← Luke (9/24) → |
1. | Потоа ги повика дванаесеттемина и им даде сила и власт над сите демони, како и да исцелуваат болести. |
2. | И ги испрати да го навестуваат Божјото царство и да исцелуваат болни. |
3. | Им рече: "Не земајте ништо за пат: ни стап, ни торба, ни леб, ни пари! Ниту да имате по две облеки. |
4. | И во која куќа и да влезете, останете таму и оттаму тргнувајте. |
5. | И ако некои не ве примат, излезете од нивниот град, истресете си го правот од нозете, за сведоштво против нив!" |
6. | Тогаш тргнаа и одеа по селата, проповедајќи го Евангелието и исцелувајќи насекаде. |
7. | А тетрархот Ирод чу за сè што се случува и беше многу вознемирен, зашто некои зборуваа дека Јован воскреснал од мртвите; |
8. | други дека се појавил Илија; трети пак дека станал еден од старите пророци. |
9. | Ирод рече: "На Јован јас му ја отсеков главата, а Кој е Овој за Кого слушам такви работи?" И бараше да Го види. |
10. | А кога се вратија апостолите, Му раскажаа сè што направиле. И кога ги зеде со Себеси, се повлече насамо, спроти градот наречен Бетсаида. |
11. | Но штом народот разбра за тоа, тргна по Него. А Тој ги прифати и им зборуваше за Божјото царство и ги исцелуваше оние кои имаа потреба од исцелување. |
12. | А кога денот почна да одминува, дванаесеттемина Му пристапија и Му рекоа: "Испушти го народот да оди по околните села и населби, за да најде преноќиште и јадење, зашто тука сме на пусто место!" |
13. | Тој, пак, им рече: "Дајте им вие јадење!" А тие рекоа: "Немаме ништо повеќе од пет леба и две риби, освен да отидеме и да купиме храна за сиот овој народ!" |
14. | Зашто беа околу пет илјади мажи. И им рече на Своите ученици: "Нека испоседнат во групи по педесет!" |
15. | И така направија и ги поседнаа сите. |
16. | Тој ги зеде петте лебови и двете риби, погледна кон небото, ги благослови, ги раскрши и им даваше на учениците за да ги стават пред народот. |
17. | И сите јадеа и се наситија, и ги кренаа парчињата што останаа полни дванаесет кошеви. |
18. | Кога еднаш се молеше сам, а учениците беа со Него, ги праша: "Што вели народот, Кој Сум Јас?" |
19. | Тие Му одговорија: "Едни велат, Јован Крстителот, други Илија, а трети дека воскреснал некој од старите пророци." |
20. | Тогаш им рече: "А вие што велите, Кој Сум Јас?" Петар во одговор рече: "Божјиот помазаник!" |
21. | А Тој строго им заповеда никому да не го кажуваат тоа; |
22. | велејќи дека Синот Човеков треба да пропати многу, да биде отфрлен од старешините, од првосвештениците и од закониците, да биде убиен и да воскресне на третиот ден. |
23. | И на сите им зборуваше: "Ако некој сака да оди по Мене, нека се откаже од себеси и нека го зема својот крст секојдневно, и нека Ме следи! |
24. | Кој сака да ја спаси својата душа - ќе ја загуби, а кој ќе ја загуби својата душа заради Мене, тој ќе ја спаси. |
25. | Зашто, каква полза има човекот ако го добие целиот свет, а самиот себе се загуби или се упропасти? |
26. | Зашто, од оној кој се срами од Мене и од Моите зборови, и Синот Човеков ќе се срами од него кога ќе дојде во Својата слава и во славата на Таткото и на светите ангели. |
27. | И вистина ви велам, има некои меѓу овие што стојат тука, кои нема да вкусат смрт, додека не го видат Божјото царство." |
28. | А на околу осум дена по овие зборови, Тој ги зеде со себе Петар, Јован и Јаков и се искачи на гората да се моли. |
29. | И додека се молеше, Неговото лице се измени, а облеката Му стана бела и сјаеше. |
30. | И ете, два човека разговараа со Него; тоа беа Мојсеј и Илија, |
31. | кои се јавија во слава и говореа за Неговото заминување, што требаше да го изврши во Ерусалим. |
