прашуваа еден со друг, велејќи: "Што е ова? Ново учење - полно со власт! Тој им заповедува дури и на нечистите духови и тие Му се покоруваат!" |
28. | И веднаш се разнесе глас за Него на сите страни, по целата галилејска област. |
29. | И штом излегоа од синагогата, со Јаков и Јован дојдоа во куќата на Симон и Андреј. |
30. | А Симоновата тешта лежеше од треска, и веднаш Му кажаа за неа. |
31. | Тој и пристапи, ја фати за рака и ја поткрена. Тогаш треската ја напушти, па таа им служеше. |
32. | А приквечер, по зајдисонце, Му ги доведоа сите болни и опседнати, |
33. | па целиот град се собра пред вратата. |
34. | И исцели мнозина, кои страдаа од разни болести, истера многу демони и не им дозволи на демоните да зборуваат, зашто Го знаеја. |
35. | А изутрината, додека уште беше темно, стана, излезе и отиде на пусто место, и таму се молеше. |
36. | А Симон и оние што Го придружуваа поитаа по Него, |
37. | и кога Го најдоа, Му рекоа: "Сите Те бараат!" |
38. | Тој им одговори: "Да одиме во соседните села, да навестувам и таму, зашто за тоа и дојдов." |
39. | И дојде навестувајќи во нивните синагоги по цела Галилеја, и изгонувајќи ги демоните. |
40. | И дојде кај Него еден лепрозен, и на колена молејќи Го, Му зборуваше: "Ако сакаш, можеш да ме исчистиш." |
41. | И Тој се сожали, ја протегна раката, го допре и му рече: "Сакам! Биди чист!" |
42. | И веднаш лепрата го напушти и тој стана чист. |
43. | И предупредувајќи го строго, веднаш го пушти |
44. | и му рече: "Гледај, никому ништо да не си кажал! Туку оди, покажи му се на свештеникот и принеси го за своето исчистување она што го заповеда Мојсеј, ним за сведоштво." |
45. | А тој, штом излезе, почна да разгласува многу и да раскажува за настанот, па Исус не можеше веќе јавно да влезе в град; туку остануваше надвор, по ненаселени места; а кај Него доаѓаа од сите страни. |
Mark (1/16) → |