← Luke (8/24) → |
1. | Потоа, одеше по градовите и селата, навестувајќи и проповедајќи го Божјото царство. А со Него беа дванаесеттемина |
2. | и некои жени, кои беа исцелени од зли духови и болести: Марија од Магдала, од која беа излегле седум демони; |
3. | и Јоана, жената на Иродовиот управител Хуза, Сузана и многу други кои ги помагаа со лични средства. |
4. | Откако се собра едночудо народ и кога луѓе од сите градови дојдоа кај Него, Им рече во споредба: |
5. | "Излезе сејач да сее семе. И додека сееше - едно падна крај патот, го изгазија и небесните птици го исколваа. |
6. | Друго пак падна на камен, изникна и се исуши зашто немаше влага. |
7. | Трето падна сред трње и трњето, растејќи со него, го задушија. |
8. | А четврто падна на добра земја, изникна и донесе стократен плод." Кога го рече тоа, извика: "Кој има уши да слуша, нека слуша!" |
9. | А Неговите ученици Го прашаа што значи оваа споредба? |
10. | Тој им рече: "Bам ви е дадено да ги знаете тајните на Божјото царство; а на другите им се даваат во споредби, така што гледајќи, да не гледаат и слушајќи да не разбираат. |
11. | А оваа споредба значи: семето е Божјото слово. |
12. | Оние крај патот, тие го слушнале, потоа доаѓа ѓаволот и им го зема словото од нивните срца, за да не поверуваат и да не се спасат. |
13. | На камен се оние кои, штом ќе го слушнат, со радост го примаат словото, но ни тие немаат корен; веруваат некое време, но отпаѓаат во времето на искушенија. |
14. | Паднатото меѓу трње, тоа се оние кои слушале и кога ќе си отидат ги задушуваат грижите, богатството и световните наслади, и не донесуваат зрел плод. |
15. | А она на добрата почва, тоа се оние кои ќе го слушнат словото, го чуваат во добро и чисто срце и донесуваат плод со истрајност." |
16. | "Никој, кој запалил светилка, не ја покрива со поклопка, ниту ја става под леглото, туку ја става на свеќник, за да ја видат светлината оние кои влегуваат. |
17. | Зашто нема ништо тајно, што не ќе стане јавно, ниту скриено, што не ќе се разбере и излезе на видело. |
18. | И така, внимавајте како слушате! Зашто, кој има, ќе му се даде, кој нема, ќе му се одземе и она што му се чини дека го има." |
19. | Мајка Му и Неговите браќа дојдоа кај Него, но не можеа да Му се приближат поради множеството народ. |
20. | А некој Му јави: "Мајка Ти и Твоите браќа стојат надвор и сакаат да Те видат." |
21. | А Тој им одговори и рече: "Моја мајка и Мои браќа се оние кои го слушаат Божјото слово и го извршуваат." |
22. | А еден ден, Тој влезе во кораб со Своите ученици и им рече: "Да минеме од другана страна на езерово!" И отпловија. |
23. | А Тој заспа додека пловеа. Тогаш над езерото се спушти бура и коработ почна да се полни со вода, та се најдоа во опасност. |
24. | Дојдоа и Го разбудија, велејќи: "Господаре, Господаре! Гинеме!" А Тој се разбуди, го прекори ветрот и големите бранови и тие престанаа, па сè стивна. |
25. | А ним им рече: "Каде ви е верата?" А тие, уплашени, се чудеа и си рекоа еден на друг: "Кој е Овој што им заповеда дури и на ветровите и на водата, а тие Го слушаат?" |
26. | И допловија до Гадаринскиот крај, спроти Галилеја. |
27. | А кога излезе на копно, Го сретна еден човек од градот, кој беше опседнат со демони, и долго време не носеше облека, ниту живееше во куќа, туку во гробовите. |
28. | Кога Го виде Исуса, извика, падна пред Него и рече гласно: "Што имам со Тебе, Исусе, Сине на Сèвишниот Бог? Те молам, не мачи ме!" |
29. | Bсушност му беше заповедал на нечистиот дух да излезе од човекот, кого честопати го напаѓаше, така што го врзуваа со вериги и го држеа во окови, и го чуваа под стража, но тој ги раскинуваше оковите и демонот го гонеше по пустините. |
30. | Исус го праша: "Како се викаш?" Тој рече: "Легион", зашто многу демони беа влегле во него. |
31. | И Го замолија да не им наредува да одат во бездната. |
32. | А таму по ридот имаше големо крдо свињи што пасеа. Демоните Го преколнуваа да им дозволи да влезат во свињите и Тој им дозволи. |
33. | И откако демоните излегоа од човекот, влегоа во свињите, и тие се урнаа низ стрмнината во езерото и се удавија. |
34. | А кога свињарите видоа што се случи, избегаа и јавија за тоа во градот и по селата. |
35. | Луѓето излегоа да видат што се случи, па дојдоа кај Исус и го најдоа човекот од кого излегоа демоните како седи до Исусовите нозе, облечен и разумен, и се исплашија. |
36. | А очевидците им раскажаа како беше ослободен опседнатиот. |
37. | И сиот народ од Гадаринската околина Го замоли да си замине, зашто го опфати голем страв. Тој пак влезе во коработ и се врати. |
38. | А човекот од кого излегоа демоните Го молеше да остане со Него. Но Тој го отпушти, велејќи: |
39. | "Оди си дома и раскажувај какво големо нешто ти стори Бог!" И си отиде разгласувајќи по целиот град што му направи Исус. |
40. | А кога се врати Исус, народот Го пречека, зашто сите Го очекуваа. |
41. | И ете, дојде човек, по име Јаир, кој беше настојник на синагогата, падна пред Исусовите нозе и Го молеше да дојде во неговата куќа, |
42. | зашто имаше ќерка единица, на околу дванаесет години, која беше на умирачка. Кога одеше, народот се туркаше околу Него. |
43. | Една жена која страдаше дванаесет години од крвавење, а никој не можеше да ја излекува, |
44. | Му пристапи одзади и се допре до работ од Неговата наметка, и веднаш прекрати крвавењето. |
45. | А Исус рече: "Кој ме допре?" И додека сите одрекуваа, Петар рече: "Господаре, многу народ Те турка и притиска." |
46. | Исус пак рече: "Некој ме допре, зашто почувствував дека сила излезе од Мене." |
47. | А штом жената виде дека не може да се скрие, пристапи треперејќи, падна пред Него и кажа пред сиот народ, зошто се допрела до Него и како оздравела веднаш. |
48. | А Тој и рече: "Ќерко, твојата вера те исцели. Оди си со мир!" |
49. | Додека Тој уште зборуваше, дојде некој од куќата на настојникот и рече: "Ќерка ти умре, не додевај Му повеќе на Учителот!" |
50. | Штом Исус чу, му рече: "Не плаши се! Само верувај и ќе и биде добро." |
51. | А кога дојде во куќата, не дозволи никому да влезе со Него, освен на Петар, Јован и Јаков, и на таткото и мајката на девојчето. |
52. | Сите плачеа и тажеа по неа. Тој им рече: "Не плачете, зашто не е мртва, туку спие!" |
53. | Тие Му се потсмеваа зашто знаеја дека е умрена. |
54. | А Тој ја фати нејзината рака и извика: "Чедо, стани!" |
55. | Духот и се врати, и стана веднаш, и Тој нареди да и дадат да јаде. |
56. | Нејзините родители се стаписаа, а Тој им заповеда никому да не кажуваат за тоа што се случило. |
← Luke (8/24) → |