32. | А сон ги совлада Петар и неговите другари. И кога се разбудија, ја видоа Неговата слава и двајцата мажи кои стоеја со Него. |
33. | И кога тие се разделуваа од Него, Петар Му рече на Исус: "Господаре, убаво ни е да останеме тука. Да направиме три шатори: еден за Тебе, еден за Мојсеј, еден за Илија" - не сфаќајќи самиот што зборува. |
34. | И додека тој уште го зборуваше тоа, дојде облак и ги засени и се исплашија кога влегоа во облакот. |
35. | А од облакот дојде глас кој велеше: "Овој е Мојот Син, Мојот Избраник! Него Слушајте Го!" |
36. | Кога гласот заврши, Исус се најде Сам. Тие пак молчеа и никому ништо не кажуваа во тие дни за она што го видоа. |
37. | А на другиот ден, кога слегуваа од гората, Го пречека многу народ. |
38. | И ете, еден човек од народот извика: "Учителе, Те молам, да го видиш мојот син, зашто ми е единец! |
39. | Ете, дух го напаѓа и почнува одеднаш да вика, и го фрла во грч со пена на устата и кога ќе го нападне, одвај го напушта. |
40. | Ги молев Твоите ученици да го истераат, но не можеа." |
41. | Исус пак одговори и рече: "О, неверно и изопачено поколение, до кога ќе бидам со вас и до кога ќе ве трпам? Доведи го син ти тука!" |
42. | И додека му приоѓаше, демонот го кутна наземи и почна да го крши; но Исус го прекори нечистиот дух и го исцели момчето и му го предаде на татко му. |
43. | И сите се восхитија на Божјото величество. И додека сите беа вчудовидени од сето она што го направи, Тој им рече на Своите ученици: |
44. | "Чујте ги овие зборови: нека ви одѕвонуваат во ушите: 'Синот Човеков ќе биде предаден во човечки раце!" |
45. | Но тие не ја разбраа таа изјава, зашто беше скриена од нив, за да не ја разберат, а се плашеа да го прашаат за неа. |
46. | И се јави расправија - кој од нив ќе биде најголем? |
47. | А Исус, знаејќи ја мислата на нивните срца, зеде едно дете и го постави крај Себеси, |
48. | и им рече: "Тој што го прима ова дете во Мое име, Мене Ме прима. А кој Ме прима Мене, Го прима Оној Кој Ме прати; зашто, оној кој е најмал меѓу сите вас, тој е голем." |
49. | А Јован проговори и рече: "Господаре, видовме еден кој истерува демони во Твое име, и му забранивме, зашто не оди по нас." |
50. | Исус пак му рече: "Не бранете му. Зашто, кој не е против вас, тој е за вас." |
51. | А кога дојде време да се вознесе, Тој цврсто реши да отиде во Ерусалим; |
52. | и испрати гласници пред Себе. Тие заминаа и дојдоа во едно самарјанско село - да подготват место за Него. |
53. | Но таму не Го примија, зашто беше тргнал кон Ерусалим. |
54. | Кога го видоа тоа учениците Јаков и Јован, рекоа: "Господи, сакаш ли да заповедаме да слезе оган од небото и да ги истреби?" |
55. | А Тој се заврте и ги прекори, велејќи: "Bие не знаете со каков дух сте; |
56. | зашто Синот Човеков не дојде да погубува човечки души, туку да ги спаси." И отидоа во друго село. |
57. | И додека одеа по патот, еден му рече: "Ќе Те следам каде и да одиш." |
58. | Исус пак му рече: "Лисиците имаат дувла и небесните птици - гнезда, а Синот Човеков нема каде да засолне глава." |
59. | А на друг му рече: "Оди по Мене!" Но тој рече: "Господи, дозволи ми најнапред да појдам и да го погребам татко ми." |
60. | Но Тој рече: "Остави ги мртвите да ги погребуваат своите мртовци. А ти, оди и навестувај го Божјото царство! " |
61. | А трет рече: "Јас ќе Те следам, Господи, но дозволи ми прво да се збогувам со домашните!" |
62. | Исус пак му рече: "Никој, кој ја ставил својата рака на ралото, а погледнува наназад, не е достоен за Божјото царство." |
← Luke (9/24) → |